Мораториумот на градење во Општина Центар е една од смелите одлуки на Советот на Општината, иницирана од градоначалникот Саша Богдановиќ и претседателката Јана Белчева-Андреевска. Тоа и беше предизборното ветување до граѓаните – ставање ред во урбаниот хаос и подобрување на квалитетот на живот за граѓаните во Центар.
Но, „Зошто мораториум?, „Што значи мораториумот?“, „Која е неговата цел?“ и „Какви се неговите реперкусии?“, се само дел од прашањата кои си ги поставуваат многу од заинтересираните чинители. Кога се вели „чинители“ се мисли на сите кои некако ги засега одредена одлука или акција, независно дали се пасивни или активни, директни или индиректни учесници. Во овие чинители се многу субјекти и тоа:
– секој жител на Центар, но и секој корисник на тој простор;
– секој што сака да гради како сопственик на некоја парцела, но и секој во чија околина ќе се гради;
– секој заинтересиран инвеститор, но и секој кој сака да го види бенефитот од таа инвестиција;
– секој вклучен во изработка на проектна документација за идните градби, но и тој што треба да изврши контрола и да даде одобрение;
– секој вклучен во планирањето на просторот, но и тој што треба да изврши контрола и да даде мислење;
– секој што треба да донесе одредена општинска политика, но и тој што треба да ја спроведе;
но, и многу други.
Имајќи го ова предвид, објаснувањето и одговорите на актуелните прашања не се едноставни. Уште повеќе е тешко да се дадат едноставни и јасни одговори и поради немањето на целосна претстава, на скоро сите чинители, за сложениот процес на креирање на квалитетен живот и соодветен просторен развој.
„Зошто мораториум?“ Мораториумот го бараа граѓаните, првично граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“, станувајќи свесни за постојаното загрозување на условите и квалитетот на живот во делови од Општина Центар. Нивната здружена акција на запознавање со она што се планира, какви тоа проблеми може да изнедри и зголемувањето на свесноста дека сепак како граѓани секој има право да се вклучи во следење на креирање градски политики и иден просторен развој.
„Што значи мораториумот?“, основниот и единствен одговор е дека тој значи ургентно запирање на градењето и замрзнување на состојбата. Оттука мораториумот е инструмент со кој можеше да се обезбедува време за да се согледа состојбата на терен, но и да се прегледаат планските документи кои ја овозможуваат градбата.
„Која е неговата цел?“ – станува јасно кога длабински ќе се навлезе и осознае состојбата со условите за живот и загрозениот квалитет на живот во секој дел од Центар. Но, уште појасно кога темелно ќе се прегледаат важечките планови, како и во процес на донесување урбанистички планови. Инстинктивното размислување дека нешто не е во ред со урбанистичкото планирање и донесувањето одлуки за иден просторен развој, базично потекнува од неудобното чувство на секојдневно отежнување на животот и постојаното зголемување на проблемите со загадувањето, сообраќајниот колапс, загрозеното здравје, немање место во градинките и училиштата, немање здравствени установи на лесно достапни локации, губење на зеленилото, узурпирани и оградени простори и многу други.
Досега, не разбирајќи го мораториумот најмногу се алудира на „одземена можност за градење“, но всушност на прашањето „Какви се неговите реперкусии?“, одговорот е дека тој е добра почетна позиција за едно поинакво, похумано, пограѓанско, подемократско, потранспарентно, постручно, поетично согледување на вистинските состојби и планирање на идниот развој на Центар.
Ова сè може да се илустрира со досегашното искуство на Општина Центар и работата на градоначалникот, советниците и службите во локалната самоуправа. Имено, формиран е тим за евалуација на урбанистичките планови, формиран од надворешни експерти, членови на Советот, службеници од Општината одговорни за планирањето, млади архитекти и сл., кои на увид ги имаат сите документи кои се однесуваат на планирањето.
Тимот за евалуација интензивно работи на согледување на состојбите на терен и споредување и оценување на планираните услови за иден просторен развој на секој активен детален урбанистички план кој е ставен под мораториум. Изготвена е методологија за евалуација, која постојано се тестира и се усовршува, имајќи предвид дека досега ваква евалуација не е спроведена и е нова иако се состои од познати и стандардни урбанистички алатки и инструменти. Евалуацијата се презентира во извештај и истиот се доставува и презентира на градоначалникот и претседателката на Советот. Евалуацијата главно служи како основа за доработка, корекција, но и за одбивање на планови кои не соодветствуваат на квалитетен урбан развој.
За да се појасни зошто беше потребна ваква евалуација и со тоа да се покаже зошто беше потребен мораториумот како инструмент, ќе се илустрира со неколку клучни сознанија од досега направените евалуации на десетина детални урбанистички планови.
Генералните заклучоци се дека при изработка на планските документи:
– Не се почитуваат Законот за просторно урбанистичко планирање и правилниците кои произлегуваат од него како Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за поблиска содржина, форма и начинот на обработка на урбанистичките планови.
Се работи за сериозно нарушување и на професијата и низок квалитет на плановите дури ниту од технички аспект. За сериозноста на планерскиот аспект како одговорен акт, не може ниту да се разговара и етиката е сериозно нарушена.
– Не се почитуваат ниту, со закон пропишани, стандарди и нормативи од областите: заштита и спасување, заштита на животната средина, сообраќај и безбедност во сообраќајот, комунални услуги, заштита на културно наследство и сите останати кои се дел и ги опфаќаат сите аспекти на квалитетно живеење.
Со ова директно се влијае на нарушување на условите како и квалитетот на живот.
– Постојната состојба, односно состојбата на терен не е ниту оддалеку доволно антиципирана и ажурирана. Најчесто планот се изработува врз претходен план, со најчесто непознат степен на реализација. Се повикува во голем обем и на сомнително „стекнато право“, притоа не земајќи го со закон заштитеното јавно добро.
– Параметрите зададени во ГУП-от на Скопје, селективно се исполнуваат или не исполнуваат, со најголеми дискрепанци во бројот на предвидени жители. Во некои планови тоа е надминато дури девет пати. Надминување во планираниот број на жители според ГУП-от е евидентирано во сите прегледани планови, под изговор дека „Гуп-от е лош! и Тоа сите го знаат!“. А всушност се нема поголемата слика од демографскиот развој на градот, кој има негативни тенденции во однос на тоа што во дуп-овите се планира.
– Не се прави напор за добивање на сите потребни мислења од субјекти, повикувајќи се на пропишаното со закон „Ако не одговорат во даден рок, се смета за позитивно“. Со немањето мислење, на пример за прашања од областа на заштита и безбедност, директно се влијае на можноста од губење човечки животи и големи материјални штети. Во најмала рака, со недобивањето мислење за инфраструктурата, директно на граѓаните им се нанесува штета во смисла на создавње услови за немање вода, струја, одведување на отпадни води и отпад и сл. Тука е и нетретирање на мислењето врзано за обезбедени градинки, училишта, амбуланти, услови за заштита на животната средина.
– Одлуки за користење на земјиштето кои се во корист на инвеститори, на сметка на квалитетот на живот на граѓаните. Често земјиштето кое е на Република Македонија „лесно“ се „доделува“ на навидум непознати субјекти, со образложение дека така наложуваат законите или пак креативниот акт на планерот.
– Сите планови се соочени со добивање повеќекратни забелешки од релевантните тела и институции (Комисија за урбанизам при Општина Центар, Комисија за урбанизам при Град Скопје, Министерство за транспорт и врски). Планерите не одговараат на забелешките, не прифаќаат, но не постапуваат. Тука спаѓаат и неусогласености со Агенцијата за катастар на РМ.
– Решенијата, односно понудените плански решенија, се проблематични од разни аспекти и тешки за согледување. Обременети се со спротивности со ГУП-от, исполнување на поединечни желби на сопственици, но попроблематични се решенијата во корист на „моќни“ инвеститори.
– Недостаток на издржани инвентаризации, анализи, заклучоци, јасно поставени плански програми, оценки на капацитетот на планските опфати, оценка на можности, проверка на варијанти и барање најдобро решение. Планските документи обилуваат со небулози во овие делови и се препишува од план во план, без притоа да се воочи специфичноста на секој поединечно. Често невнимавањето оди дотаму што информациите се однесуваат на некој друг град. Ваквите случаи упатуваат дека иако планските документи поминуваат низ повеќе филтри, често не се проверуваат во целост, а ова пак упатува на лошо поставен процес на донесување планови, немање јасни процедури и декларирани одговорности.
– Планирањето на просторниот развој на Општина Центар е нерамномерен и со тоа нерамноправен. Граѓаните не се со еднакви позиции и можности. Некои четврти се заложници на наследени одлуки, но за жал и новите решенија не го решаваат проблемот. Други пак, се препознати како атрактивни и дополнително се натрупуваат, а тоа во иднина ќе се врати со намален квалитет на живот. Недостига сериозна економска анализа, но оваа алка во урбанистичкото планирање не само што е слаба, туку и ја нема. Урбанистите сосема паушално проценуваат што е економски бенефит.
– За правото на достојно живеење и зголемување на квалитет на живот, во плановите ниту се размислува, ниту е предмет на сериозна професионална работа. „Квалитетот на живот“, според вклучените во процесот на изготвување урбанистички планови е категорија која ја нема доволно објаснето законодавецот и не обврзува. Животот, правото на лесна достапност, сонце, чист воздух, слободен поглед кон околината, каде да се фрли домашниот отпад, не се предмет за работа на планерите????
Секако секој план има свои специфики и не сите од генералните забелешки се однесуваат на секој, но со длабинска анализа, за секој план посебно, дополнително се покажува кој план со што се соочува. Но, забелешките покажуваат една исклучително алармантна состојба со планирањето, но и со креирање на политики за просторен развој.
Како што може да се види, „мораториумот“ е корисен и треба да се поддржи. Дава време за стабилизација на состојбите и смирување на интензивното и хистерично пополнување на „секоја дупка“, со објект. Дава време за сериозна анализа, проценка на досегашните штети и намалување на штетите кои новите понудени решенија ќе ги создадат. Секој детален план треба да се евалуира и да се пренасочи во правец на поквалитетно изработен документ за поквалитетен и достоен за граѓаните живот.
За жал, мораториумот има и свои непријатели, а тоа се: незнаењето, несфаќањето, неправењето разлика што е тоа „квалитетен животен простор“, шпекулантско и примитивно урбанистичко планирање, притисоците од т.н. „урбана мафија“, која за жал не е мит, поплаките од граѓани и сл.
Но, за среќа совеста и моралот на поддржувачите на мораториумот и оние кои го одржуваат, е на високо ниво и се истрајни во заложбите за „ЗДРАВЈЕТО ПРЕД ПРОФИТОТ!“ и Општина за граѓаните!
Автор: вонр. проф. д-р Дивна ПЕНЧИЌ