Шеесеттите и седумдесеттите години на 20 век се многу важен период за Монтреал. Период во кој беа реализирани повеќе големи проекти, како новиот метро систем, неколкуте нови облакодери во центарот на градот … период во кој се случија два големи светски настани, преку кои Монтреал го привлече светското внимание и го заслужи називот Културна метропола на Канада. Тоа е период на движењето на либерализацијата и отворање кон светот.
ЕКСПО 67, ПРВ ГОЛЕМ НАСТАН, ВИЗИОНЕРСКА АРХИТЕКТУРА АТРАКТИВНА И ДЕНЕС
Една од најголемите светски универзални изложби, организирана во чест на стогодишнината на Канадската конфедерација, се одржа од април до октомври 1967 година, во Монтреал. Со рекордна посетеност на повеќе од 50 милиони посетители и учество на 62 странски земји, таа се смета за најуспешна светска изложба во 20 век. Изложбата беше наречена „Човекот и неговиот свет“, по зборовите на Антоан де Сент – Егзипери (Antoine de Saint-Exupery, 1900 – 1944) од романот „Земјата на луѓето“ („Terre des homes“, 1939, наградена со Grand Prix за роман на Академијата на Франција и награда National Book Award од САД). Една од главните теми на изложбата беше домувањето. Од убавите павилјони кои беа изградени за Експо 67, ќе се осврнам на два, кои се атрактивни и денес, скоро 50 години после нивното создавање.
Биосфера
Првиот објект е Биосферата, поранешен павилјон на САД, архитектонско ремек-дело и симбол на Експо 67. Се оценува како најуспешен павилјон на изложбата, со вкупно 5,3 милиони посетители за време на шестмесечниот период на Експо 67. По завршувањето на изложбата, владата на САД ја подарила Биосферата на градот Монтреал. Проектот е дизајниран и создаден од Ричард Бакминстер Фулер (Richard Buckminster Fuller, 1895 – 1983), архитект, инженер, иноватор, футурист, кој ја започнал својата кариера во 1920 година, преку функционалниот архитектонски пристап, чистотата на формата и економија на средствата. Неговото космичко и холистичко разбирање на универзумот и нашето место во него, го водело кон проучување и користење на технологијата за подобрување на животот на човештвото. Биосферата е синтеза на неговата филозофија и уметност. Преку геодетски дизајн изграден од триаголници, кои според него се совршена форма (форма на молекуларни соединенија, врски кои припаѓаат на алотропни форми на јаглерод, кои сега се нарекуваат фулерени во негова чест), тој покажал дека е можно да се создаде простор користејќи само една петина од материјалите, што вообичаено се користат во конвенционалната архитектура. Создал стабилна структура, естетски префинета.
Биосфера
Биосферата во Монтреал е лоцирана во паркот Жан Драпо (Parc Jean-Drapeau), на островот Света Елена (Saint Helen). Со структура која е повеќе од 75% сфера, таа е најголем објект од ваков вид и најкомплицирана од сите куполи на Фулер. Сферичниот дијаметар на куполата е 76 метри, а висината 62 метри. Сферата е оформена од затворена челична структура. Се користат тридимензионални единици, триаголна од надвор и шестаголна од внатре, свиткани за да се добие обликот на купола (¾ од сфера). Обвиена е со транспарентна надворешна обвивка, составена од околу 1.900 затемнети акрилни панели. За контрола на внатрешната температура, искористен е сложен систем на нијанси. Импресивна енергетска ефикасност се обезбедува со комбинација на геотермален систем и врвни технологии, кои, во споредба со конвенционалните електрични опции, покажуваат намалување на користењето на енергија од 459 MWh (приближно 21%) на годишно ниво, што е значајно поради специфичната архитектура на објектот и северната клима во Канада. Со 37-метарски ескалатор, најдолг изграден во тоа време, обезбеден е пристап до седум нивоа. Во 1976 година, за време на реновирање на објектот, акрилната обвивка била уништена од голем пожар, но челичната структура останала. Објектот бил затворен се до 1990 година. Од 1995 година во објектот е отворен првиот Интерактивен музеј, единствен во Северна Америка, посветен на водата и на животната средина, со цел да се подигне свеста за реката Сен Лоренс и екосистемот на Големите Езера. Редизајнирањето на ентериерот, во согласност со оригиналните планови на Фулер, изработено е од архитектот Ерик Готје (Eric Gauthier), кој е избран на конкурс. Со збир на затворени простори дизајнирани во внатрешноста на оригиналната челична конструкција, музејот нуди интерактивни активности и изложби за еколошки прашања поврзани со водата, климатските промени, воздухот, еколошки технологии и одржлив развој.
Хабитат 67
Вториот проект е амбициозниот станбен објект Хабитат 67, кој како еден од главните симболи на Експо 67 доби светски признанија. Беше нарекуван „фантастичен експеримент“ и „архитектонско чудо“. Проектот на тогаш младиот студент по архитектура на Универзитетот Мек Гил во Монтреал, Моше Сaфдиe (Moshe Safdie, 1938), беше оценет како револуционерен концепт на урбано живеење. Редефиниција на сè што се очекуваше од урбана заедница. Визија на градовите на иднината. Тој претставуваше модификација на „стан на една фамилија“, кој лесно и прегледно егзистира во градска, густо населена средина. Беше еден од најважните објекти во 60-тите години, модел на заедница и на станбен комплекс. Основната форма на Хабитат 67 е коцката.
Хабитат 67, ентериер
Симбол на мудроста, вистината, моралната совршеност, во спознавањето на нашето потекло, нашата цивилизација. Во материјална смисла, коцката е симбол на стабилност. Идејата била, со проектот Хабитат 67 да се понуди „дел од рајот“ за секого. Изградени се 354 коцки, кои поставени една над друга формираат 146 станбени единици. Карактеристики на објектот се: варирање на 15 модели со една или пет коцки, поглед на три страни на светот, станбени површини од 58 до 279 м², приватни тераси со површина од 21 до 93 м², различни нивоа за пристап, шест лифтови, централно греење и климатизација. Коцките поставени помеѓу градот и реката, помеѓу зеленилото и светлината, помеѓу небото и земјата, создаваат гигантска скулптура.
Лоциран на прекрасниот полуостров Cité du Havre, овој 12-катен објект и денес гордо стои пред старото пристаниште на Монтреал. Целосно опкружен со светлото на градот, силуетите на мостовите, мирисот на јаворите, воздухот на реката и на небото. Хабитат 67 беше сам по себе настан во тоа време. А остана и денес. И после скоро 50 години, сè уште сјае. Се смета за икона, архитектонски белег и еден од најпрепознатливите и најзначајни објекти во Монтреал и Канада. Се оценува двојно. За негов успех се смета редефинирањето на урбаното живеење, а за неуспех тоа што не успеа да се револуционизира монтажниот, модуларен систем за изградба на станови, кој беше замислен. Една од причините беше цената по единица (околу 140.000 $), која излезе поголема од првобитните предвидувања.
Сепак, архитектот Моше Сaфдиe, дури и денес, после скоро половина век од големото достигнување во младоста, се држи до фундаменталниот концепт во неговиот дизајн, посебно во областа на домувањето со висока густина, и подобрување на социјалната интеграција преку архитектурата, што стана синоним на неговата работа и инспирација на други архитекти. Денес тој е познат архитект со светска слава и убава кариера, чиј главен квалитет во работата е на нештата да им даде знак на вечност.
Биодом, Олимписки парк
ОЛИМПИСКИ ЛЕТНИ ИГРИ 1976, ВТОР ГОЛЕМ НАСТАН ВО 20 ВЕК
За потребите на Олимписките летни игри во 1976 година, како главна спортска арена, беше изграден најголемиот стадион во Канада, лоциран во Олимписки парк во Монтреал. Проектант на Олимпискиот стадион и на целиот Олимписки комплекс е францускиот архитект Роже Таибер (Roger Taillibert, 1926), кој работи пред сè во областа на спортски објекти и инфраструктура. Познат е по проектот на Паркот на принцовите во Париз и, секако, по Олимпискиот стадион во Монтреал.
Олимпискиот стадион или „Големото О“, изграден како главен стадион за летните Олимписки игри 1976 година, е еден од најневообичаените и најконтроверзни стадиони во историјата, со неконвенционална, долга и проблематична градба. Станал една од најпознатите градби во светот, благодарение на својот уникатен дизајн на органска архитектура со форми кои произлегуваат од животинскиот и растителниот свет. Го нарекуваат „Големото О“, а некои го викаат и „Големиот долг“, поради астрономското чинење на стадионот и на Олимписките игри во целост. Главен украс на „Големото О“ е кулата на стадионот, висока 175 метри, која е највисока коса кула во светот и шести по висина објект во Монтреал. Стадионот е со најголем број седишта во Канада. Во моментов работи како повеќенаменски објект (спорт, концерти, саеми), со постојан капацитет од 56.040 седишта.
Комплексот во Олимпискиот парк, изграден на локалитет со површина од 60 хектара, во источниот дел на градот, покрај Олимпискиот стадион вклучува и други објекти, како Олимпискиот базен кој е дел од поголем центар за пливање, со капацитет на гледачи од 3.012 седишта. Почнувајќи од 2014 година, аква комплексот беше затворен поради реновирање. Отворен е во мај 2015 година, со модернизирана рецепција и зона за одмор, бутици, брза храна … Тука се и поранешниот Олимписки велодром, кој од 1992 година е пренаменет во Биодом, (Музеј на природата), кој вклучува Инсектариум, Ботаничка градина, една од најголемите во светот, и Планетариум… како и голф клубот и две пирамидални кули изградени како Олимписко село за спортистите, кои сега служат како станови и деловни простории.
МАКЕДОНЕЦ ГО САНИРАЛ ОЛИМПИСКИОТ СТАДИОН
Кон крајот на 1991 година, на стадионот почнале да се појавуваат проблеми. Една ивична греда паднала и се појавиле пукнатини на платното што го покрива. Од тогаш па сè до 2005 година, професорот Тодор Барутчиски, дипломиран градежен инженер наш Македонец, кој тогаш се пензионирал, се ангажирал околу „лекувањето“ на сериозните проблеми на стадионот. Тој раководел со екипа од инженери и техничари, која ги изработила сите технички решенија, според кои успешно е реализирано санирањето на стадионот. Секако дека изведување на толку сериозна техничка интервенција, на објект со ваква големина, технички карактеристики и значење, заслужува повеќе внимание, простор и посебен напис, што би било многу интересно за нашата професионална и стручна јавност.
РАЗНОВИДНОСТ ВО УНИКАТНОСТА НА АРХИТЕКТУРАТА
Монтреал е град со многу архитектонски знаменитости, уникатни во нивната разновидност. Објекти кои заслужуваат посебно внимание.
Place Bonaventure
Ќе спомнам само некои од објектите што се значајни за модрената архитектура на градот:
Place Bonaventure, деловен, изложбен и хотелски комплекс со површина од 288.000 м² и висина од 12 ката, во центарот на Монтреал, дизајниран во стил на брутализам. Во времето кога е завршен (1967) бил втор по големина деловен објект во светот. Во 1998 година Place Bonaventure е редизајниран. Цената на чинење била 60 милиони канадски долари.
Westmount Square
Од истиот период е и станбено-деловниот комплекс Westmount Square, проектиран од Лудвиг Мис ван дер Рое (Ludwig Mies van der Rohe, 1886 – 1969), во интернационален стил. Изградбата е почната во 1964 година. Комплексот е отворен на 13 декември 1967 година.
Спомнатите објекти, како и многу други убави објекти, архитектонски знаменитости на градот (кои поради ограничениот простор не се опфатени), изградени во периодот на 60-тите години и подоцна, придонесоа Монтреал да биде избран за „Град на дизајнот“ на УНЕСКО. Во 2006 година, Меѓународната дизајн заедница, му одаде признание на градот, прогласувајќи го за светска престолнина на дизајн. Градот се приклучи на мрежата на „Креативни градови“ основана од УНЕСКО во 2004 година. Денес, кога повеќе од половина од светската популација живее во градовите, концептот на „Креативни градови“ се базира на верувањето дека културата може да игра важна улога во урбаното обновување.
Монтреал, кој е космополитски град со население со различни емигрантски корени, зрачи со голем потенцијал за економски и социјален развој, поддржан од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, преку дизајнот како движечка сила која дејствува во областа на внатрешниот дизајн, графичкиот дизајн, модата и архитектурата. Во Монтреал има четири универзитети со образовни програми за дизајн, архитектурата и урбанизам.