Оваа 2020 година е обележана со пандемијата што се чини дека не стивнува, па многумина гледаат спас во вакцините за кои се зборува веќе некое време. Многу земји веќе порачаа одредени количини и се планира наскоро да се почне со вакцинирање на населението.
Италија, меѓу најпогодените земји кога станува збор за вирусот, треба да почне со вакцинирање во јануари. Од таа причина, дизајнирани се монтажни павилјони, кои ќе служат како места каде што ќе се примаат вакцините.
Овие монтажни единици ќе бидат изработени од дрво и ткаенина и ќе бидат поставени на плоштади низ цела Италија. Планирано е да се инсталираат 1.500 од овие структури во наредните месеци. Единиците во основа имаат кружна форма – структурата е направена од дрво, додека обвивката е изработена од ткаенина отпорна на вода што може целосно да се рециклира. Внатре, просторите се одделени со систем на флексибилни ѕидови од ткаенина, кои се транспарентни и апсорбираат звук.
Стефано Боери ги дизајнираше монтажните павилјони за да можат лесно и брзо да се постават, но и да се расклопат и да се пренесат на друга локација, бидејќи целта е да се зголеми капацитетот на местото за вакцинација и да се забрза целиот процес. Идејата да се биде на плоштадите низ цела Италија потекнува од фактот дека Италијанците сакаат да го поминуваат времето надвор на јавни места.
Внатрешноста на павилјонот ќе биде организирана околу централниот дел, по која ќе има зони за сместување на здравствените работници, вклучително и тоалети и соблекувални. Конструкцијата е дизајнирана да биде енергетски самоодржлива, на што ќе и помогне прстен изработен од соларни панели на покривот, дизајниран да обезбеди доволно електрична енергија за потребите на целиот павилјон.
Големи, розови цвеќиња ќе се најдат на надворешните sидови и конструкцијата на покривот, што треба визуелно да го означи идниот „цут“. Целта е да се пренесе симболиката на спокојство и регенерација со овој пролетен цвет. Графичкиот дизајн на Боери за цвеќе ќе се користи како лого за кампањата за вакцинација на земјата под слоганот „Со цвет, Италија се враќа во живот“.
Проектот за поставување на монтажни павилјони беше нарачан од Доменико Аркури, специјалниот комесар за итни ситуации Ковид-19 во Италија. Тој изјави дека значителен број Италијанци кои сакаат да се вакцинираат ќе го постигнат тоа до септември 2021 година.