Над 700 алпинисти, туристи и високогорските водичи Шерпаси, кои секоја година минуваат над два месеци на падините на Еверест во текот на сезоната за искачување, оставаат зад себе големи количини секаков отпад меѓу кои и измет, а проблемот сè уште не може да се реши бидејќи дури минатата година е донесен пропис според кој секој што се враќа од Монт Еверест мора да врати најмалку осум килограми отпад, вклучувајќи го и горенаведеното.
Непалската влада има намера да ги заостри прописите со цел да се исчисти планината и да се доведе во беспрекорна, недопрена состојба на снежната убавина како во времето кога во 1953-та Hillary и Tenzing првпат стапнаа на врвот. Од почетокот на оваа сезона ќе се следи грижата за отпадот на сите учесници, а ќе мораат да платат и 4.000 долари депозит.
Првите освојувачи останале занемени од „најосаменото место на светот, ледената пустина без кислород сместена на скоро 9.000 метри надморска височина“. Но денес, сите стандардни рути за освојување на врвот се пренатрупани со отпад. Најголем дел од овој отпад го собираат висинските носачи во вреќи и го пренесуваат во ископана јама во близина на едно село на 4.900 метри надморска височина.
Во последните 62 години, над 4.000 луѓе го освоиле врвот. Тие што успеале но и оние што не успеале и чиј број е далеку поголем, поминуваат во просек два месеци на планината, постепено се аклиматизираат и напредуваат од базниот до јуришниот логор пред врвот. Најголемата гужва, па така и загаденоста е најголема околу базниот логор, но тој отпад е полесно да се транспортира во долината. Состојбата е најкритична на висинските логори, каде целиот отпад најчесто останува трајно на планината.
Од 2008 година за чистотата на Еверест се грижат доброволци, учесници во експедициите на кои третирањето на отпадот им е единствена грижа. Отпадот веќе станува и здравствена закана по учесниците во експедициите. Многумина признаваат дека топењето на снегот и превривањето на водата за пиење не е веќе сигурен метод. Од една страна, снегот е загаден со фекалии, а од друга страна, пак, и превривањето со оглед на пониската температура на вриење на тие височини не е доволна за уништување на бактериите и другите загадувачи.
Една група непалски уметници неодамна собрале 1,5 тони ѓубре од Еверест, вклучувајќи и делови од срушен хеликоптер. Овој отпад го преобразиле во 74 уметнички дела.