Долг период наназад минимализмот е навлезен во секој сегмент на архитектурата и во уредувањето на ентериерот, па така е присутен и посакуван во сите делови на светот.
Една таква куќа го најде своето место на карпа, оставајќи впечаток како да плови односно лебди, а овој огромен проект на Медитеранот го потпишува шпанското архитектонско студио Fran Silvestre. Од студиото велат дека во проектирањето и изградбата исклучително ја почитувале топографијата на самото место, а како резултат на тоа добиле монолитна бела минималистичка куќа за одмор, која совршено се вклопува во постоечкиот медитерански амбиент.
Потенцирана е со белина во сите сегменти, без разлика дали се работи за ентериер или екстериер, има прекрасен поглед на морето, а неизоставен е и базенот кој само дополнително ја нагласува убавината на целиот проект. Она до што сигурно архитектите се држеле е системот за осветлување, што е особено видливо кога куќата се набљудува од надвор во темнина.