Во овој претпразничен период, веќе почнува сезоната на мирисните и декоративни свеќи. Сепак, Вашата омилена свеќа може да предизвика многу поголема штета отколку што сте можеле да замислите. Во време на силни медиумски влијанија, агресивни кампањи на луксузни брендови кои ги промовираат своите мирисни ноти, воопшто не изненадува што продажбата на ваквите свеќи е во постојан пораст. Повеќето произведени свеќи се направени од парафински восок, што е нуспроизвод во процесот на рафинирање на нафтата. Кога ќе се запалат свеќите, се ослободуваат супстанции како толуен и бензен кои ги вдишуваме. Во студијата која ја спровел државниот универзитет во Јужна Каролина, научниците ги споредиле штетните емисии кои ги испуштаат свеќите на база на нафта и свеќите од растително потекло.
„Парафинските свеќи кои ги тестиравме, испиштаа штетни хемикалии во воздухот. За личноста која често користи вакви свеќи, вдишувањето на опасните хемикалии од воздухот може да допринесе за развој на сериозни здравствени проблеми, како карцином, алергиски реакции или астма. Од друга страна пак, свеќите од растително потекло не испуштале токсични хемикалии“, вели Рухулах Масуди, професор по хемија на Државниот универзитет во Јужна Каролина.