Насловна / Вести / Молови – бетонски уништувачи на одржливите заедници

Молови – бетонски уништувачи на одржливите заедници

Затворените трговски центри (молови) стануваат сеприсутна појава и клучен дел од модерното општество, нудејќи лесна пристапност, разновидност и забава под еден ист кров. Многумина сметаат дека моловите се физичка претстава на човековата култура во последниот век, односно физичка локација каде човекот може да ги задоволи најважните потреби: пазарување и храна. Моловите се симбол за модерниот консумеризам.
Но, зад силните светлечки реклами, евтините ресторани за брза храна, уредените модни бутици и центри за забава се наоѓа скриеното и криптичко влијание на овие бетонски мамути. Нивното влијание врз животната средина. Овие огромни, бетонски џинови кои го заземаат урбаниот пејзаж, повеќе не се симбол за урбан развој, економски просперитет и удобност, туку центри на силна употреба на природни ресурси, огромна енергетска потрошувачка и раздор за локалната заедница, малите бизниси и економијата.

3

Моловите – товар врз животната средина

Моловите како објекти и проекти се карактеризираат со масивни инфраструктурни зафати и промени на земјиштето што со себе носат значаен еколошки отпечаток. Еколошки отпечаток е влијанието на моловите врз животната средина целокупно. Во фазата на изградба се практикува интензивно и агресивно чистење на земјиштето, што често води до уништување на живеалиштата и загуба на биолошка разновидност. За изработката и обработката на материјалите кои се користат за градба се испушта огромно количество на јаглерод и други стакленички гасови. Доколку се работи за изградба на молови во интензивни и густо населени урбани средини, гасовите од градежните машини прават „жешка точка“ на загадување низ целата градежна фаза, што остава и историско загадување на почвата во околината. Оперативната фаза на моловите има потреба од огромни количества на енергија потребни за осветлување, греење, ладење, вентилација што дополнително го зголемува нивниот потрошувачкиот енергетски буџет. Во најголем дел од светот, моловите сè уште ја добиваат оваа енергија од необновливи фосилни горива со што дополнително се придонесува кон загадувачкиот индекс.

Потрошувачката природа на моловите оди и преку основното искористување на енергија за изградба и одржување на градбата. Овие центри имаат и потреба од огромна количина на свежа вода што се користи за санитарија, пејзажно уредување и ладење со што значајно се влијае врз локалната потрошувачка за вода. Ова е особено значајно и важно во региони со суви клими и подрачја. Иако постојат примери за цели градови и населби на Блискиот Исток и Азија кои се фокусирани исклучиво кон оваа форма на урбан развој, цената која ја плаќаат за тоа се брои во огромни количини на фосилни горива кои само го забрзуваат уништувањето на животната средина на долг рок.

1

Со цел моловите да се секогаш снабдени и полни за да ги задоволат потрошувачките, психолошки навики на клиентите, тие мора да имаат силна развиена мрежа на дистрибутери кои постојано ќе носат стока за надополнување на полиците. Ова значи дека моловите стануваат и значаен транспортен центар, каде во различни периоди во денот се зголемува фреквентноста на транспортни возила што само прави уште една „жешка точка“ на локална загаденост на издувни гасови што директно влијае врз квалитетот на живот на локалното население.

Моловите не се само центри на консумеризам, туку тие се и центри на загадување и отпад. Исклучиво поради фреквентноста што следува со изградба и работа на моловите, тие се произведувачи на огромни количества на отпад и отпадни води. Количествата на цврст отпад, остатоци од храна како и вода употребена за санитариите се слични како оние на мали градови. Низ светот, со цел да ја зголемат својата маркетинг-вредност, моловите се обидуваат да внесат одржливи шеми за рециклирање и намалување на отпад, но сето ова е со дискутабилна успешност. Иако во последните години, под промени на националните закони за отпад и употреба на пластика, полека се намалува користењето на пластична амбалажа за еднократна употреба, сепак сè уште моловите се едни од главните произведувачи, но и дистрибутери на пластика за еднократна употреба.

7

Изградбата на молови не е урбан развој

Изградбата на молови може да има значаен придонес кон економскиот развој во локален контекст. Моловите, особено во првите години од оперативната фаза привлекуваат многу посетители со што имаат брза оперативна заработувачка. Отворањето на молови значи и отворање на нови работни места и намалување на невработеноста на локално ниво. Дополнително, градбата на моловите води до локален урбанистички развој каде што моловите заземаат централно значење околу кои се развиваат новите урбанистички планови и населените места. Но, исто така молот претставува и еден интензивен и инвазивен објект во локалната заедница, кој докажано ги уништува малите, локални и семејни бизниси кои не може да се натпреваруваат со конкурентноста на цените со сличните понудувачи во рамки на моловите. Иако работни места се отвораат, сепак и тие се ограничени и не се работни места кои се особено високо платени и чија природа на работа е релативно нестабилна или експлоатирачка. Моловите се типично автомобилско-центрични објекти кои промовираат употреба на автомобили преку изградба на големи паркинг-простори и гаражи кои принудуваат употребување на автомобили за транспорт од домовите до моловите. Градењето на мол, никако не смее да се разбере како урбан развој, особено не во контекст на модерните градови чија главна особина треба да е одржливоста.

Отворањето на молови може да има своја предност, секако доколку тие се изградени и функционираат на одржлив, модерен и свесен начин. Ова особено може да придонесе до мал развој на запуштени делови на маргините во градовите, каде што не постои свесно развиена економска платформа за пазарување и социјализација, но секако ова не смее да влијае врз социјалното и културното ткиво на локалната заедница.

6

Изградбата на молови може значајно да го измени урбаниот пејзаж и да влијае врз зголемен урбан развој особено на помалку развиените заедници и делови од населените места. Многу често изградбата на моловите е дел од еден поголем урбанистички опфат кој подразбира т.н. ревитализација на неразвиени, запуштени или опасни делови од градовите. Многу често, плановите за нови, поголеми молови се претставуваат како „катализатор“ на инфраструктурен напредок и чекор кон развој на заедницата. Токму поради тоа, нивната изградба често се користи како политички токен кој се подава кон гласачите за време на локалните избори, нудејќи ги моловите како физичка претстава на напредокот во општеството. Ова секако е еуфеминистичкото гледање кон моловите. Секако, преку критичен пристап ќе можеме да видиме, дека често моловите не нудат многу за заедниците освен целосно разнишување на еколошкиот, урбанистичкиот како и на социјалниот modus operandi на заедницата.
Доколку се земе за пример западнобалканскиот регион особено Македонија, плановите за моловите се претставени како добро дизајнирани, зелени и пријатни места за пазарување и рекреација, но веднаш по отворањето се добива вистинската слика на бетонски, кичести хали со мала или никаква социјална вредност.

5

Трговски духови од минатото

Иницијативи за градење на огромни молови, трговски центри и канцелариски и бизнис- објекти во 2024 не само што се ретардирани во смисла на застарени и уназадени идеи туку економијата и социологијата велат дека се веќе непотребни. По економската криза во САД (2008) и во Западна Европа по пандемијата, масовно се затвораат молови и големи трговски центри, поради намален интерес наречен синдром „Dead mall“. Ова е појава каде објектите остануваат празни и напуштени поради слаба рентабилност или промени во урбаните социјални контексти. Ова само го забрзува природното стареење на моловите кои поради природата на нивната форма и градба брзо се амортизираат и ја губат вредноста. Оваа појава на девалвација на моловите се забрзува со градење на нови. Изградбата на нови молови, каскадно го намалува интересот за претходните, додека оние првите стануваат нерентабилни или се затвораат, оставајќи трајни промени врз изгледот на средината. Но, напуштањето на моловите доаѓа од промените на економските и купувачките навики на потрошувачите. Со развојот на интернет- продажбата, брзата достава до домашна адреса како и неспоредливо поголемиот дијапазон на продукти, моловите сосема ја губат својата побарувачка вредност. Ова може да се потврди со тоа што сè повеќе луѓето пазарат онлајн и работат од дома на светско ниво. Оваа промена во однесувањето не се смета за привремена, тесно поврзана со КОВИД-19 пандемијата, туку за трајна промена која само се забрзува и проширува на глобално ниво. Па така, генерациите Зет и Алфа повеќе преферираат купување онлајн или пак во мали vintage продавници доколку станува збор за облека за разлика од големите ланци за мода и облека чиј бизнис-модел се заснова на брза мода (fast fashion).

2

Моловите и (блиската) иднината

Пристапот кон моловите и нивната иднина во 21-виот век може да се разгледа од три аспекти: иднината на постоечките молови, плановите за идни молови како и модерниот пристап кон креирање на нови форми на комерцијални центри.
Постоечките, веќе изградени молови треба да се прилагодат кон потребите на потрошувачите не само поради нив, туку и поради себе со цел да ја одржат нивната рентабилност. Појавата на рекреативно шетање низ моловите и присутноста на клиенти не е директно поврзано со заработувачката зашто докажано е дека, прошетка низ мол е активност често користена во заедница каде жителите имаат недостаток на културен, социјален и креативен живот. Ова нè води до потребите за идните планови на новите молови. Засега, консензусот е дека изградба на нови, големи, стандардни молови во рамки на централните урбани подрачја претставува неразумен и неодржлив проект, особено доколку не се почитуваат потребите на локалните заедници. Што значи, консултација и кодизајн со локалната заедница на вакви, големи простори мора да е императив, но и правило. Само така би се обезбедило потврда дека новите молови како такви нема да го нарушат ткивото на заедницата или пак ќе имаат насоки за потребите на заедницата.

44

Сите нови комерцијални, социјални и економски барања на потрошувачите – особено во годините по пандемијата носат нови потреби, каде добробитот на човекот, менталното и физичкото здравје се приоритет. Ова би значело отворање и развивање на нови, мултифункционални, зелени простори со значаен отворен јавен простор каде потрошувачите може да пазарат, да се рекреираат и социјализираат. Отворен или полуотворен простор, прилагоден на локалните климатски, културолошки и социјални потреби е начинот на кој овие нови центри треба да се прилагодат. Препорачано е овие центри да се формираат во запуштени делови од градот, поранешни индустриски центри и историски заборавени локации. Инвеститорите би требало да се принудени да ги нудат просториите не само на големи ланци и корпорации, туку и на мали, локални, семејни бизниси и бизниси фокусирани кон социјалното претприемништво. Секако, овие центри не може да се применат секаде, низ сите географии и заедници – но бар поголемите градови и регионални центри би можеле да размислат за одржлив развој на заедницата на одржлив и разумен начин. Градовите и заедниците треба да се развиваат и градат, но тоа не значи дека тој развој не може да биде одржлив. Целта на одржливиот развој е да се задоволат потребите на човекот без да се влијае на идните генерации, што не значи откажување на модерниот урбан жител од сите задоволства и можности на технологијата и науката. Но, големите, грди и бетонски молови треба да останат во минатото, каде и припаѓаат.

Автор: Кирил АРСОВСКИ-ПРЖО, еколог

Испрати коментар

Scroll To Top