Урбаните предизвици за самодоволен развој во средно-големите азиски градови, суштествено се сместуваат во две насоки на урбан развој: растење на градот преку зголемување на неговата густина и дисперзно урбанизирање на руралните области.
Од една страна, постои заканата да се кондензираат активностите во центарот на градското ткиво, од друга страна, потпирањето на западните модели на град: зголемено користење на автомобилот како транспортно средство за движење низ градот, монофункционалните населби и постепеното урбанизирање на руралните области се чини дека не придонесуваат за самодоволен урбан развој на градовите во азискиот контекст.
Наспроти пренаселеното, изградено, аморфно и непригодно урбано ткиво на Банкок, на север од Тајланд, „скриена“ од урбаниот хаос се протега градската агломерација Чанг Маи. Првата визуелна информација за планот на градот ни открива специфичност: некаде во средината на градот се забележува квадратна форма на ѕидините од стариот традиционален град, додека остатокот од населбите, патиштата и автопатите што водат до соседните провинции се распрснуваат околу наоколу во сите правци.
Одржливоста и урбаната тактика во сензитивни урбани ткива на кои им наближува рапиден урбан развој е тема на Студиото за урбана интеревенција на Архитектонскиот факултет на Универзитетот Тамасат во Банкок, Тајланд. Каков пристап, интервенции и алатки за урбано планирање треба да развиваме како урбани дизајнери во сензитивните брзорастечки територии кои истовремено ги прегрнуваат состојките на традиционалниот град, историското наследство, автентичното занаетчиство и локални производи, верувања и обичаи?
Во 2012 година кинескиот филм „Изгубени во Тајланд“ сместен во Чанг Маи ја зголеми годишната бројка на кинески туристи за петпати. Градот го посетуваат туристи од целиот свет, многумина избирајќи го како сопствена „станица“ за живеење, наспроти хаотичниот Банкок: Чанг Маи е човекомерен, пешачки пристапен, помал во својот размер и го одржува љубопитството на љубителите на културата и уметноста преку оригинални и автентични простори.
Кинеските туристи, од друга страна, со сопствената колоритна појава и однесување, се неразделиви од сценографијата на градот. Тајландскиот културен центар за дизајн од 17 мај до 6 септември оваа година постави изложба со тема „Мојот Чанг Маи“, сакајќи да навлезе во феноменот на кинеските туристи во посета на градот, нивното однесување, облекување, секојдневие, посета на објекти, купување, многупати и непристојно однесување во храмовите и кон локалните граѓани.
Реконструирањето на стари простори и нивна пренамена во галерии, места за заедничка работа, работилници за изработка и продажба на локални производи, внимателно се „создадени“ во градот со доволно влијанија од западната култура и градењето на мини-урбаното, во ниеден случај не нарушувајќи ја автентичноста на тајландската култура, будизмот, бавниот живот и локалното занаетчиство.
На пазарите се испреплетува палета од производи, облека, накит, материјали од околните села и гратчиња со рачни изработки, бесценети како скапоцени камења, фрлени во изобилство и пристапни по ниска цена. Градот го опкружуваат места во кои се изработува традиционален накит, се ткае свила, се прават традиционални предмети: музички инструменти, чадори, мебел.
Во планините во околина на Чанг Маи живеат племиња со посебни обичаи и верувања – едно од најпознатите од овој предел е племето во кое припадничките на женскиот пол поставуваат алки како гердани и го издолжуваат вратот со текот на годините.
Специфичноста на контекстот
Историски и културно вредносните градови во Азија се постојано на вага со цената на земјиштето, локацијата, потребата од изградба на високопрофитабилни објекти,трговски центри, кондоминиуми како и инфраструктурни проекти. Како урбана територија во развој, Чанг Маи се соочува со проблемите на преголеми даноци за инфраструктурата на градот, нови објекти кои бараат големи ресурси за изградба и одржливост, уништување на земјоделски посеви заради урбанизација, како и закана за уништување на културното наследство наспроти профитот.
Специфичноста на контекстот бара поинаков модел на самодоволност, различни урбани форми имаат различен степен на самодволност, истовремено не постои еден единствен модел на урбана самодоволност којшто е поливалентен и може да се аплицира на различни ситуации (Гај и Марвин, 2000).
Во интервјуа кои ги спроведуваа студентите, многумина од жителите велат дека не замислуваат дека Чанг Маи ќе стане како Банкок – идејата за ваква еволуција ги загрижува и ја сметаат за неконсеквентна за градот во којшто некогаш владеело кралството Лана.
Сепак, заради малиот размер на урбаната агломерација, сè уште постои можност и простор да се предвиди и да се реагира со одредени мерки за контрола на развитокот на градот, пред да стане мегалополис. Непостоењето на јавен транспорт во градот и малиот број луѓе кои поседуваат сопствен автомобил, со исклучок на црвениот камион кој служи како такси, сè уште на невидлив начин го контролира развојот на градот.
Одбележувањето на местата во градот преку Дизајн недела во 2014-та, го постави Чанг Маи на светската карта на дизајн недели. Иако од една страна го доживуваме како туристичка станица полна со храмови, кафулиња и долги улици со пазари, длабоко низ населбите и малите улички-сои пронаоѓаме локален дизајн и уметност, што понекогаш е традиционален, понекогаш современ, меѓутоа секогаш е локално специфичен.
Дизајн неделата е значајна за градот затоа што зборува за урбана самодоволност преку развивање на свесноста за местата низ градот, за значењето на урбаниот дизајн и архитектурата, за акцентирањето на катчиња пред тие места да станат желба на инвеститорите и пример за неконтролирана урбанизација. Проектите на студентите што ќе бидат изложени во текот на дизајн неделата Чанг Маи во 2016 година, зборуваат сензитивно за пристапот кон градот преку урбана тактика наспроти урбана стратегија.
Дизајн неделата е еден од ретките настани кога преку изложувањето на локални производи во градски простор истовремено се поставува прашањето за социјална кохезија, урбана кохерентност и можноста за урбани интервенции во кои можеме да ги препознаеме личните карактеристики, социјалната структура и културните наративи. Секој од овие аспекти е длабоко значаен за иднината на оваа градска агломерација и нејзин постепен и сензитивен урбан развој кој нема да ја наруши автентичноста на градското ткиво.
Урбан дизајн тактика
„Урбаниот дизајн е синтензивно, инвентивно мапирање на физичките услови кое основа и проучува цели области на градот. Со други зборови тој е архитектура-но ориентирана повеќе во размер, интенција и техника. Три основни прашања на морфологија се поврзани со дисциплината на урбаниот дизајн во неговиот преглед на градот како физички ентитет: Најпрвин, Што е есенцијален, даден медиум на урбанизмот како таков ? Второ: Кои се конструктивните урбани елементи на градот ? Трето : Кои се формалните стратегии и тактики кои се достапни да создадат кохерентност и однос помеѓу овие елементи?“ – започнува Стивен Петерсон во Урбан дизајн тактика.
Урбан дизајн тактика во сензитивни урбани ткива е тема на урбан дизајн студиото во втора година на Архитектонскиот факултет при Тамасат Универзитетот во Бангкок на катедрата за Урбан дизајн и развој. Тактика претставува „уметноста на органзацијата“ или концептуална акција имплентирана како една или повеќе специфични задачи (Merriam Webster). Од друга страна, стратегија е внимателен план или метод за остварување на специфична цел најчесто во подолг временски период или техниката на создавање и остварување на планови за да се оствари одредена цел.
Во урбаниот дизајн често се поставува прашањето за односот помеѓу овие два термини и за тоа кој од нив всушност треба да доминира во нашиот проектен пристап. Географскиот контекст и неговите обележја е нераскинливо поврзан со последователноста на урбан дизајн стратегијата и урбан дизајн тактиката во предложениот проект. Териториите кои се опфатени од процеси на урбанизација, транзиција, зголемување на популацијата и динамичен развој повикуваат на урбан дизајн тактика заради процесот како нејзина подлога кој е еднакво присутен и во самиот контекст.
При дефинирањето на проектот студентите, чекор по завршувањето на многубројни анализи, анкети, теренско патување и кондензирање на сопствените впечатоци од Чанг Маи, започнаа со следење на упатства за тоа како да ја постават, развијат и предложат својата урбан дизајн тактика и стратегија преку серија на предавања.
Првиот чекор или првото ограничување на задачата беше да предожат временска рамка на сопствениот проект. Во конкретниот случај на студентите им беше даден настанот Чанг Маи дизајн недела во 2016 година како почетен катализатор на случувања. Позиционирањето на креативните индустрии во законските рамки, општеството и градот е од големо значење во Тајланд заради богатството на контекстот со занаетчиство и дизајн на предмети. Предлогот на владата да го укине законот за креативни индустрии го прави дискутирањето на овие теми и предлагањето на проекти кои ќе ги подржат особено значајно за подигнување на свеста и знањето.
Дополнително на овој настан, зголемувањето на бројот на жители, климатските промени и итната потреба од заштитување на објекти од културно наследство ја обликуваат причината и периодот на предлогот временска рамка на секој од проектите на посебните групи студенти.
Корпоративен модел
Поделбата на проектот во временски фази е уште еден начин/пристап на студентите. Во групата со проектот насловен “Раскрсници” студентите поставуваат интервенции на секоја од раскрсниците во дадената контекстна рамка. Секоја од интервенциите е сензитивно обликувано од контекстот на овие места преполнети со програми, сообраќај, формални и неформални случувања. Дополнително тие ги расклопуваат своите интервенции во фази, размислувајќи за влијанието на една од нив засебно, за тактика за нивниот редослед.
Ваквото гледање на градот не приближува до неговите случувања и интервенирање во процес. Повторување, рефлексија и опозицијата помеѓу дадениот контекст и предложената замислена стратегија-рефлектирањето, нагласувањето и контрадикцијата на одредени перцепии се чини како Алиса и нејзиниот премин преку гледачкото огледало.
Кооперативниот модел, прашањето за корисниците на интервенциите и исцртување на основни дијаграми за односот помеѓу заедницата, инвеститорите, урбанистите, архитектите и други засегнати групи е директно поврзан со пристапот и карактеристиките на Тајландскиот контекст и “оперирањето” во него. Кооперативниот дијаграм како и предлогот за објаснување на партиципацијата преку дијаграм на корисниците, интервенциите и урбаната средина е дел од абстрактот на урбан дизајн тактиката.
Предизвик е во студиото да се зборува за поетската суштина на просторот, бидејќи студентите се на програмата за урбан дизајн. Суштината на терминот genius loci или заштитничкиот дух на местото во азискиот контекст има поинаква конотација. Секој од поедничените објекти во градот има свое мало светилиште кое се прави заради вознемирувањето на духовите на местото со изградбата на објект.
Додека во западната терминологија genius loci е дистинктивната атмосфера или духот на местото во преносна смисла на значење, во азискиот контекст тој е буквално духот-заштитник. Ваквото диференцирање помеѓу поетското, атмосферата и духот на местото ги прави некои од проектите во дијалог за разбирање на местата преку западната и источната терминологија. Духот на местото-местата во самите урбан стратегии и тактики е внимателно вградено во пристапот на проектните идеи.
Идентификувањето на проблематични места се остварува преку работење во различни размери. Од студентите најпрвин се бараше изработка на концептуален мастер план и физички модел, потоа предлози за урбана, архитектонска, уметничка и инфраструктурна интервенција. Во презентираните проекти можевме да забележиме делови од местата разработени во повеќе детали и во поголем размер, додека самата урбан стратегија/тактика е презентирана динамично во планот.
Јадрото на урбан дизајн стратегијата го сочинуваат главни концепти извлечени од последователно мапирање на физичките, социјалните леери на градот, интегрирани анализи, SWOT анализа, анкети, во еден единствен концепт ( во случајов : Раскрсници, Временска линија, Идентитет, Празнини, Отворени простори и Констелации).
Урбаната тактика е претставена со динамичен графички начин, во самите планови се видливи сценаријата за оперирање, чекори и делување во зоните измеѓу. Дистилацијата на главните насокои, можности и принципи преку разбирање на компонентите во дискусии, развој и графички јазик ги прави секој од концептите разбирливи за што е она што им претставува приоритет.
Завршната презентација на проектите во втора година во првиот семестар е пресек и приказ на сензитивни млади урбани дизајнери кои внимателно го развиваат чувството за местата во градот. Преминот на размислување од урбан дизајн стратегија во урбан дизајн тактика, размислувањето во различни размери и размислувањето за поетското на местото ги прави нивните проекти зрнце светлина во хаотичната урбанизација на Тајландскиот контескт.
Во студиото од самите предавачи е видлива тенденцијата да се развие одговорност, чувството за простор, чувството за влијанието на одредена интеревенција во градот. Тактиката на предавање и учење преку последователни случувања и акции е секогаш приоритет во самиот однос професор-студент како и студент-проект ставајќи ја урбаната стратегија на второ место во размислувањата за сензитивни урбани ткива и територии во развој.
Александра Шекутковска, дипл.инж.арх. (Специјално за Порта3 од Тајланд)