Насловна / Арт и дизајн / Мојата скопска приказна

Мојата скопска приказна

Ладислав Цветковски е ликовен уметник, графички дизајнер и универзитетски професор. Предава на Факултетот за ликовни уметност во Скопје и на Машинскиот факултет во Скопје.

Учествувал на бројни селектирани групни меѓународни и домашни изложби, а своите графики и плакати ги изложувал и на повеќе самостојни изложби. Автор е на дизајн за значајни монографски изданија, бројни публикации и книги, носачи на звук,  брендинг за различни проекти, настани и институции кај нас и во странство.

Со своите јавни општествено-ангажирани и образовни активности се обидува да го афирмира дизајнот и уметноста како неизоставен сегмент на современото живеење, а со цел тие да го добијат своето вистинско место во нашето општество.

Print

„Скопје-13.-11.-1944“, 2015

Домот е место кое се чувствува многу лично. Влијае на нас, нè обликува и нè отсликува кои сме и какви сме. Мојот дом е Скопје, тука сум роден и до денес учествувам и ја чувствувам постојаната интеракција на луѓето и градот.
Скопје е место кое историски драматично се менувало по изглед и по состав на населението. Луѓето и природата никогаш не го оставиле раат. Тоа е едно непостојано, немирно место во кое најдолго опстанала нитката на која трајно се закачиле крчмата, лесната забава и немарот. Во овој град многу работи биле започнати, но никогаш до крај завршени. Многу луѓе пропатувале. Некои од нив го палеле, некои го рушеле. Други го граделе, но онака без ред, наеднаш. Од тоа без некаков посебен концепт раштркано низ градот, останалао и по нешто убаво и паметно. Тука и климата е екстремна, воздухот зиме може да се види, ПМ 10 има „најмногу на свет“, a лете е пеколно.

Print

„Криво-калемење“, 2015

Тука жителите, впрочем како и на други места, во потрага по тема за „мрчење“ бргу забораваат што се случило пред неколку дена. Без оглед на сè, во Скопје има нешто посебно кое ве вознемирува, но не можете без него.
Во моето Скопје ми недостасува желбата работите да се завршат до крај, особено оние убавите-паметните. Ми фали по пат изгубената насмевка на луѓето по улиците. Ми фали колективното сеќавање за личностите кои својот живот, сето свое знаење и умеење му го посветиле на градот. Ми фалат малите убави приказни кои испариле пред некој да ги запише. Ми фали повеќе време за радост и средби со драгите луѓе кои тука ги имам.

sapunica

„Криви-дрини-ГТЦ“, 2015

Веќе три децении независно делувам во моето Скопје. Користам различни изразни средства. Некогаш тоа се графики, друг пат е дизајнот на многубројните книги, монографии, носачи на звук, логоа, а во последно време тоа се моите авторски социјални плакати. Во сите нив се трудам да внесам личен печат различен од она што е очекувано во нашиот културен простор, а зборувам за теми кои директно и суштински задираат во животите и реалноста која нè опкружува. Раскажувам животни секвенци преку кои тежнеам да поставам многу важни прашања, да отворам простор за размислување и да ја испровоцирам публиката да се соочи со себе си.

Skopje Dupovi pun 2

„ГУП-Скопје-ДУП-ДУП-ДУП“, 2018

Циклусот на моите социјални, политички и општествени плакати започна во 2014 година како последица на студентските протести. Тие млади луѓе ми ја вратија надежта дека сепак во овој умствено мемлосан град постои дух и позитивна енергија. Им се придружив и поттикнат од таа млада свежа мисла, во месец февруари 2015 година го направив плакатот „Црнила“ и го постирав на мојот ѕид на Фејсбук. Со тоа почна мојот проект насловен „Мои коментари“. До денес овој проект брои околу 400 плакати инспирирани од различни локални и глобални теми и случувања. Целта ми беше да споделам мој личен став за состојбите, да посочам на непријатните теми кои посакуваме да не ги забележуваме, се обидуваме да ги премолчиме, да посочам на нештата кои бргу се губат од колективната свест, да го тргнам стравот вкоренет меѓу луѓето и да го поттикнам критичкото размислување. Сметам дека критичката мисла и размената на идеи се клучни за создадавање на здраво, среќно и паметно општество.

Print

„НА-ШО-СМЕ“, 2015

dezorient

„Денес-сме-на-О2“, 2018

Дел од овие плакати се посветени на моето, нашето Скопје, направени се за моите скопјани и за сите кои минуваат низ овој град. Се разбира, како вистински скопјанец овој циклус плакати посветени на Скопје не сум го завршил. Тој трае и немам намера да го завршам.
Во моите плакати користам знаци и симболи кои самиот ги создавам. Симболиката е присутна и во моите графики, ја има и во мојот дизајн, но најдиректна е во моите општествени плакати. За проектот „Мои коментари“ креирав и посебна типографија која ја користам за текстуалните пораки. И најчесто се трудам пораката која ја праќам да биде духовита, блиска на нашиот менталитет, дијалект, нашите вообичаени локални изреки со вграден поттекс. Некои од нив се градени како ребуси. Но, иако моите плакати коментираат конкретни настани, изјави, однесувања на личности, менталитет, состојби, тие сепак имаат за цел да упатат универзални пораки и да нè потсетат на некои заборавени вредности.

Print

„Улица-Кафедонија“, 2015

Словенечкиот критичар Марио Бердич моите плакати ги спореди со афоризми, карактеризирајќи ги како „форма на интеракција меѓу ликовното и литерарното, но во мошне редуцирана, крајно аскетска форма“.

Плакатите од проектот „Мои коментари“ од 2014 до денес ги објавувам на социјалните мрежи. Дел од нив беа прикажани во печатена форма на моите самостојни изложби во Словенија во 2016 година и во Скопје во 2018. Проектот продолжува затоа што за Скопје имам уште многу да зборувам.

vavilonski kuli 2

„Kон-небото“, 2018

Икрено се надевам дека мојата публика, моите сограѓани ги препознаваат универзалните пораки, хуморот кој провејува низ моите плакати, дека ги поттикнуваат да ѕирнат во самите себе си, да го пронајдат подобриот или подобрата во нас, за да ја менуваме нашата стварност кон подобро.
Градот и домот не треба да се победат. Тоа се места кои треба да им ги предададеме на тие што ќе дојдат по нас.

Ве поздравувам,
Ваш Лади

fontana

„Скопје-има-магнитуда-11-12.-09.-2016“, 2016

Print

„55-години-од-катастрофалниот-земјотрес-во-Скопје“, 2019

Print

„Сметката-молам“, 2017

Print

„Колачиња“, 2016

fontana

„Скопска-Црна-Гори-клептомани-пиромани“, 2019

Print

„Парк-шума-Гасо-Водно“, 2018

Print

„Учителот-Стефан-Сидовски-–-Сидо“, 2019

vavilonski kuli 2

„Горан-Стефановски“, 2018

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top