Насловна / Вести / Мој воздух – повисока свест за загадувањето

Мој воздух – повисока свест за загадувањето

МОј вооздух1

Загадувањето на воздухот во државава станува дел од секојдневието, а со тоа и опасностите на кои се изложени жителите на градовите. Тетово, Скопје, Битола… , се најзагадени, но не многу помалку и другите градови. Загадувањето е со честичките РМ 10, или поточно цврсти честички во воздухот со големина од најмногу 10 микрометри. Нивното вдишување во најмала рака предизвикува респираторни заболувања. Токму овие работи и тешката достапност до официјални податоци за загадувањето на воздухот биле повод младиот програмер Горјан Јовановски да се зафати со работа која на обичниот граѓанин ќе му овозможи брзо и едноставно да ја види состојбата со загадувањето на воздухот.

Мој воздух
И така, по неколкумесечна работа, се родила апликацијата Мој воздух. Станува збор за апликација за Android телефони. Со помош на неа може лесно и прегледно да се видат сите информации за квалитетот на воздухот од 17 мерни станици поставени низ цела Македонија. Со неа човек може да се информира од кој тип е секое мерење, кои се горните граници, кои се загадувачите и што се препорачува во случај на екстремни загадувања. Таа е достапна на македонски и англиски  јазик.

„Апликацијата ја направивме надевајќи се дека можеби барем малку ќе ја подигне свеста кај луѓето за тоа до кој степен го загадуваме воздухот што секој ден го дишеме. Имаше момент пред некоја година кога првпат беа активирани мерните станици, кога многу се зборуваше за квалитетот на воздухот, но на него брзо се заборави. Мој Воздух има цел да го поедностави пристапот до мерењата од овие станици и со помош на визуелни индикатори, објаснети поими и препораки, да ве натера да се размислите дали да земете автомобил, градски превоз или велосипед кога ќе сакате да излезете“, вели Јовановски.

Мој воздух1
Достапна е и веб верзија за уреди што не се на Android платформата: http://gorjan.rocks/clients/airquality/

Информациите се освежуваат секој час и се преземаат од страницата „Квалитет на воздух“ на Министерството за животна средина и просторно планирање, како дел од програмата Отворени податоци објавени на: http://www.otvorenipodatoci.gov.mk

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top