Прославеното архитектонско биро Bjarke Ingels Group (BIG) неодамна го заврши проектот наречен Sneglehusene (куќа на полжав), модуларен станбен комплекс со карактеристична форма, но и фасада, на периферијата на данскиот град Архус.
Овој проект, кој обезбедува 93 пространи станбени единици, е дел од одржливото предградие Nye и неодамна беше награден со највисокото признание на градот за неговиот исклучителен архитектонски квалитет, кој подразбира модуларна градба со примена на евтини материјали.
ОБМИСЛЕН ДИЗАЈН ЗА ОДРЖЛИВО СОСЕДСТВО
Во проектот Sneglehusene, тимот на BIG имал можност да го примени своето знаење за принципите на модуларното домување и дополнително да го прилагоди и еволуира во внимателен дизајн за да се вклопи во одржливото соседство Nye.
Планот е проектиран преку систем од шест згради, кои заедно нежно ги опфаќаат рибникот и зеленото шеталиште, објаснуваат архитектите за DesignBoom.
Објектите содржат единици од различни типови на домување, од гарсоњери, преку станови со повеќе спални соби, а има и градски куќи.
„Со Sneglehusena, добивме можност да го развиеме нашиот концепт за домување од претходен проект, истовремено развивајќи сопствен идентитет на зградата“, вели Fin Nerkjer, партнер во BIG.
„Нашиот модуларен концепт ни овозможи да ја задржиме едноставноста во изведбата и покрај сложеноста на конструкцијата, а истовремено да ги подобриме нашите искуства. Задоволство е да се видат зградите како домови исполнети со живот и ние сме многу горди што придонесовме за реализација на визијата за областа Nye“, додава.
ОСТВАРЕНА ПОВРЗАНОСТ СО ОКОЛИНАТА
Фасадата на комплексот Sneglehusene создава „каро“ шема со примена на два различни типа на модули. Долги дрвени облоги ја покриваат фасадата, истакнувајќи ги модулите и нагласувајќи го нивниот дизајн.
Плафоните на станбените единици се со височина од 2,5 и 3,5 метри, во зависност од применетиот модул, а комбинирани заедно обезбедуваат пространи ентериери, додека прозорците од подот до плафонот, како и терасите, обезбедуваат врска со околината.
Во внатрешноста можат да се видат разновидно интензивно осветлени простори, кои ја продолжуваат едноставната логика на ентериерот.
За да се обезбеди флексибилност, флуидност и доволно вентилација, преградните ѕидови се укинати, а објектите имаат подно греење, оставајќи ги ѕидовите слободни.
ПРИЈАТНИ ПРОСТОРИ ЗА ИГРА И СРЕДБИ
Внатрешноста и екстериерот се првенствено направени од дрво и бетон во светли бои, генералната материјализација и обработка се минималистички.
Тимот на BIG исто така создал и пејзаж кој го сочинуваат патеки опкружени со зеленило, а тука се и различни места за собирање, кои местимично се појавуваат помеѓу и покрај зградите, обезбедувајќи пријатни простори за игра и средби на жителите.
Рибникот го контролира истекувањето на атмосферските води што се собираат во каналите вградени во пејзажот. Локалната фабрика за вода, Aarhus Vand, го создала, а и понатаму го надгледува системот за секундарна вода, кој е поврзан со рибникот.
Системот ја рециклира водата од целата населба Nye, ја чисти, а потоа ја дистрибуира до секоја станбена единица за понатамошна употреба во тоалетите.