Проектот за модуларниот пешачки мост, чија реализација се очекува до крајот на оваа година, е дело на David Koiava од Грузија. Овој мост со несекојдневен изглед, потсетува на ДНК низа и осмислен е како додаток на урбаната средина. Долг е 99,17 мери, широк 10,67 метри и висок 15,9 метри. Главната конструкција е од челик и бетон, додека горниот дел е од стакло прекриено со челични елементи во облик на мрежа. Од секоја страна се наоѓаат подвижни скали во двете насоки и систем со рампи за лицата со попреченост.
Набљудувањето на околината од мостот е можно поради застаклувањето кое се протега долж целата конструкција. Но, со оглед дека на овој начин се добиваат и изразени топлински добивки од сончевото зрачење, поставен е и систем за климатизација. Естетиката комбинирана со технолошкиот дизајн е во целост во склад со ергономијата. Преку стаклената конструкција се наоѓа челична форма која наликува на спиралата на ДНК. Токму во тоа е уникатноста на овој дизајн. Како препорачани локации за овој мост се градовите во земјите со повисоки температури.