Камени ѕидови, лаци и неверојатни погледи на синото море. Низови од полукружни отвори во ѕидовите од стар камен даваат неодолив шарм и карактер на уникатниот стан во Израел кој е реновиран од архитектонското биро Pitsou Kedem Architects.
Овој единствен стан од 250 квадратни метри е сместен во зграда стара 300 години во јужниот дел на Тел Авив, во раздвижениот кварт познат по кривулестите калдрмисани улици и пазари.
Свртен кон старото пристаниште Јафа, станот се состои од неколку поврзани целини кои се организирани околу внатрешниот двор. Ентериерот бил во исклучително лоша состојба бидејќи е реновиран само еднаш во неколкувековното постоење.
Запуштениот ентериер требало да се трансформира во модерен семеен дом кој хармонично ќе го усогласи современиот стил на уредување со старите техники на градење и отоманската архитектура која е доминантно застапена во Јафа.
Неколку месеци траееле работите на откривање и реставрација на старите ѕидови, кои се третирани на начин за да се спречи понатамошно оштетување од влагата.
Најголем дел од постоечките лаци се зачувани за да се одржи поцрзаноста меѓу просториите.
Пријатната природна светлина тече непречено низ просторот, раздвоена само на некои места со прегради изработени по мерка. Така, во спалната соба употребени се едноставни прегради од ткаенина, кои може да се навлечат по потреба.
Просторот за одмор е опремен со удобен мебел и рачно ткаен тепих од брендот GAN.
На предната фасада на објектот, лаците се затворени со стаклени панели врамени со метални рамки, кои кога ќе се отворат го пропуштат свежиот морски воздух.
Во камените ниши се поставени отворени полици каде што сопствениците можат да изложат книги и украсни предмети.
Модерната кујна со црни мат елементи се отвора кон централниот двор кој воедно служи и како трпезарија на отворено.