Некои станови, според нивното внатрешно уредување изгледаат модерно, елегантно, рустично, софистицирано, итн. Овој стан кој ви го презентираме, по својот изглед дава впечаток дека е многу поскап од тоа што тој навистина ги чини неговите сопственици.
Овој стан се простира на 125 м2 и има дизајн кој се базира на контрастот на црниот и темносивиот тон, со белиот тон. Контрастот заедно со употребата на материјалите што изгледаат луксузно и богато, го даваат и финалниот впечаток на скап стан.
И покрај ваквиот впечаток, овој стан е сосема комфорен, удобен и човекомерен, па така престојот во него претставува вистинско задоволство за корисниците и нивните гости.
Употребата на кожата како материјал во кој е „преслечена“ седечката гарнитура во дневната соба, како и дрвото, кои впрочем се природни материјали, даваат доволно количество на топлина во овој стан која се спротивставува на релативно ладните ѕидови.
Интересен детаљ во овој стан е и големата уметничка слика која за разлика од традиционалното закачување на ѕид, овде е потпрена на ѕидот и со овој потег на архитектот се додава дополнителна доза на динамичност и движење во овој простор.