Насловна / Арт и дизајн / Мобилни сауни: Скандинавски дизајн во служба на здравјето

Мобилни сауни: Скандинавски дизајн во служба на здравјето

Како составен дел од културата на нордиските земји, сауните стануваат сè попопуларни ширум светот поради бројните позитивни ефекти што ги имаат врз физичкото и менталното здравје.

sauna

Данскиот архитект Јакоб Гејт, ко-основач на компанијата Native Narrative & Scandinavian Sauna, сега отиде чекор понатаму и разви проект за сауна кој ја комбинира транспортната флексибилност со експертизата и традицијата на скандинавскиот дизајн.

Подвижните сауни што тој ги дизајнирал работат без струја, се загреваат на дрво, додека ЛЕД осветлувањето го обезбедува батерија што се полни, пишува ArchDaily.

Јакоб и неговиот животен партнер и проект менаџер Сесили Ванг поминале неколку години работејќи за водечки компании во лондонската индустрија за комерцијален дизајн, а потоа, во потрага по нови искушенија, отишле на Филипините каде што го основале архитектонското студио Native Narrative, кое соработувало со неколку невладини и добротворни организации.

sauna1

Две години подоцна, кога останале без работа се вратиле во Скандинавија каде ги пречекале сосема различни, не многу пријатни временски услови.

“Ја преживеавме зимата само благодарение на одењето во сауна“, вели Јакоб и додава дека и двајцата пораснале со сауни во Данска и Шведска и имале многу убави спомени од деновите кога ги користеле со семејството и пријателите. “По неколку години поминати во Азија, беше одлично повторно да се поврземе со овој аспект од нашата локална култура. Како резултат на тоа, почнавме да ја истражуваме историјата и културата на сауните и откривме дека редовното капење во сауна има многу позитивни ефекти врз здравјето“, додава тој.

Стекнувањето знаење за здравствените придобивки од сауната било многу охрабрувачко, па Јакоб и Сесилија решиле да ги искористат вештините стекнати преку архитектонската пракса во Native Narrative и да дизајнираат совршена мобилна сауна.

sauna2

“Нашиот прв клиент беше тим ентузијасти за зимско пливање во Данска. Имавме многу средби со нив и, во основа, ја дизајниравме сауната според нивните потреби. Оттогаш научивме многу, а во меѓувреме многу аспекти беа заменети или изменети“, вели Јакоб.

Нивните сауни се лесни дрвени куќички изградени по мерка на метална приколка и покриени со челичен покрив. Покрај просторијата за сауна, има и соблекувална за складирање на облека и опрема, која функционира и како температурна тампон зона, што ја прави сауната поефикасна за подолго одржување на топлината.

Куќата има дрвена рамка, изолирана е, отпорна на временски услови, а внатрешната облога е изработена од материјали како смрека – во сурова или термо обработена состојба. Клупите се направени од јасика без смола, што создава чувство на студ на кожата.

sauna3

“Тежината е проблем со повеќето подвижни структури, па напорно работевме за да направиме стабилна и цврста градба која е лесна во исто време. Неколку од нашите модели на сауни може да се транспортираат со стандардни автомобили“, вели Јакоб.

Едноставно дизајнерско решение често не е лесно да се постигне и потребно е време да се развие. Така, направени се безброј верзии и прототипови на мобилната сауна, притоа подобрувајќи многу различни аспекти.

“За нашите сауни мислиме малку како автомобилската индустрија, секоја година излегува подобар модел. Иако всушност не чекаме една година и само го ажурираме постоечкиот дизајн или повторно го правиме според мерките што ги бара клиентот“, забележува Јакоб.

sauna4

Кога станува збор за иднината на овој проект, се добива впечаток дека се се движи кон повисок степен на автоматизација, односно дека во годините што следат акцентот ќе биде ставен на машинското производство.

“Така, веројатно можеме да очекуваме подобар квалитет и помалку отпад. Повисоката ефикасност може да ја намали цената и да го зголеми квалитетот, што е корисно за клиентите. Ние сме во основа љубопитни луѓе и со нетрпение го очекуваме развојот како компанија, а тоа ги вклучува и нашите методи на производство“, вели на крајот Јакоб.

Испрати коментар

Scroll To Top