Како да се спроведат зацртаните климатски цели во услови на драматичен раст на цените на енергијата и отежнато снабдување со енергенти, беше главна тема на Групата 7 во Берлин. Иако е договорено исфрлање на јагленот до 2035, како и декарбонизација на сообраќајот до 2030 година, некои земји тоа тешко ќе го постигнат, а ослободувањето од руската енергетска зависност оди бавно.
Токму замената на фосилните горива од Русија, доминирала во берлинската дебата на ресорните министри на Г7. Поради објективните ограничувања кои ги донесе војната во Украина, некои земји се приморани повторно да користат јаглен. Сепак, недвосмислен е ставот дека „Зелениот договор“ мора да биде приоритет. Војната во Украина не смее да биде изговор за отстапување од зацртаните климатски цели. Се работи за битка за климата и битка за животната средина.