Во насока на овозможување поголема пристапност до градските културни институции и олеснување на пристапот и следењето на случувањата од областа на културата, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и директорот на Младинскиот културен центар Златко Стевковски, денеска во фоајето на МКЦ на лицата со посебни потреби им ја предадоа во употреба вертикалната лифтовска платформа.
Идејното решение за лифтовската платформа го подготвија професори од Машинскиот и од Архитектонскиот факултет од Скопје, а нивната изведба ја направи „МАКЛИФТ“. Поддршка секако даде и домаќинот, Младинскиот културен центар.
За оваа намена од Буџетот на Град Скопје за 2014 година, се издвоени 1.907.234,00 денари.
„Ова е трет ваков лифт кој Градот го изгради за потребите на лицата со посебни потреби. Имено, во насока на остварување социјална заштита на лицата со посебни потреби, односно подобрување на квалитетот на нивното живеење и создавање услови за независен живот, што претставува еден од главните приоритети на Град Скопје, градот во 2010 година ја постави лифтовската платформа за лица со посебни потреби, во СУГС „Михајло Пупин“. Градот создаде услови за вклучување на лицата со посебни потреби во воспитно образовниот процес на тој начин што училиштата ги направи достапни за сите ученици во Скопје, но и за оние што доаѓаат да учат во Скопје од другите градови на Републиката. Исто така, во почетокот на 2014 година, Градот ги постави лифтот и лифтовската платформа за лицата со посебни потреби, сегашни и идни ученици во градското средно училиште „Арсени Јовков“, со што се придонесе за овозможување на непречено следење на наставата во оваа образовна институција. Ова е само уште една потврда дека градот е можеби и единствената институција која има изградено толкав број лифтови наменети за лицата со посебни потреби, институција која неуморно работи во насока на олеснување на нивниот живот. Важно е создавање услови за лицата со посебни потреби и нивно вклучување во општествените текови и непречено следење на образовната настава и културно забавниот живот, како и спортските настани во градот. Доказ за тоа е дека во 2014 година, за оваа намена, во Буџетот на Град Скопје и во Програмата за социјална заштита се предвидени четири милиони денари“, истакна градоначалникот Трајановски.
Директорот Стевковски се заблагодари за реализацијата на овој проект и изрази задоволство што од сега па натаму и лицата со посебни потреби ќе можат да следат повеќе од стотина културни манифестации, што се дел од годишната програма на МКЦ.