Јавната презентација по Предлог – Детален урбанистички план Градска четврт Ц 01 – Мал Ринг 1, Општина Центар – Скопје, плански период 2019-2024, се одржа на 22.7.2020 година. Предлог планот е со бруто максимална развиена површина на плански опфат 707.542 квадратни метри, просечниот бруто процент на изграденос изнесува 74.3 отсто, а во рамки на опфатот формирани се 167 градежни парцели.
Овој план со децении наназад ја бранува јавноста, па така беше и овој пат. Градоначалникот на Општина Центар на презентацијата рече дека сите само зборуваат, а не прават ништо и дека инсистирањето на јавна презентација на Мал Ринг дава можност да се отворат дикусии. Тој изјави: „Токму затоа и инсистираме на јавна расправа за предлог планот и дадовме можност да се отворат дискусии, токму затоа што сите се прават мутави“ и додаде „се формираа комисии, но никој не става потпис, никој не носи правен акт“.
Во моментов планот е во фаза на сумирање на податоците од јавната анккета, чекор 12 кој значи: „Изработување на записници од јавна анкета и од јавна презентација, извештај од јавна анкета и од јавна презентација и работа во комисија која дава одговори по анкетните листови, испраќање на одговорите до барателите“.
Во меѓувреме, Владата расправала на седница, па повеќе од еден месец по одржувањето на јавната презентација, поточно на 26. август, доставила до Општина Центар „Мислење со насоки и ставови за извршување на законите и примена на прописите“. Мислењето е потпишано од тогашниот технички премиер.
Во продолжение ви го пренесуваме мислењето во целост.
До Општина Центар Скопје
Согласно Заклучокот на Владата на Република Северна Македонија донесен на Седумдесет и осмата седница одржана на 28 јуни 2020 година, под бр. 44-17/78 и имајќи ги предвид предлозите изнесени во расправата на предходната седница на Владата по повод јавната анкета за Предлог – Детален урбанистички план Градска Четврт Ц01 – Мал Ринг 1, Општина Центар – Скопје, плански период 2019-2024, што се одржа од 6 до 31 јули 2020 година, а по добиените мислења од Министерството за транспорт и врски бр.02-5431/1 од 13.08.202 година, од Министерството за животна средина и просторно планирање , под бр.11-3392/2 од 6.08.2020 година и презентираните елаборати, мислења и забелешки за Предлог – Детален урбанистички план Градска Четврт Ц01 – Мал Ринг 1, доставени на Јавната анкета за предметниот ДУП од страна на Работната група за справување со последиците од т.н. „Проект Скопје 2014“ формирана со Решение на министерот за култура , бр.02-7117/1 од 28.07.2017 година, како и Укажување во врска со ДУП за „Граска четврт Ц01“ од НУ Конзерваторски Центар Скопје, доставено до Министерството за култура и до Општина Центар, Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 26 август 2020 година, ја утврди потребата да се произнесе за проблемот на т.н. „Проект Скопје 2014“ во контекст на процесот на изработување и донесување на ДУП Мал Ринг – Скопје поради исклучително значење на просторот опфатен со Детален урбанистички план Градска Четврт Ц01 – Мал Ринг 1, во чијшто плански опфат е најтесното централно градско подрачје на Градот Скопје на десниот брег на реката Вардар, со главниот плоштад и главната улица на престолнината, како и поради фактот што во овој просторен опфат се лоцирани најголемиот број споменици, градби, фасади и други зафати од т.н. „Проект Скопје 2014“, кој остави тешки последици на владеењето на правото, културното наследство, функционирањето на престолнината и јавните простори од државно значење, а по повод одржаната јавна анкета по Предлог – Деталниот урбанистички план Градска Четврт Ц01 – Мал Ринг 1, Владата на Република Северна Македонија, согласно член 27 став 1 и член 32 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија бр. 59/00, 13/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и Службен весник на Република Северна Македонија бр.98/19) утврди
М И С Л Е Њ Е
со насоки и ставови за извршување на законите и примена на прописите
Пристапот на констатирање на проблематичната состојба, а копирање на штетните одредби од минатите планови мора да биде надминато. Со новиот Мал Ринг мора да се покаже дека локалните власти и надлежните институции ги разбираат, следат и имплементираат решенијата за одржливи градови. Овој план е визија за тоа како треба да изгледа центарот на Скопје, како иден и нов европски главен град. Со квалитетен план за центарот се покажува исчекор и планирање со нови вредности и потреби, следејќи ги светските трендови за уредување на центрите на градовите и ставајќи го граѓанинот и неговите потреби на прво место.
Од документите, елаборацијата и наодите приложени од страна на Работната група за справување со последиците од т.н. „Проект Скопје 2014“, како и врз основа на увидот и евалуацијата на документацијата за одлучувањето, финансирањето, подигањето на спомениците и другите градби, скулптури, предмети, урбана опрема од т.н. „проект“, произлегува дека постојат неспорни докази дека во сите случаи се работи за прекршување практично на сите материјални закони што ја уредуваат материјата на подигање на споменици, а тоа се: Законот за меморијални споменици и спомен – обележја, Законот за буџетите, Законот за јавни набавки, Законот за јавни патишта, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за градење и други.
Незаконските процеси на одлучување и подигање на спомениците и градбите од т.н. „Проект Скопје 2014“ резултирале со огромен број на нелегални и општествено штетни споменици и други градби и скулптури, без никаква културна или уметничка вредност, во најголема мерка во областа на кичот и добриот вкус.
Согласно ова, Владата на Република Северна Македонија, укажува на Општина Центар во процесот на постапување по забелешките од јавната анкета за Предлог – Деталниот урбанистички план Градска Четврт Ц01 – Мал Ринг 1 – Скопје, да ги земе во предвид забелешките поднесени на анкетен лист од страна на Работната група за справување со последиците од т.н. „Проект Скопје 2014“, како и стручните наоди што се приложени кон анкетниот лист.
Исто така, се укажува на Општина Центар да ги земе предвид укажувањата изнесени во Мислењето на Министерството за транспорт и врски во постапката на изработување и донесување на ДУП Мал Ринг.
Истовремено, НУ Конзерваторски центар Скопје, известува дека постојат нови Заштитно – конзерваторски основи за културно наследство, за подрачјето на опфатот на ДУП за „Градска четврт Ц01“, Општина Центар, Скопје (бр.08-252/7 од 17.12.2019 година), кои се заверени и одобрени со Решението за одобрување на основите (бр. УП 17-1007 од 30.12.2019 година), донесено од Управата за заштита на културното наследство.
Согласно ова, Владата на Република Северна Македонија укажува на Општина Центар, во процесот на постапување по забелешките од јавната анкета за Предлог – Деталниот урбанистички план Градска Четврт Ц01 – Мал Ринг 1 – Скопје, да ги земе во предвид сите укажувања за споменатите парцели, особено за градежна парцела ГП 1.16 и градежна парцела ГП 5.60.
Дополнително, според укажувањето на НУ Конзерваторски центар Скопје, наведените зафати во планот се во спротивност со режимот на заштита на Контактната зона, која го сафаќа просторот од планскиот опфат на кој не се наоѓаат споменичните целини.
Оттука, Владата на Република Северна Македонија укажува на Општина Центар да ги преиспита овие решенија и да ги исправи согласно заштитата на културното наследство во градскиот центар и да не дозволи:
– изградба на нови градби на празните простори (јавни и приватни) и на местата на зелените и комуникациските површини, освен во исклучителни случаи наведени во режимот и параметрите за заштита;
– спроведување на било какви градежни интервенции во паркот на „Жената – борец“, поставување на нови спомен обележја, менување на тековите на движење и пешачките патеки, поставување на времени објекти или друга урбана опрема која би имала визуелен импакт врз Градскиот трговски центар;
– измена на габаритот и висината на објектите во границите на контактната зона;
– измена на уличната мрежа;
– измена на формата и големината на катастарските парцели;
– изведување на било какви надземни или подземни работи на просторот на северниот дел од плоштадот „Македонија“ во непосредна близина на мостот, со кои би се загрозил интегритетот и стабилноста на Камениот мост;
– затворање на комуникациските површини (пешачки или моторен сообраќај) со објекти и споменички обележја, со што се менува уличната мрежа, се попречува движењето и се нарушува визуелната комуникација со споменичките објекти;
Според законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен веник на Република Македонија, број 199/14, 44/15, 193/15, 31/16, 163/16, 64/18 и 168/18), по кој се работи овој план, дел 4. Стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, член 28, алинеја 2, донесувачот на урбанистичките планови и урбанистичкото – планската документација, донесува одлука за спроведување или одлука за неспроведување за стратегиска оцена за влијанието врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето односно неспроведувањето на оценката, на начин и постапка пропишани со Законот за животна средина. Одлуката треба да се потврди со решение од Министерството за животна средина и просторно планирање. Општина Центар е должна да ја заврши оваа постапка пред да заврши јавната анкета.
Иако за планот од повисок ред, Генералниот урбанистички план на Скопје е донесена стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, сепак ценејќи го значењето на овој простор, како и истражувањата направени за климатските промени и отпорноста на централното градско подрачје по реализираниот проект Скопје 2014, Владата на Република Северна Македонија укажува на Општина Центар да утврди постоење на значајни влијанија врз животната средина и врз здравјето на луѓето и да донесе одлука за спроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето. Таа е дополнително оправдана со идентификувана висока загрозеност на безбедноста на граѓаните и материјалните добра околу плоштадот, идентификувана и од други институции наведени предходно.
Воедно, Владата на Република Северна Македонија укажува на Општина Центар за ДУП Мал Ринг при изработка на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето да ги искористи до сега релевантните истражувања помогнати од страна на меѓународни институции, како Отпорно Скопје од УНДП и Швајцарската агенција за развој, како и Зелен Раст, извештајот на Светска банка. Особено важно е да се искористат параметрите изнесени во овие истражувања, целосно игнорирани во предлог планот за Мал Ринг, а кои се однесуваат на:
– изгубеното зеленило на јавните површини како и државните парцели во Малиот Ринг;
– идентификуваните топлотни острови кои влијаат на зголемување на просечните температури во центарот на градот, повторно поврзани со озеленувањето;
– загадувањето и GHG емисиите предизвикани од сообраќајот, а кое во центарот придонесува со 20% и на кое може да се влијае само низ планирање на намален индивидуален моторен сообраќај, а не со привлекување нови возила кон централни паркиралишта под плоштадот и на моментално зелени површини;
– планирање со мерки за намалување на влијанијата од климатски промени, како превенција од поплави, отпорна инфраструктура, одводни системи;
– мерки за намалување на звучното загадување идентификувано како високо во централното градско подрачје;
Притоа, Владата на Република Северна Македонија укажува на Општина Центар да ги доработи параметрите за квалитетно планирање и документационата основа со графички и нумерички параметри за: бројот на жители, корисници на просторот, интензитет на стационарен и мобилен сообраќај, процент на зеленило по жител, евиденција на зеленилото за да ги доработи условите за проветрување на просторот, да ги наведе конкретните мерки за заштита и безбедност , зони за евакуација, противпожарна заштита и проодност, а со цел заштита на јавниот интерес и потребите на своите граѓани, како што е наведено во Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Истовремено, се укажува Општина Центар да го заштити државното земјиште во опфатот на ДУП Мал Ринг и да го намени исклучиво за зелена површина, оплеменување на јавен простор и хуманизација на просторот. Особено да се преиспита потребата од нови државни објекти како оние на ГП 5.56 и ГП 3.21 и финансиските импликации кои тие можат да ги предизвикаат.
Исто така, Владата на Република Северна Македонија укажува на Општина Центар да работи во функција на транспарентноста и за овој план да овозможи поинаков пристап на партиципативност и граѓанска вклученост и повторна анкета.
Дополнително, Владата на Република Северна Македонија укажува на Општина Центар да ја преиспита потребата од овој ДУП да се носи во период на преминување кон нов систем на планирање со нов Закон за урбанистичко планирање, односно можноста процесот за овој ДУП да започне од почеток и согласно новата регулатива и стандарди.
Имајќи го предвид горенаведеното, Владата на Република Северна Македонија со укажувањата изнесени во ова мислење со насоки и ставови за извршување на законите и примена на прописите, Планот треба да претрпи соодветни измени и корекции за да се обезбедат:
– плански одредби и мерки за решавање на –проблемот на незаконските споменици и други градби од т.н. проект „Скопје 2014“;
– усогласување на планот со Уставот на Република Северна Македонија и позитивните законски прописи и исполнување на начелата и целите на урбанистичкото планирање од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање,
– плански одредби и враќање на статусот на јавна улична површина и јавен плоштад на нелегално отуѓените и приватизирани земјишта за општа употреба,
– мерки за ревизја на сите објекти нелегално изградени во коритото на Вардар, што ја нарушуваат јавната безбедност и ги зголемуваат ризиците од поплавување и разурнување во центарот на градот, со што во потполност ќе се исполни темелната уставна вредност и цел на урбанистичкото планирање за уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.