Насловна / Архитектура / Мишко Ралев за БИМАС: Jавноста секогаш ја интересира што и каков став има ААМ

Мишко Ралев за БИМАС: Jавноста секогаш ја интересира што и каков став има ААМ

На 29.9.2023 г., во ноќта на полната месечина, се спушти завесата на по многу нешта најнеобичното Биенале на македонската архитектура БИМАС 2023. Местото на свеченото затворање, тремот на МСУ не беше и местото на главната манифестација, таа се одржа во Националната галерија – Мала станица во Скопје.  ААМ како бездомник талкаше од една галерија во друга, во својот дом – Музејот на град Скопје беше непожелна. Но, како се менуваат времињата се менуваат и луѓето па зошто не и традициите, и онака сè е фикција.

IMG_20230914_214853

Следната необичност е дека не беше само едно биенале туку беа организирани и одржани две последователни, 20-то и 21-ро. Последното Биенале беше одржано во 2018 година, следното требаше да се одржи во 2020 година, но токму тогаш настапи двегодишното „затворање на светот“ предизвикано од пандемијата со КОВИД-19. Заради зацртаните одредби во Правилникот на Биеналето истото треба да трае две недели и да се одржува во Музејот на град Скопје (МГС).

IMG_20230914_220123

Ова беше тешко да се оствари од многу објективни причини, па така се отвори прозорец кон средината на септември наречен „Мала станица“ каде се одржа главната манифестација и Музејот на современа уметност во кој се одржа студентското Биенале – БИСТА и мала камерна изложба на Балканскиот архитектонски форум со претставување на дела на архитектите од Албанската асоцијација од Тирана.

IMG_20230920_201204

Идејата за две биеналиња се роди кај Управниот одбор заради временскиот јаз од повеќе од четири години и одлуката беше да се претстават одделно архитектонската продукција помеѓу 2018 и 2020 година и онаа помеѓу 2021 и 2023 година како 20-ти БИМАС и 21-ви БИМАС. Затоа се формираше еден Организационен одбор составен од архитектите Александар Радевски – претседател, Мартин Деловски – одговорен за БИСТА и за организација на изложбите, графичкиот дизајнер Тони Васиќ кој го осмисли визуелниот идентитет на Биеналето и сите печатени материјали, Анѓела Ѓорѓиева – секретар, Иван Николовски – член и Димитар Крстески – член. За селектор на 20-тиот БИМАС беше назначен архитектот Сашо Блажевски додека за 21-риот БИМАС архитект Бујар Муча. „Мерило на македонската архитектура“ беше тематската рамка и на двете биеналиња, односно дали може да се одреди местото и насоката на движење на архитектурата кај нас во светлото на глобалните мегатрендови кои од корен ги менуваат состојбите во денешните општества во последните години.

IMG_20230914_220517

Во таа смисла се одржа и панел-дискусија околу прашањето: „Просторот го процесираме, сè уште го преѕидуваме или е нешто помеѓу“. На неа главни дискутанти беа архитектите Бујар Муча, Огнен Марина, Сашо Блажевски, Александар Радевски и Мишко Ралев, со учество на колешки и колеги присутни во публиката. Се дискутираше не само за завидното ниво на покажаниот квалитет во архитектонските и дизајнерските реализации и проекти туку и за местото и општествената (не)активност на архитектите во центрите каде се носат одлуките битни за планирање, проектирање и манипулирање со просторот.

IMG_20230914_215147

Притоа се допре и до состојбите со и во образованието на архитектите и до движењето во професијата и можноста за градење на кариера, која ќе обезбеди не само стабилна и пристојна егзистенција, туку и заземање на значајно место во општествената структура на државата. Потенцирано беше дека тоа треба безусловно да се стори зашто регулирана професија во светски рамки како нашата, тоа и го бара од нас.

IMG_20230914_215547 IMG_20230914_215649

Вкупниот број на изложени дела на двете биеналиња изнесуваше 110, во категориите: урбанистички планови, архитектонски реализации, архитектонски проекти, ентериерни реализации и дизајнерски реализации. Општ впечаток е дека беше понудена бројна и квалитетна архитектонска продукција со забелешка дека преовладуваше станбената архитектура, особено индивидуални станбени згради со впечатлива квадратура, богата содржина и скапа завршна обработка. Јавните инвестиции и интерес како да испарија по „биг бенгот“ на „Скопје 2014“ кого власта го пикна под тепих играјќи на картата дека кога и да е ќе почне да ни се допаѓа.

IMG_20230914_215512

Заради натпреварувачкиот карактер на Биеналето се формираа две Жири-комисии во состав:

1. Жири-комисија за 20-ти БИМАС:

– Зорица Блажевска – претседател

– Ангел Ситновски

– Ана Ивановска-Дескова

– Соња Наковска

– Дејан Ивановски

2. Жири-комисија за 21-ви БИМАС:

– Мартин Гулески – претседател

– Кристинка Радевски

– Скендер Палоши

– Љупчо Јованов

– Хамди Сулејмани

Резултатите се веќе познати.

Screenshot 2023-10-24 091426 Screenshot 2023-10-24 091651

Во ноќта на полната месечина неколку работи станаа јасни: Асоцијацијата на архитекти на Македонија покажа и овој пат дека е значајна организација, која и ако нема правна тежина има своја значајна улога во развојот на македонската архитектура и не смее да исчезне и покрај организациски и финансиски проблеми и опструкции, зашто не само што ни е потребна нам на архитектите, туку му е потребна и на општеството. Зашто јавноста секогаш ја интересира што и каков став има ААМ за поодделни прашања што ја тангираат изградената средина.

Screenshot 2023-10-24 091456 Screenshot 2023-10-24 091609

Но, за да се зачува и унапреди не е доволен волонтерскиот напор на Управниот одбор и неговиот претседател, туку на секој архитект во државата, само така нашиот глас ќе биде значаен во политиките со планирање, проектирање и градење на севкупниот простор во државата. Но за тоа ќе треба нешто повеќе од „идеи“.

Мишко РАЛЕВ, претседател на Асоцијација на архитекти на Македонија

фото: Киро ПОПОВ

Борис Јурмоски, МАРХ

IMG_20230920_200037 IMG_20230920_200355 IMG_20230920_200514 IMG_20230920_200753 IMG_20230920_201123 IMG_20230920_201617 IMG_20230920_201852 IMG_20230920_202350

bb aam11

Испрати коментар

Scroll To Top