Насловна / Архитектура / Мишко Ралев: Моќта на ААМ произлегува од моќта на секој архитект поединечно

Мишко Ралев: Моќта на ААМ произлегува од моќта на секој архитект поединечно

Архитект, Мишко Ралев е новиот  претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ. Професор д-р Мишко Ралев, (1961 Скопје), е еден од основачите на Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС), и во моментот ја извршува функцијата декан. Дипломирал на Архитектонскиот факултет на УКИМ во Скопје, каде што и ја започнува својата едукативна кариера. Kако асистент и доцент, работи сè до 2007 г. кога преоѓа на УАКС, каде предава група предмети по архитектонско проектирање и проектирање ентериери. Помеѓу 1995 и 2005 г., ангажиран е и на Шумарскиот факултет, насока проектирање мебел и ентериер. Во периодот од 2009 до 2011 г. обавува настава како гостин професор на Факултетот за применети уметности во Ниш, Србија. Активен е и на полето на научното истражување, при што е автор на бројни научни и стручни трудови од областа архитектура и дизајн.

Паралелно со образовната дејност, Ралев активно се занимава и со архитектонско и ентериерно проектирање. Во 1995 г., заедно со арх. В. Еремеева го основаат архитектонското биро „ЕРРА Дизајн“. Член е на ААМ, како и на Комората на овластени архитекти и инженери. Во 2000 и 2008 г. бил претседател на Организациониот одбор на БИМАС, во 2014 претседател на Комисијата на 17. БИМАС, а во неколку наврати бил член и претседател и на други комисии за доделување награди на ААМ.

4H5A6599_resize

Редакцијата на Порта 3 Ви го честита изборот претседател на Управниот одбор на ААМ. Кои се Вашите приоритети во раководењето со Асоцијацијата?

Ви благодарам на честитките. Да се биде на чело на оваа организација претставува чест но и обврска.

Асоцијацијата на архитектите на Македонија од своето формирање до денес се наметна како битен фактор во општествениот живот кај нас што ги тангира архитектурата, урбанизмот и дизајнот. Иако условите во кои таа дејствуваше не секогаш овозможуваа дијалог со политичкиот естаблишмент или со институциите и установите чиј делокруг на работење е поврзан со обликување, одржување и управување со изградената средина, ААМ секогаш, безусловно ја држеше страната на јавниот интерес, преку заложбите за почитување на професионалните стандарди и научните достигнувања низ разни форми на комуникација со општеството.

Иако ваквиот начин на општествена ангажираност произлегува од Статутот на асоцијацијата, сепак нејзините активности во голема мера се детерминирани од активноста на нејзините членови, раководени од Управниот одбор, чие пак единствено средство за успешна работа е авторитетот на секој негов член кој произлегува од неговата стручност  и лична и професионална етика.

Затоа, задачата и на ова ново раководство на ААМ е да продолжи со најдобрите практики на претходните, да ги унапреди во секоја можна смисла, како и да предложи нови видови на активности. ААМ како струкова асоцијација треба да ги брани и унапредува ставовите и интересите на архитектите во нашата држава преку заштита на нивниот производ, кој е пак во директна врска со човекот и со неговата благосостојба. Затоа комуникацијата помеѓу архитектите и општеството треба да биде директна и чесна. Архитектите не се повеќе мистериозни лица кои користат неразбирливи цртежи и сложени патетични зборови, туку тие се исти како и сите, тие треба да ги слушнат потребите и барањата на заедницата преку задоволување на потребите на секој нејзин член, со стручен, научен и иновативен труд, кој треба да биде соодветно ценет и валоризиран како материјално така и општествено. Оттука, приоритетите на новото раководство се да се обиде прво да го зголеми членството, потоа да се зголеми неговата партиципација во ангажманите на Асоцијацијата низ разни комисии, кои ќе делуваат како отворени форуми за јавна дебата, контролирана и филтрирана од стручните области на нејзините членови. Можеби звучи преамбициозно, но под зголемување на членството и неговите активности, мислам и на реактивирање на ограноци низ што повеќе општини во државата, зашто во ваква констелација ААМ има перформанси да се занимава со навистина ограничен број проблеми, при што досега се занимавала највеќе со Скопје и тоа не со целиот град.

4H5A6664_resize

При изборот за претседател изјавивте дека ААМ треба да ги брани и унапредува ставовите, да го заштити својот производ, а за тоа е потребна директна и чесна комунијација со општеството. Каде е позицијата на архитектот во нашето општество?

Едно е сигурно, моќта на Асоцијацијата како професионално здружение на архитектите произлегува од моќта на секој архитект поединечно, што значи дека нема јако здружение без јаки членови – поединци. Тоа е почетна точка од која ќе се детерминираат целите кои сакаме да ги постигнеме и како до нив. Позицијата на архитектите денес во нашето општество и не е така лоша како што ние често сакаме да ја прикажеме. Но, она што фали е да го смениме начинот на размислување, а тоа е секој од нас да жртвува дел од својата сувереност и истиот да го приклучи кон еден вид колективна сувереност на професијата. Со други зборови, да заборавиме на конформизмот кој произлегува од некакви флертувања со одредени центри на финансиска и политичка моќ, затоа што ваквите однесувања повлекуваат коруптивни состојби кои се во тотална спротивност со професионалниот морал и етика. Затоа велам дека главниот критериум, кој ќе одреди кој е кој и каде му е местото на општественото и професионално скалило е неприкосновеноста на производот на архитектовиот труд, а тоа е проектот и неговиот со стандард пропишан квалитет. ААМ треба да стане медиум за артикулација на посветеноста на професијата да се позиционира на заслуженото место во општеството, затоа што градежната и архитектонска манипулација со просторот директно влијае врз физичката и социјалната одржливост на човековите општества на глобално ниво, и истите не се реверзибилни. Ефектите од овие активности се трајни, што значи дека нашата улога е крајно сериозна. Јас мислам дека имаме вистинска прилика да ја унапредиме нашата позиција во општеството.

Морам да кажам и дека е ова навистина комплексен и многуслоен процес. Како човек од академската заедница, не можам, а да не го спомнам и образованието на архитектите, кое исто така е општествено маргинализирано, област во која сè помалку се вложува, и е оставена на ентузијазмот на неговите протагонисти. На тоа се надоврзува регулирање на развојот на кариерата во оваа област, од практикант до овластен архитект. И тука постојат одредени слабости кои го оневозможуваат напредокот. Ние, иако сме регулирана професија, сè уште немаме државен испит за компетентност со кој се стекнува овластување. За оваа тема има многу што да се зборува, така што би го оставил за друга прилика.

4H5A6618_resize

Собранието на ААМ не функционира речиси десетина години, единствено и само како изборно. Искра Јанковска-Михајловска е избрана за претседател на Собранието. Зошто ни е толку тешко да одржиме Собрание? Планирате ли конечно да се одржи на кое би се говорело за теми кои ја засегаат ААМ и кои би биле тие?

Едно мора да разбереме, а тоа е дека не постои некој „висок невидлив“ авторитет кој ќе ни ги среди работите, тоа треба да го направиме ние самите. Тоа е тој приоритет, кој верувам го имале сите досегашни управни одбори, а и овој, да ги анимираат архитектите да се активираат за да се придвижат работите нанапред. На прв поглед тешко е да се издвои некаков директен бенефит со членување во ААМ, но индиректни има многу за кои зборував претходно. Да може да се влијае во општеството е значајна придобивка за која е вредно да се потрудиме. Нашата работа е волонтерска, но е општествено ангажирана и затоа има придобивки. Но, не секој е спремен да одвои дел од своето време за ваква активност.

За да бидат овие цели остварливи ќе мора да се тргне од ревизија на базичниот документ, а тоа е радикална промена на Статутот на Асоцијацијата. Нештата во струката и општеството се сменија со што овој документ стана анахрон и несоодветен со денешните општествено-политички состојби. Статутот на ААМ го разгледува и усвојува или не Собранието. Се надевам дека во мојот мандат ќе успееме да организираме собрание на кое ќе усвоиме нов статут на нашето здружение.

Каква состојба затекнавте во ААМ? Со кои проблеми се соочувате во ситуација без технички секретар во канцеларијата, нефункционирање на сајтот?

Состојбата не е розова, но тоа не е ништо ново. За нештата да бидат уште посложени се потруди и глобалната пандемија која ги забавува работите, а некои и ги оневозможува. Можеби овој период на контролирана активност и неможна социјализација ќе ни даде можност да се проанализираат нештата и да се консолидираат колку е можно повеќе. Единствено позитивно во оваа општа негативност се технолошките услови за групна комуникација, така што идејата за вклучување колеги од другите градови станува можна без да се троши време на патување и непогодностите кои тоа ги носи. Она што ќе треба да се обидеме да го промениме е финансирањето, кое е услов за функционирање на ААМ. Средствата за комуникација имаат своја цена и тоа ќе чини пари кои тешко се добиваат.

4H5A6670_resize

Јавните повици за двете значајни награди, „Андреја Дамјанов“ и „Големата годишна награда“ не беа распишани. Моравте да ги објавите паралелно и да ги организирате во краток период. Како планирате нивно одржување со оглед на состојбата со пандемијата?

Објавите за распишување на споменатите награди требаше да бидат објавени пред изборното собрание, но поради усложнетите состојби со пандемијата тоа не се стори и остана новото раководство тоа да го направи. Затоа и роковите се скратени. Заради неможноста да се организираат нормални манифестации ставот на УО е за тоа да се изврши жирирање и прогласување победници, доколку има соодветни кандидати според правилниците за доделување на поедините награди. Презентацијата ќе биде онлајн, а доделувањето би се извршило следната година заедно со идните лауреати. Сепак не би сакале да доведеме во опасност никого, а ниту себе.

Во недостаток на информации, претпоставка е дека поради пандемијата со Ковид-19 јубилејниот, 20. БИМАС не се одржа. Планирате ли што поскоро негово одржување кога ќе бидат условите поповолни? Или евентуално, како што е пракса во светот периодов, можеби негово одржување онлајн?

Да, состојбата која ја затекнав е дека Биеналето е откажано за оваа година. Така што првата задача уште не седнат во „фотелјата“ на ААМ беше да конкурираме во Министерството за култура за доделување средства за БИМАС за следната 2021 година. Во пријавите наведовме дека ќе се одржи во октомври 2021. Некако ми се чинеше како соодветен датум, кој претпоставува дека условите ќе бидат далеку понормални, а ќе имаме и доволно време да се организираме. Идејата  за онлајн одржување на биенале е крајна опција. Мислам дека ваквиот начин е доста површен. Сведоци сме на наплив од онлајн манифестации кои задоволуваат исклучиво статистички критериуми, но суштината е занемарена. И мислам дека одложувањето е исправна одлука. БИМАС е сепак една од најголемите културни манифестации кај нас. Во последните петнаесетина години организациските одбори навистина понудија извонредни настани кои резултираа со огромна посетеност, како од стручната така и од општата јавност. Затоа сум уверен дека БИМАС треба и ќе се одржи со физичко присуство на публиката.

4H5A6692_resize

Еден период гласот на ААМ не се почитуваше, односи со институциите и власта не постоеа. Впечатокот е дека во последно време тоа е подобрено. Сметате ли дека се слуша гласот на струката или тоа е само декларативно, а политичарите милуваат да ја користат ААМ кога тоа им е во прилог? Како што можеби, примерот со Универзална сала е најизразен, кога настана една општа конфузија на противречни ставови. Дали сметате дека личниот став на претседателот треба да биде и став на ААМ?

Периодот кога гласот на професијата артикулиран преку ААМ не се почитуваше, беше кога целата држава беше заробена, констатација која не само што ние ја дефиниравме туку и целиот демократски свет во Европа и пошироко. Тоа беше најцрниот период за архитектурата и архитектите во нашето општество. Но, она што тогаш манифестиравме беше навистина значајно, а тоа е толку потребното единство, кое треба и сега да го повториме за да бидеме фактор во општеството. Нашата задача е да бидеме гласни, да бидеме „гласот на архитектот, а со тоа гласот на народот“. Почитување или слушање на тој глас е работа на култура, која за жал сè уште ја немаме. А за да се развие таквата култура на разговор, дијалог треба време и тоа низ неколку генерации. За нештата да се забрзаат гласот треба да влезе во законите, односно обврска за партиципативност на професијата. Дотогаш, ќе треба да го употребуваме личниот или колективниот авторитет за некој да нè чуе, и сите медиумски услуги. Ставовите на ААМ би требало да бидат ставови на поголема група на членови за да имаат објективна коректност и реалност. Но, не секогаш условите дозволуваат широки консултации и стручни заклучоци кои благовремено би се пласирале во јавноста или во институциите. Оттука понекогаш произлегуваат дисонантни тонови за одредени проблеми. Но не би проблематизирал околу тоа како што медиумите тоа го прават, а опортуно ги преземаат страните кои им одговараат. Тоа е дел од демократска дебата, архитектите не се маса која за иста работа исто размислуваат, што е спротивно на принципите на творештвото. Но, сепак не треба да се занемари јавниот интерес, ако истиот може да се препознае зашто доста често е сокриен и тешко се дефинира.  Личниот став на претседателот не треба да се отфрла, сепак е избран поради некаков квалитет со авторитет малку поширок од оној професионалниот. Сепак треба да се внимава и личниот став да не се наметнува како генерален став, затоа што сите ние сепак имаме одредени специјалности колку и околностите да ни наметнуваат универзалност во проектантската дејност.

4H5A6654_resize

ААМ е струково здружение каде членуваат архитекти, не постои обврска, единствено личен став и желба за афирмација и подобрување на професијата, а секој ангажман е исклучиво волонтерски. КОАИ е законска обврска, каде членуваат преку 3.000 архитекти, функциите се добро платени, а речиси никогаш не сме слушнале став, стручно мислење за актуелните, жешки проблеми.  Потребна ли е поинтензивна, соработка помеѓу ААМ и КОАИ?

Одговорот на ова прашање не е едноставен, зашто Комората е составена од истите членови како и ААМ, т.е. и ние сме дел од неа. Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија  издава овластувања утврдени со Законот за градење и со Законот за просторно и урбанистичко планирање и со тоа директно управува со инженерските професии. Таа според членството, организациската структура, правната поставеност во извршната власт, и просторно материјалните средства кои ги поседува, стекнати од членарини на инженерите,  навистина е сериозна институција која треба да ги штити интересите и на своите членови, но и интересите на јавноста. Според Статутот на Комората таа „ги чува честа, угледот и правата на овластените архитекти и обезбедува услови за правилно вршење на стручните работи…“  Изгледа дека поимите: чест, углед, права се сè уште неразбрани и не докрај јасни во ова наше преодно општество, зашто долг низ години гледаме како се гази честа, угледот и правата на архитектите и никој ништо не презема. Но, исто така и според Статутот, Комората развива соработка и со други комори и асоцијации, така што ќе се заложам за воспоставување рамноправна соработка помеѓу ААМ и КОАИ, заради обостран бенефит чиј заеднички именител е сепак архитектот и архитектонската професија. Соработката помеѓу овие две институции треба да резултира во дефинирање на местото на архитектонската професија во нашето општество, што досега не беше случај поради претходно кажаните состојби.

КОАИ изработи тарифник за инженерски услуги при проектирање, кој речиси две години стои во некоја фиока во Министерството за транспорт и врски. Како конечно да се избориме да се вреднува трудот на архитектите? 

Она што треба да се стори е да се изврши притисок од сите членови во Асоцијацијата и Комората. Ние како ААМ можеме само да бидеме гласни и постојано да го ставаме овој проблем пред оние кои решаваат. Навистина не знам каде е заглавена работата и дали има заткулисни игри. Зашто тарифникот не е единствениот проблем кој треба да се разреши, тука спаѓаат и јавните набавки, проблемот со одземање на авторските права во случај кога сте добиле јавна набавка и други системски нелогични акти.

4H5A6608_resize

Најавивте и поголема мобилизација на архитектите околу ААМ, особено на помладите. Што ѝ е потребно на ААМ за зголемување на членството?

Потребно е Асоцијацијата да се ажурира или колоквијално кажано „апдејтува“ за да биде интересна за младите. Мојот секојдневен контакт со студентите ме обврзува и ми кажува дека е потребно и нивно вклучување во нашите активности, за да бидат свесни каков е реалниот живот и како може тие да го согледаат и да партиципираат во неговото обликување, дефинирајќи го својот професионален интерес артикулирано и јасно. Ако ААМ им пружа интересни информации за вмрежување во домашни и интернационални настани тогаш ќе биде атрактивно да се членува во неа. Секако дека треба да се смени и пристапот кон колегите, а особено кон помладите кои сепак работат и живеат на некои други фреквенции. Од овие причини и составот на Управниот одбор за период 2020 до 2023 година е генерациски хетероген.

Инаку и досега ААМ има интересен програмски дел во манифестации со интернационален карактер кој ќе треба и да се сочува, но и да се унапреди, а за тоа е потребна и многу поголема ангажираност на поголем број на членови, а не само на Управниот одбор.

За жал и неизбежното прашање, „Скопје 2014“? Кога сите се понадевавме дека овој проблем ќе почне да се решава, државата не покажува дека е спремна да направи чекор во дислоцирање и отстранување на  овие градби. Во јавноста се пласираат милион причини зошто не може да се постапи, а во меѓувреме овој најголем срам и за македонската култура и за урбанизмот и архитектурата, ни е секојдневие. Ќе прави ли ААМ притисок да се постапува по овој проект?

За 99 отсто од архитектите, проектот „Скопје 2014“ е тоталитарен, криминоген, архитектоноциден, културно, градежно и архитектонско безвреден, чин на група мали, ситни и алчни луѓе, кои имаа безгранична моќ на одлучување. И тоа професијата доста храбро го говореше цело ова време, без ни малку двоумење. Барањата да се отстранат сите објекти, фасади, декори на налудничавиот проект на „Лего-Скопје“ ќе бидат застапувани и од новото раководство на ААМ, без поговор. За да не се релативизираат истите, ќе настојуваме да се изработи физибилити студија, како и за колку време тоа може да се стори. Ние друга моќ немаме освен зборот, но и тоа понекогаш е доволно.

aam

Испрати коментар

Scroll To Top