Во целост го пренусваме обраќањето на претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ, Мишко Ралев на вчерашното свечено доделување на овогодинешната и минатогодишната награда „Андреја Дамјанов“ на лауреатите Ранчо Христов и Ѓоко Радовановиќ.
Се двоумев како да го започнам ова свое обраќање, културата и доброто воспитание нели наложуваат да бидеме пристојни и да се почитуваме, но секако почитта постои, а за да бидеме „драги мои“ е затоа треба блискост, која цело ова време ни недостасуваше и конечно ја имаме, па затоа:
Почитувани архитекти академици Радовановиќ и Христов, драги Ѓоко и Ранчо, драги домаќини, драги гости, пријатели и колеги.
Со особена чест и задоволство дозволете ми како претседател на ААМ да Ви ја честитам наградата „Андреја Дамјанов“ која ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија за животно дело во областа на архитектурата и градителството.
Вашата долгогодишна работа на полето на архитектурата, дизајнот и градителството претставува нераскинлив дел од материјалната култура на нашата земја, одредувајќи ги меѓу првите насоките на македонската архитектура во услови на создавање на сувереноста и независноста на државата. Како дел од промоторите на новиот професионален поредок кој настана од неизбежното распаѓање на општествените претпријатија, вие ја прифативте новата реалност и со својата неисцрпна енергија и секогаш свежи и авангардни идеи како во струката така и во нејзиното организирање се наметнавте како константна инспирација на помладите колеги, квалитети кои комисијата стручно и објективно ги валоризираше а Управниот одбор на ААМ ги прифати како несомнени факти и ви ја доделува оваа престижна награда. Со тоа вие станавте и членови на Архитектонската Академија на ААМ. Тоа е она што официјално е текст за свеченост за доделување.
Но, оваа свеченост е по многу нешта необична, може и да се каже специјална, зашто сега доделуваме две награди, и промвираме двајца лауреати, секако не во исто време избрани, едниот минатата година другиот оваа година, но зедно ги чествуваме. Ионака, необичноста е бренд на нашата професија. Можеби е добро што е така, зашто и двајцата лауреати делат многу заеднички карактеристики , блиски се генерациски, слично им се развивале професионалните кариери но и деликатно различни, што нас како публика не става во една извонредно интересна и критичка позиција.
Дури, правам паралели и помеѓу генерациите околу мене и нивните. Ние тогаш бевме почетници и тоа во едно сложено време, едуцирани во еден систем а кариерите ги започнувавме, или бар така мислевме, во еден друг сосема друг свет. Ѓоко и Ранчо исто така иамаа свој почеток, ама втор, што не беше лесно. Тие меѓу првите ја разбраа новата општествено економска констелација и наместо да ламентираат врз тоа што изгубија се насочија кон тоа што ќе добијат. Тие се меѓу првите кои успеаја да ја третираат архитектурата како бизнис од кој може и добро да се живее и тоа како сопствен, сво бизнисј, зашто наспрам нив се појавија инвеститори кои за свои сопствени средства сакаа да градат. Оттогаш се зависеше од нив, нема директори, референти, работнички совети, СИЗ-ови. Архитектурата и се околу градбата стана пазар, се купуваше и продаваше за профит. Но, сепак за среќа нашите лауреати не беа едноставни пазарџии, тие беа предводници на новиот бран во архитектурата не само како мисла, проект и дизајн туку и во воспоставувањето на новите релации помеѓу проектантот, инвеститорот, изведувачот и секако општеството. Тие нам ни беа примери и тоа директни, не како авторитетни учители туку како постари браќа од кои можеш да гледаш што прават и да ги копираш, па дури ни беа и идоли, нешто како „селебрити“ рок звезди, „Ролинг стоунси“ и „Битлси“. Се разбира дека погодувате кој е кој. Ѓоле со својот гламур солираше долго време преку бироата кои ги формираше од ЈУКАН инженеринг до семејната мануфактура РАДО, но секогаш со квалитетна подршка од пратечкиот бенд на чело со Ацка.
Ранчо и Ајвар се секако другата убава и значајна приказна на новата суверена македонска архитектонска сцена. Тие беа и фирма и компанија но и творечки, уметнички, културен но и бизнис концепт. Во моите научни истражувања за канцеларискиот простор дојдов до заклуок дека т.н. „Коворкинг концепт“ е започнат во Скопје во 1996 а не во Њујорк во 2001 и тоа од Ајвар во просториите на ул.Максим Горки, концепт на кој сум лично сведок.
Значењето на двајцата лауреати се надевам дека доправа ќе се истражува а со тоа ќе се одреди и нивното место во континуираниот развој на архитектонската мисла и пракса, а дотогаш да уживаме во дел од нивните ремек дела презентирани во овој простор преку камерни авторски изложби.
Би сакал да упатам благодараност до нашите домаќини, Македонската академија на науките и уметностите, која се надевам дека во скоро време конечно ќе вброи во своите редови и архитекти творци.
Уште еднаш, драги архитекти академици, ви честитам во име на сите членови на ААМ, во име на Управниот одбор на ААМ и во свое лично име.
Мишко Ралев, претседател на ААМ