Насловна / Архитектура / Мишко Ралев: Има место само за оние чии дела ќе ги задоволат не сегашните, туку идните генерации на корисници

Мишко Ралев: Има место само за оние чии дела ќе ги задоволат не сегашните, туку идните генерации на корисници

Во целост ви го пренесуваме говорот на претседателот на ААМ, Мишко Ралев од доделувањето на Големата годишна награда на ААМ за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2023, која како што објавивме, припадна на објектот Изложбено-дистрибутивен центар со магацин Балканија, Визбегово – Скопје, дело на архитектите Миа Шириќ, Дејан Секуловски, Илија Божиновски со соработниците Саше Нешиќ и Катина Сутоглу од „Студио Синдикат“.

33

Драги колешки и колеги,

ми претставува чест и задоволство да ве поздравам на овој значаен настан на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, доделувањето на Големата годишна награда со што на еден симболичен начин ќе го заокружиме овогодишниот циклус на активности на Асоцијацијата кој беше разноврсен и динамичен. И додека годината го троши својот последен здив, ние еве забрефтани се закитуваме со одличјата славејќи ги последните победи кои се очекува да ни обезбедат или барем да ни резервираат место во меморијата.

Но сепак, таму ќе има место само за оние чии дела ќе ги задоволат не сегашните, туку идните генерации на корисници. И затоа не е важно што ќе извлечеме од шеширот, и зајакот и белиот гулаб, но и картите кои посакуваат еден ден да бидат асови од ракав и бесконечната свилена марама сепак го делат истиот шешир без разлика кој ќе добие поголем аплауз. Сите потекнуваат и се враќаат во него.

Па така, со сета почит кон годината што изминува во која се реинсталираше еквилибрумот на опшествените случувања и јавните настани, при што конечно ги одржавме пропуштените биеналиња, ги славевме 11 години од постоењето на Комората, а и 71 година од постоењето на Асоцијацијата, се боревме и се бориме за името во Меѓународната унија на архитекти каде славиме 30 годишно членување, расправајќи во таквиот форум за останување или не на Руската унија или дали да се учествува на изложба во земји под санкции, така што не би рекол дека сме „аполитична асоцијација на безгрижни архитектонски творци“ како што не нарече еден наш колега, секако во состојба на непознавање на нашите активности, чекаме во новата година да отвориме нови прашања на кои ќе се обидеме да дадеме професионални и прифатливи одговори.

И сега повторно ми се навраќаат кажувањата на еден посебен современ мислител Фредерик Бегдебе од неговата книга „399“:„…Се најдов среде машинерија која голташе се на својот пат, и никогаш не претендирав дека оттаму ќе излезам неоштетен. На сите страни го барав лицето кое би имало доволно моќ да го промени светот, се до денот кога сфатив дека тоа можеби сум јас…“

Претседател на ААМ,

Мишко Ралев, архитект

248 0261

Испрати коментар

Scroll To Top