Насловна / Вести / Миодраг Радоњиќ – Бато со стручни аргументи го демантира градоначалникот Герасимовски за неговите ставовите изнесени за конкурсот „Треска“

Миодраг Радоњиќ – Бато со стручни аргументи го демантира градоначалникот Герасимовски за неговите ставовите изнесени за конкурсот „Треска“

Ви ја пренесуваме реакцијата на архитект Миодраг Радоњиќ – Бато, Претседател на Комисијата за конкурсот на локацијата на фабрика „Треска“, предизвикана од ставовите и коментарите на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, дадени во интервју за порталот „Локално“.

тр3_resize

КОНКУРС „ТРЕСКА“

За  конкурсот „ТРЕСКА “ сум пишувал повеќе пати, а своето мислење и став сум ги изнел и во повеќе јавни настапи и итервјуа. Во врска со актуелните дискусии, на оваа тема, повикан сум лично во Фејсбук коментарите, а и индиректно како член и Претседател на Комисијата, во изјавите на Градоначалникот на Општина центар, Г-дин Герасимовски, за порталот „Локално“, кои во голем дел морам да ги демантирам . Си ја земам слободата да го направам тоа, врз основ на моето долгогодишно  искуство, како архитект проектант, урбанист, градител и инвеститор, како и да му се обратам лично со најдобри намери сé со цел на изнаоѓање на оптимално решение во интерес на сите заинтересирани, а особено во заштита на јавниот интерес, за што како Градоначелник е задолжен.

Почитуван Градоначалниче

Пред сé /како вовед/ сакам да нагласам дека ДУП-от на кој се повикувате не е усогласен со Генералниот Урбанистички План/ ГУП/ на Град Скопје, како план од повисок ред и обврзувачки за плановите од понизок ред како штое ДУП. Несопвпаѓањето и непочитувањето е утврдено и аргументирано во повеќе сегменти и параметри, кои  предметниот ДУП го чинат нелегитимен без можност да се спроведува, што на Вашите стручни служби им е добро познато, а верувам дека ве запознале и Вас. Цитат  од одлуките за спроведување на ГУП-от, кои го потврдуваат тоа :

Спроведување на Генералниот урбанистички план

Член 38

3) Врската помеѓу генералните и деталните планови, како и облигациите за нивната хиерархиска усогласенот во Законот е нормирана во член 11 став 7 од Законот за просто рно и урбанистичко планирање (Сл. Весник на РМ, бр. 51/05, 137/09, 91/09, 124/10, 18,11, 53/11, 144/12) во кој е утврдено дека деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план

5) Заради законската облигација деталните урбанистички планови да мораат да се усогласени со генералниот урбанистички план, сите детални урбанистички планови кои се донесени во периодот 2002-2012 година, како акти за спроведување на Генералниот урбанистичи план на град Скопје 2002-2020, кој веќе не е на сила, или оние кои се донесени уште порано, мораат да претрпат усогласување со новиот Генерален урбанистички план, со што ќе можат да се применуваат односно да станат акти за спроведување на новиот Генерален урбанистички план на град Скопје 2012-2022

6) Во периодот од донесувањето на Генералниот урбанистички план за град Скопје 2012-2022 до усогласувањето на деталните урбанистички планови кои ги донесуваат општините во составот на градот Скопје, деталните урбанистички планови кои се на сила можат да се применуваат само и исклучиво во оние делови од планскиот опфат кои се во согласност со Генералниот урбанистички план на град Скопје 2012-2022, односно не се спротивни ниту на една негова одредба.

Сето ова е причина зошто е донесен мораториумот  и по долги припреми, анализи и консултации со сите релевантни фактори, донесена е  одлука на Советот на Општината, како највисоко тело во процесот на одлучување,за објава на Јавна набавка со која е распишан Конкурсот за архитектонсо – урбанистичко решение за просторот на фабриката „Треска“.

Се согласувам  дека сето тоа предолго траело и дека можело да се реши побрзо, на што е инсистирано и преку ААМ и АА. Меѓутоа, сега кога конкурсот е завршен и процедурата за измена на ДУП-от е започната, непотребно и непродуктивно е, под притисоци и закани, да се навлегува во избрзани активности  врз основа на неусогласениот ДУП со ГУП, што сигурно ќе предизвика додатни проблеми и плолонгирање на процедутата.

Коментарот на Вашите изјави за „Локално“ ќе ги ограничам на оние делови кои се однесуваат на Конкурсот и резултатите добиени со неговата реализација , кои Вие во голем дел ги минимизирате и неосновано ги оспорувате.

Изјава 1:  „предложените решенија воопшто не коренсподираат ниту со сопственоста , ниту пак идејните решенија кореспондираат со актуелниот ДУП“

Оваа изјава е сосема произволна и неаргументирана, за што не Ви замерам, не сте во струката, но имате стручен тим кој стои зад Вас, кој можел да Ве упати зошто и со која цел се распишува конкурс.

Имено, конкурсните решенија треба да кореспондираат со проектната програма која во случајов е професионално и сеопфатно изготвена од комисија назначена од Општината, а составена од реномирани стручњаци и искусни професионалци.

Секој Конкурс се распишува со цел да се добијат  нови идеи со современа и модерна концепција за решаваање на одреден простор и оттука е небулозно да кореспондираат со актуелниот ДУП кој, меѓу другото, не е усогласен со ГУП,  а при тоа и нуди стереотипно, ригидно решение за една апсолутно субстандардна населба. Основната цел на конкурсот беше, баш таквото решение од ДУП-от, да се смени.

T_01_resize

Констатацијата дека „ предложените решенија воопшто не кореспондираат со сопственоста е само делумно точна, при што истите, не кореспондираат со парцелацијата од „актуелниот“ ДУП со кој просторот е поделен на 14 парцели со мешана сопственост на 6 ( шест) сопственика и РМ кои се додатно расцепкан на 37 градежни парцели со што целиот простор е комплетно деградиран.

Во однос на можностите за реализација, сопственоста е генерално запазена со тоа што е предвидена адекватна изграденост, но со препарцелација и сосема нова организација со оформување на јавниот простор и запазување на јавниот интерес.

Изјава 2: „не е проверено дали очекуваните конкурсни решенија можат целосно да бидат вградени во идните законски документи“

Ваквата изјава е лаконска и апсолутно неприфатлива  од едноставна причина што воопшто не е можно,однапред , да се предвиди какви сé предлози и решенија ќе се добијат.

Ниедно конкурсно решение, макар и најидеално, не е и не може да биде априори, директно, применливо и да послужи како законски документ, таквиот став е неиздржан, но истите можат да пружат соодветни предуслови за понатамошна разработка.  Наспроти Вашата иајава дека ниедно од предложените решенија  не го нуди тоа, повикувајки се на Жири комисијата, морам да Ве демантирам во однос на прворангираниот труд под шифра Г-ДВОР, при што го цитирам заклучокот од завршниот извештај на жири комисијата:

Заклучок: „Вака предложениот конкурсен труд, со урбанистишко просторниот концепт, сообракајното решение, односот на изградени и слободни површини, програмските барања, во голем дел почитувана зададената регулација , како и односот кон контакните подрачја, нуди соодветни предуслови за понатамошна разработка.“

Од тука ќе го повторам моето мислење кое Ви го образложив на средбата непосредно по завршување на конкурсот и предавање на Завршниот извештај од Жири комисијата: „Предлагам да се продолжи со разработка на прворангираниор труд , на повисоко  ниво на разработка, при што можат да се користат и соодветни делови од другите трудови, со препарцелација на просторот како ново просторно и функционално решение, со меѓусебно ускладување на државната и приватната сопственост сé со цел да се добие поквалитетно решение  кое би можело да се имплементира во новопредвидениот ДУП. Со нова препарцелација, пред сé, би требало да се оформи и дооформи јавниот простор и со тоа да се заштити јавниот интерес како приоритет, а приватните парцели да се окрупнат и да се овозможи порационална, поекономична и поквалитетна реализација на истите. Врз основа на новото просторно – функционално решение и новопредвидената парцелација првенствено треба да се дооформи јавниот простор,  а потоа, ако има потреба, да се доформуваат парцелите во приватната сопственост.   Во однос на реакциите на инвеститорите дека може да бидат оштетени, моето мислење, од инвеститорски аспект, е дека напротив,  со предвидена градба со приближно ист обем, но во модерно оформен станбено – деловен комплекс во центарот на градот, со подигање на нивото на живеење на идните корисници, од сите аспекти, ќе се зголеми интересот за купување на станбен и деловен простор, а со тоа и пазарната цена, со што сопствениците и инвеститорите можат да бидат само во добивка.“

За реализација на таков проект потребна е доверба кон професијата архитект-урбанист, повисока граѓанска свест и договор помеѓу локалната управа, инвеститорите и сопствениците со сознание дека тоа е во заеднички интерес, како приватен така и јавен.

Изјава 3: „Во однос на јавната презентација, морам повторно да нагласам дека овие идејни решенија не може да бидат предмет на презентација затоа што не се финални проекти“           Точно е дека конкурсните трудови не се финални проекти и не може и не треба ни да бидат. Конкурс е натпревар на идеи и баш затоа треба да се презентираат. Образложението изложбата на конкурсните трудови да НЕ СЕ одржи, затоа што се објавени на веб страната или на „македонска архитектура“ (МАРХ), не држи. Се работи за ИЗЛОЖБА – јавна манифестација со која се промовира Општината како носител, и сите учесници во реализација на Конкурсот, а посебно јавна промоција на учесниците, млади проектантски тимови, кои вложиле огромен труд за да ги презентираат своите идеи. Оттука ваквото образложение за изложбата да НЕ СЕ одржи го сметам за неприфатливо, наметнато и изнудено, впрочем нема и не треба да има воопшто образложение!!!  ИЗЛОЖБАТА е зацртана во конкурсните услови и е обврска на Градоначалникот да ја спроведе /без разлика дали е „стар“ или „нов“/, и тоа изложба со јавно претставување на наградените трудови и нивните автори како и стручна дискусија за нивниот придонес. Неодржување на изложбата е пред сé удар на Вашиот кредибилитет и интегритет како Градоначалник, и е директно омаловажување на Советот кој ја донел одлуката за распишување конкурс, градоначалникот кој го потпишал и го објавил конкурсот, комисијата која ја изготвила проектната програма, учесниците на конкурсот, жири комисијата која ги оценувала трудовите и е крајно неодговорен и понижувачки однос кон целата стручна фела, а и кон граѓаните кои го финансирале конкурсот и имаат морално право да ги видат резултатите од истиот.

Впрочем тоа го имате и лично ветено и чесно е тоа да го исполните.

Со почит,

арх. Миодраг Радоњиќ – Бато

Интервјуто за „Локално“ на градоначалникот Герасимовски можете да го прочитате тука.

IMG_20181225_225416

Испрати коментар

Scroll To Top