Замина уште еден еминентен архитект, добитник на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ член на Архитектонската академија при Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ. Замина, но остави творештво за паметење, со кое ќе биде забележан со големи букви во архитектурата на Македонија.
Роден во Вршац, Србија во 1948 година, образованието го започнува во Скопје и потоа, следејќи го професионалниот пат на родителите, продолжува во Ниш и во Сараево каде започнува и гимназија. Во втора година гимназија, на полугодие, доаѓа или се враќа во Скопје, каде продолжува во Гимназијата „Орце Николов“ и станува наш школски другар Миле. Со својот позитивен карактер и ведар лик, веднаш се вклопи во новата средина. Можеби тоа беше и поради неговата среќа и задоволство што е во Скопје „се вратив во МОЈОТ град“, беа неговите зборови.
Не само што се вклопи, туку донесе и некои нови вибрации, нов ветер од мултиетничкото и мултикултурното Сараево, нов оптимистички и креативен дух. А таква беше и Гимназијата „Орце Николов“ со македонски и „српски“ класови, ова под наводници затоа што предавањата беа на српско-хрватски, во кои учениците беа од сите краишта на Југославија. Ние не ни знаевме, ниту тоа ни беше важно, ниту нè интересираше, кој од каде е, кој што е… важно ни беше другарството и заедништвото. Матуриравме заедно во класот на класниот раководител Ксенија Аревска IV/3, „четврто три“, што ќе стане многу значајно при крајот на нашите професионални кариери.
Куќи за одмор „Београд биро“, Белград
Уште во тие гимназиски денови пројавуваше желба да студира архитектура, да стане архитект и кога успеа да го помине приемниот испит на Архитектонскиот факултет на неговата среќа ѝ немаше крај. Секогаш посветен и истраен, го истакна својот талент и го заврши студирањето во 1973 година со дипломска работа под менторство на професорот Борис Чипан со највисока оцена 10. Во тоа време во сферата на архитектурата популарни беа јавни и анонимни архитектонско-урбанистички конкурси на државно и на републичко ниво. Конкурсите беа ИНСТИТУЦИЈА поддржана од највисоко ниво, на кои учествуваа најеминентни архитекти и конкурсни тимови од сите републики на поранешна Југославија, и беа основа за избор на идеи и решенија за сите архитектонско-урбанистички комплекси и општествено значајни објекти. (За жал денес омаловажена и понижена од политичката и од бизнис-елитата).
Реконструкција на ресторанот „Кермес“, Скопје
Нашите професори беа страсни „конкурсџии“, со завидни успеси на републичко, државно и меѓународно ниво. Тоа го пренесоа и на своите студенти од кои поединци и новоформирани конкурсни тимови, започнаа со учество на конкурсите и се надоврзаа на нивните успеси. Талентот на Миодраг Митровиќ, сега веќе познат меѓу студентите како Мики, блесна уште на неговото прво учество, како апсолвент, на општојугословенскиот конкурс во 1972 година, за „Станбено-деловен блок“ во Зајечар, каде во силна конкуренција, ја освои втората награда како највисоко признание, при што првата награда не беше доделена.
Станбени кули „Три Бисери“, Скопје
По дипломирањето започнува неговата професионална кариера со вработувањето во 1974 година во ГП Пелагонија во оператива, првите две години, за потоа да премине во Пелагонијапроект и да ја започне проектантската кариера учејќи од искусните професионалци Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Радован Ратко Раѓеновиќ и од многу други во големото проектантско биро.
Во 1980 година заедно со Ратко Раѓеновиќ преминуваат во ГП Мавровопроект со цел да го дооформат веќе постоечкиот проектантски тим за најавените големи проекти од ГП Маврово. Најголемиот дел од неговото обемно проектантско творештво е фокусиран на домувањето и оттука голем број на проекти за станбени и хотелски комплекси. Покажува исклучителен осет за организација на просторот, внесувајќи современи трендови во проектирањето на становите како функционалност и флексибилност, притоа овозможувајќи им комфорно и хумано домување на идните корисници.
Во 1995 година со својата сопруга архитект Љиљана Митровиќ го основаат приватното проектантско биро „Метрика“ во кое ги вклучуваат и ќерката Горана и синот Срѓан, исто така архитекти, со што оформуваат идеален проектантски тим. Со исклучителна посветеност, исполнетост и креативност работат полни 22 години до 2017, кога, за жал, по семејната трагедија, подемот на проектантското биро „Метрика“ е прекинат.
Клиничка болница, Штип
Обемот на творештвото на архитект Миодраг Митровиќ-Мики е исклучителен, со огромен број на проекти и реализирани објекти, нема да ги наведувам, добро се познати на архитектонската јавност, со што како круна на сите негови најпрестижни награди и признанија, резултираше со доделувањето на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ во 2019 година и негово вклучување во Архитектонската академија при ААМ. Чест ми е и горд сум, што како претседател на Комисијата за доделување на наградата, заедно со сите членови едногласно одлучивме ова најголемо признание во архитектонската дејност, заслужено да му биде доделено нему, на Миодраг Митровиќ, АРХИТЕКТ, со големи букви, кој со исклучителен труд, залагање и креативност, се впиша во меморијата на архитектонското и градителско наследство на Македонија.
На крај доаѓаме до фамозното IV/3 – „четврто три“ од Гимназијата „Орце Николов“. По завршувањето на свеченото доделување на наградата ми кажа: „Не можам да верувам дека двајца школски другари од иста гимназија, од ист клас, со исто име, архитекти, ја добија наградата „Андреја Дамјанов“ и станаа членови на Архитектонската академија, тоа е куриозитет кој тешко ќе се повтори“. Оттука посветата на неговиот каталог, кој ми го подари, ја заврши со зборовите „За славата на IV/3“. Ова е мое лично простување од мојот школски другар, пријател, колега и пред сè голем човек.
Автор: Миодраг РАДОЊИЌ-БАТО, дипл. инж. арх.