Насловна / Вести / Министерство за култура: Штетата во културното наследство е непоправлива

Министерство за култура: Штетата во културното наследство е непоправлива

Поранешната влада направи огромни штети во културата во целина, но, сепак, најголема и непоправлива е штетата што е направена на културното наследство, велат од Министерството за култура.

„Оштетувањата во просторијата на галеријата на икони на Музејот на Македонија, направени на 9 март годинава, со паѓање на дел од таванскиот дел и несоодветното реагирање во временски рок од повеќе од три месеци од страна на раководството на Музејот на Македонија, е скандал од невидени размери.музеј-на-македонија

Галеријата на икони во Музејот на Македонија во Скопје е најрепрезентативната од ваков вид во нашата земја, заедно со Галеријата на икони при Охридскиот музеј и завод. Таа содржи икони што потекнуваат од почетокот на четиринаесеттиот до средината на дваесеттиот век. Според Законот за заштита на културното наследство, оваа збирка на икони е прогласена за културно наследство од особено и исклучително значење. За жал, веќе неколку месеци оваа бесценета колекција беше оставена во крајно несоодветни и ризични услови, без да се преземе ниту една позначајна мерка за нејзина соодветна заштита.

Најстарата музејска институција во државата, со највредни музејски збирки, кои се предмет на проучување на врвни домашни и светски специјалисти, од претходната власт беше третирана како депо, од кое си извлекуваше артефакти и си ги уредуваше новите партиски музеи. Но, она што е најстрашно е целосната маргинализација на оваа институција, што е видливо и поради тоталната незаинтересираност за збирката на икони, која по својата вредност е една од најбогатите и најпознати сочувани збирки на Балканот. Токму овие врвни примероци на иконопис досегашното раководство ги остави да пропаѓаат во неадекватни услови, во простории кои при секој пороен дожд прокиснуваат. Делата се дополнително изложени на оштетувања од високите температурни разлики поради отсуство на систем за климатизација. Истото се случува и со етнолошката збирка, чија вредност е исто така исклучителна.

За овие докажани и потврдени вредности од нашето културно наследство, претходната власт не почувствува потреба да инвестира и да обезбеди услови за нивно опстојување и презентација пред светската јавност.

Ваквиот пристап ќе го промениме веднаш. Од страна на Министерството за култура веќе бевте известени за итните преземени мерки. Во оваа институција веќе назначивме в.д директор, а новоформираните тимови на Музејот на Македонија, Националниот конзерваторски центар и Градскиот конзерваторски центар, интензивно работат на утврдување на степенот на загрозеност на иконите и фреските од галеријата, како и изнаоѓање соодветни простории со микроклиматски улови, во кои привремено ќе бидат депонирани експонатите од Галеријата, сè до нејзина санација и обезбедување соодветни микроклиматски услови во неа. Исто така, од страна на стручниот тим од Градскиот конзерваторски центар, ќе бидат предложени и архитектонски решенија за итна санација на просторијата, во која ќе бидат сместени иконите.

Воедно, Министерството за култура ќе изврши ревизија на состојбата на музејските збирки и условите во кои се чуваат и презентираат врвните вредности од нашето културно наследство и ќе изработи приоритетна листа за санација на штетите предизвикани од претходната власт.

Нашето културно богатство е од најголемо значење и највисок приоритет за нас, и ние нема да дозволиме тоа да не се заштитува соодветно и да се уништува како досега“, се вели во соопштението на Министерството за култура.

Испрати коментар

Scroll To Top