Новата министерка за култура Ирена Стефоска на вчерашната прес-конференција изјави дека заштитата на културното наследство е врвен приоритет на нејзиниот кабинет и дека макотрпно ќе работи на раскрстување со вандалскиот однос кон нашето наследство „бидејќи таквиот однос кон него, сите нѐ носи во пропаст“.
Приоритети на министерството се прогласување културно добро во опасност на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново и на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче, како и анализа за состојбата на спомениците на Народно-ослободителната борба (НОБ).
Министерката вели дека од надлежните институции побарала детални податоци и анализи за црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, каде што по 7 години изготвување проекти, досега се спроведени само заштитна покривна конструкција и превентива на ѕидното сликарство.
„Замислете, зборувам за културно добро од 12 век, со светска вредност! Се прашувам, зошто во последниве децении црквата ‘Св. Ѓорѓи’ (Ангелот од Курбиново) не била прогласена од надлежните институции за културно наследство во опасност иако Законот за заштита на кулурното наследство тоа го наложува? Таквиот статус, добро во опасност, значи да се мобилизираат сите стручни и материјални ресурси во земјава и да се вклучуваат меѓународни експерти и ресурси за трајно решавање на проблемот. Зошто досега не бил применет овој пристап и за сите други загрозени културни добра од светско и од национално значење, на пример, актуелен е случајот и со манастирот ‘Успение на Пресвета Богородица’, во Матејче, иако уште во 2017 Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство повеле иницијатива за негово прогласување за културно добро во опасност“, изјави Стефоска. Таа додаде дека пред 10 дена од Секторот во Министерството побарала да изготват листа на споменици од НОБ, на територијата на целата земја, кои лично ќе ги обиколи за да види во каква состојба се наоѓаат.
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче во тек на конфликтот 2001. беше штаб на УЧК, кога дел од црквата и фреските беа оштетени.
Директорката на Управата за заштита на културно наследство по посетата на црквата во 2018. Година изјави: „ „Поради тоа што недостасува јужната порта, а голем дел од стаклата се искршени, ветер и влага влегуваат во објектот и го уништуваат фрескоживописот, кој е од вонсериско значење, а и подот на црквата и врзните партии на тој начин се оштетуваат. По 2001 година направена е сериозна конзервација и црквата е доведена во состојба во којашто можеше да функционира, меѓутоа сега недостатокот на портата и искршените стакла овозможуваат климатските промени да делуваат на нејзино уништување. Црквата е изградена 1362 и за нас е од особена важност да ја сочуваме барем во состојбата во која е сега, бидејќи не можеме да ја вратиме во периодот од пред дваесетина години“.