Припадници на АРМ од штипскиот гарнизон, денес се вклучија во санирање на штетите на дел од коритото на река Отиња. На третиот дел од коритото, водата однесе дел од брегот и пешачката патека, заради тоа што пред самиот крај на зафатот камениот ѕид не беше споен со мостот кај црквата „Свети Никола“. Во преостанатиот дел, камениот ѕид ги запре надојдените води на Отиња. Ангажирана е механизација која од утринските часови веќе го санира овој урнат дел од брегот, со нанесување на тампон од камен и земја.
Во расчистување на штетите се вклучени и екипи на ЈП „Стипион“ и ЈП „Исар“. Екипа на јавното комунално претпријатие синоќа успеа да го одзатне главниот колектор за неколку часови, со што се избегнати поголеми последици. Нивото на водата на реката Брегалница е во опаѓање со што се очекува и нормализирање на водостојот кај градските бунари. Екипи на локалната самоправа на три локации се во посета на жителите на Стар Караорман, Лакавица и Штип за утврдување на штетите.