По изложбата во Њујорк, по повод одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Ирвинг Пен (1917-2009), истата поставка во септември 2017 година е преселена во Париз, во просториите на „Гран Пале“, каде што траеше до почетокот на овој месецо.
Иако од отворањето на изложбата во Париз се поминати речиси четири месеци, долгите редици луѓе надвор пред влезот на „Гран Пале“ не престануваа во својата интензивност се до последниот ден.
Ирвинг Пен роден пред сто години, на 16 јуни 1917 година, е американски фотограф кој својата слава ја стекнал во средината на минатиот век, со своето неповторливо око за детали и бројни соработки со американското списание „Вог“.
Изложбата во Париз која претставува еден од најголемите ретроспективни прегледи на творештвото на легендарниот фотограф, содржи 200 фотографии и други предмети, вклучувајќи ги и портретите на неговата муза и сопруга Лиза Фонсагривс, шведска манекенка и првиот супермодел во историјата на модата и модната фотографија. На изложбата можат да се видат и сега веќе култните портрети на Пабло Пикасо, Марлен Дитрих, Труман Капоте, Игор Стравински, Софија Лорен, Кејт Мос, Ив Сен Лоран, Вуди Ален, Салвадор Дали, Ежен Јонеско, Ингмар Бергман и многу други.
Заедничка фотографија на врвни манекенки и модели во педесеттите години на 20 век
Салвадор Дали
Изложбата е поделена во 11 творечки целини, почнувајќи од првите негови фотографии, па сè до последните денови од неговиот живот, во кои тој и понатаму интензивно работел.
РЕВОЛУЦИОНЕРЕН ПРИСТАП ВО МОДНАТА ФОТОГРАФИЈА
Како еден од најважните фотографи на 20 век, Пен е познат по своите сјајни модни, портретни фотографии и фотографии на мртва природа. Како што веќе напишавме, оваа ретроспектива на неговите дела ги претставува најзначајните фотографии од сите фази од кариерата на Пен – ретки улични сцени од крајот на триесеттите години на минатиот век, фотографии од Југот од почетокот на четириесеттите години, фотографии на повоена Европа, портрети на познати луѓе, модни фотографии и дела посветени на мртвата природа.
Антипод
Лиза Фонсагривис
Кој и да се наоѓал или што и да се наоѓало пред неговиот објектив, Пен го изразувал со исклучителен модернистички инстинкт за соголена едноставност. Тој бил еден од првите фотографи кој своите модели ги ставал пред еднобојни сиви или бели површини и е зачетник на модната фотографија, чија естетика „помалку е повеќе“ е исполнета со изненадувачка сензуалност. Прв го премостил јазот помеѓу „едиторијалната“ и високо уметничката фотографија, приближувајќи ја модата на уметничкиот свет.
Самиот предизвикал револуција во модната фотографија, создавајќи невообичаено долговечни и софистицирани рекламни кампањи. За време на долгите седум децении кариера, тој работел и знаел секојдневните предмети – табли со имиња на продавници, храна, догорчиња од цигари, улично ѓубре, светилки – да ги претвори во незаборавни сцени со неочекувани и често надреални убавини.
„Добар фотограф е оној кој ги соопштува фактите, допира во срцето и го прави набљудувачот променета личност по гледањето фотографија; со еден збор, ефикасен“, изјавил Ирвинг Пен во едно од неговите ретки интервјуа.
Ирвинг Пен е американски фотограф од руско-еврејско потекло. Тој израснал во Џерси, со неговите родители и помладиот брат Артур Пен, кој подоцна станал познат филмски режисер.
Ле Корбизје
ПОЧЕТОЦИ
Пен студирал уметност (сликарство, цртање, графика) во класата на Алексеј Бродович на Универзитетот за уметности во Филаделфија, каде што дипломирал во 1938 година. Веќе во тие денови и години, славното списание „Харперс Базар“ го препознал неговиот талент, па дури неколку од неговите цртежи биле објавени токму во тоа списание, а тоа било само почеток.
Во првите неколку години од својата кариера, тој работел самостојно, по што поминува една година како уметнички директор во компанијата Saks Fifth Avenue. Кратко потоа, се приклучил како соработник на „Вог“, а неговите фотографии од тој момент долги години ќе ги украсуваат страниците на ова глобално популарно модно списание.
Насловна страница на Вог
Во фотографијата тој се „вљубил“ уште во најраната возраст, а неговите дела станале препознатливи по Втората светска војна, кога ја негувал „шик гламур“ фотографијата.
Неговите модни фотографии се израз на елеганција и луксуз, иако претставуваат минималистички поставки, со бела или сива позадина.
Освен модните и портретите на познати уметници, писатели и актери, познати се и неговите серии фотографии на луѓе од Мароко, Бенин (тогаш Дахомеј), Непал и Нова Гвинеја.
БИЛ ПРЕД СВОЕТО ВРЕМЕ
Тој бил пред времето во коешто живеел. Тој факт најмногу се одразил на актовите кои датираат околу 1950 година, кои на една изложба биле прикажани дури триесетина години подоцна. Имено, во тоа време сè уште било речиси незамисливо на јавноста да ѝ се прикажат голи женски тела.
ЈАСНИ ПОРАКИ
Специфичностите поврзани со неговата работа се многуте јасни пораки кои ги пренесуваат неговите фотографии. Исто така, тука се секако и белата или сива текстурална позадина, едноставноста и статичноста. Во тоа време, големиот фотограф Ричард Аведон на еден начин го воведе движењето во фотографијата и го започна трендот во кој моделите се во движење, скокаат, се смеат. Кај Ирвинг Пен тоа не е случај. Неговите модели тоа не го прават. Тој некако им пркоси и ги оспорува правилата создавајќи нешто моќно, постојано, строго, но со многу висок квалитет.
ИНОВАЦИЈА И ИМАГИНАЦИЈА
Пен го демонстрирал својот неверојатен талент за работа, разновидност, иновација и имагинација во многу гранки на фотографијата и рекламната индустрија.
Во своите рани дела, Пен бил наклонет да користи одреден предмет при портретирањето на луѓе. Од време на време, тој го менувал тој предмет со нов. Во една серија фотографии, тој ја искористил позадината за да создаде кафез во кој ја сместил фотографираната личност. Затворањето на лицето во тој „кафез“, била според Пен, симболика дека некои луѓе всушност сакаат такво место во кое тие се чувствуваат безбедно, додека други, од друга страна, сакаат да избегаат од кафезот кој им го наметнал животот. Реакциите на луѓето во „кафезот“ биле најдобрата слика за нив самите. Во таа негова творечка фаза, тој ги фотографирал војводата од Виндзор и Спенсер Трејси.
Во следната фаза, Пен користел стар килим што го зел во една од продавниците на Трета авенија во Њујорк. Килимот бил носител на неговите портрети во следните три месеци. Тој се користел во различни комбинации со позадината, а најнезаборавните портрети од тој период биле направени со Џон Дејви и Алфред Хичкок.
Портрет на две достоинствени деца од Куска, Перу
Посебно се паметат две серии портрети. Првата била направена за време на Божиќ во Куско, Перу, а другата во студијата во Лондон, Париз и Њујорк. Во првата серија која била направена високо во Андите, тој го наговорил локалниот фотограф да му го изнајми студиото. Користејќи „прастара“ студиска камера, Пен направил повеќе од 200 незаборавни колор и црно-бели портрети. Студиото имало камен под, обоена позадина, мал тапет и студиско столче.
Втората серија е позната како проект „Мали занаети“, каде што портретирал работници во работни комбинезони. Сите му позирале пред едноставна позадина и биле странично осветлени – што станало заштитен знак на Пен.
Пабло Пикасо
НАЈОМИЛЕН МОДЕЛ – СОПРУГАТА ЛИЗА
Покрај манекенки, сликари, актери, режисери… неговиот најомилен модел била сопругата и светски модел, Лиза Фонсагривис, со која се оженил во 1950 година. Три години подоцна тој го отворил своето студио. Ирвинг и Лиза имаат син Томас, кој стана дизајнер на метал. Ирвинг Пен почина на возраст од 93 години во неговиот стан во Менхетен. Неговата сопруга Лиза, умрела 17 години пред него.
ПОЗИРАЊЕ ОД ПОВЕЌЕ ЧАСОВИ
„Не е важно што фотографирате, секоја фотографија може да стане уметничко дело ако знаете што правите. Кога работев на портрети, се обидував од луѓето кои ми позираат да добијам став“, тврдел Ирвинг Пен., Според Пен, формулата е само една: „Треба луѓето што ги фотографирате да ги исцрпите со повеќечасовно позирање, да ги направите да бидат преуморни за да можат да престанат да размислуваат за тоа како изгледаат. Во тој момент, маските паѓаат и тогаш имате можност за добра фотографија“.
Пен сакал да експериментира со фотографската опрема и со методите за снимање, а црно-белите фотографии секогаш ги развивал сам, додека тие во колор ги испраќал во надворешни студија.
Жан Кокто
Ив Сен Лорен