Во наредните броеви на списанието, „Порта 3“ ќе ги отвори страниците и за регионални урбанистички, архитектонски и градежни проекти. Поводот за овој чекор на Редакцијата е читателите да се запознаат со она што се работи и надвор од Скопје. Да се види дека и таму има добри решенија кои заслужуваат да бидат достапни до пошироката јавност.
Во овој број ви го претставуваме проектот на архитектите од „Студио Атриум“ од Штип – Мини авантуристички парк во туристичкиот локалитет „Суви Лаки“.
Планирањето на регионалниот развој во Југоисточниот плански регион претставува еден од основните чекори кон исполнувањето на мисијата на регионалниот центар за развој, а во исто време и започнување на процесот на регионалниот развој кој претставува процес на идентификување, поттикнување, управување и искористување на развојните потенцијали во овој регион. По барање на инвеститорот, Југоисточниот плански регион, архитектите од „Студио Атриум“ пристапија кон изработка на Основниот проект за изградба на мини авантуристички парк во туристичкиот локалитет, кој припаѓа на општина Берово.
Туристичката населба „Суви Лаки“ е лоцирана на територијата на општина Берово и се наоѓа на оддалеченост од 20 километри од Берово и на 30 од Струмица. Населбата „Суви Лаки“ е долга 3,5 километри и зафаќа површина од 80 хектари. Таа е урбанизирана во 1978 година. Во моментов таму се наоѓаат 450 викенд куќи, две детски одмаралишта, а предвидена е можност за градба на уште стотина викенд и комерцијални објекти.
За локалитетот е подготвен и Детален урбанистички план. Урбанистичкиот локалитет „Суви Лаки“ е викенд населба која се протега од двете страни на регионалниот пат Струмица – Берово, така што во делот на постојна сообраќајна мрежа трасата на коловозот на регионалниот пат е од асфалт, додека лево и десно од овој пат се протегаат поголем број на патеки од земјана површина кои гравитираат кон регионалниот пат.
Конкретната локација за поставување на мини авантуристички парк кој ќе содржи: детско игралиште, детско игралиште за инвалиди, мини авантуристички парк и велосипедски парк, сите овие содржини ќе бидат распоредени на три различни градежни парцели дадени според Деталниот урбанистички план вон населено место за туристичка населба „Суви Лаки“, општина Берово.
Со проектот се предвидува поставување и на реквизити за детските игралишта, за мини авантуристичкиот парк и за велосипедскиот парк на три посебни градежни парцели. Градежната парцела е со вкупна површина за градба 2.610 м², и наменета е за поставување на урбана, разни реквизити и соодветни патеки за рекреативци. Многу битно е да се каже дека проектантите предвиделе сите реквизити и опрема во авантуристичкиот парк да бидат направени од локален материјал, во кој ќе доминираат дрвото и каменот.
Во состав на детското игралиште се предвидува поставување и на детско игралиште за деца со посебни потреби, на површина од 300 м2, во чиј склоп е предвидено да се постават реквизити приспособени за овие деца, со доволно широки патеки кои ќе водат до нив, со цел да се овозможи нивно непречено движење. Инаку, детското игралиште ќе содржи повеќенаменска баланс патека, повеќенаменска дрвeна куќичка за качување, вртелешка, нишалка со амортизери, мрежи за качување, повеќенаменски дрвен реквизит со лизгалка и мрежи за качување, тројна дрвена лулашка, повеќенаменска патека со реквизити за качување и балансирање, дрвени трупци за балансирање, лулашка за деца со посебни потреби, дрвени клацкалки, дрвен мост со повеќе трупци за качување, летниковец, дрвени клупи, чешма, корпи за отпадоци и мобилни санитарии.
Со оглед на теренот на самата локација, кој е нерамен и со константен пад кон реката Суви Лаки, предвидено е детските реквизити да бидат поставувани на подна обработка со различен состав со каскадно паѓање кон реката Суви Лаки. Почнувајќи од бехатон плочи, па гумирани меки плочи поставени на израмнета бетонска подлога, ситен песок и дрвени фибер влакна врз подлога од чакал.
Авантуристичкиот парк ќе нуди можност за игра, разни активности и забава на отворено, а наменет е за млади луѓе, рекреативци и семејства со авантуристички дух. Самиот терен на локацијата дозволува целосно вклопување во околината со примена на природни материјали. Авантуристичкиот парк ќе биде поделен на дел за возрасни и за почетници. Во неговиот состав ќе има трамболина, летниковец, дрвени клупи, чешма, корпи за отпадоци и мобилни санитарии.
Велосипедскиот парк, исто така, ќе биде простор за игра, разни активности и забава на отворено. Тој е наменет за млади луѓе и рекреативци. Теренот на локацијата дозволува целосно вклопување во околината и примена на природни материјали. Во рамките на овој парк ќе има велосипедска патека за почетници, скокачка велосипедска патека за средно ниво и велосипедска патека – free ride. И овде се планирани летниковец, дрвени клупи, чешма, корпи за отпадоци и мобилни санитарии.
Александар Василев, дипл.инж.арх.