Фотографијата „Минхен“ на Никола Чамовски е победник на студентскиот натпревар за најдобра фотографија по повод одбележувањето на Денот на Европа на тема „Најдобар европски град“ со освоени 1.947 лајкови и други реакции.
На второ место е Теодор Мицески со фотографијата „Потсдам“ со 1.268 реакции, а на трето Михаел Дивјакоски со фотографија од Сплит со „освоени“ 792 реакции.
Онлајн натпреварот за најдобра фотографија, на кој учествуваа 47 студенти, се одржа од 27 април до 9 мај по повод Денот на Европа на Фејсбук страницата на Европското движење и предизвика огромен интерес „освојувајќи“ над пет илјади лајкови и други реакции. Резултатите се менуваа во текот на целиот натпревар, но на крајот една од учесничките беше дисквалификувана поради непочитување на правилата. За победниците се обезбедени парични награди од страна на Европското движење, кое има за цел да ги доближи европските градови до младите во Македонија и да промовира европски вредности!
Инаку, во рамки на прославата на Денот на Европа, Македонското Европско движење организира и онлајн дебата за размена на искуствата на студентите преку Еразмус плус програмата, како и онлајн квиз за знаењата за ЕУ, а за средношколците, пак, објави конкурс за најдобар есеј на тема „Заедно за иднината на Европската Унија“.