Архитектонското студио „Пујо“ од Белград создаде совршена мансарда во која се испреплетуваат елементи од минатото и модерното време.
Архитектите Маја Павичевиќ и Билјана Турањанин Пујо реализираа проект на претворање на едно старо поткровје во удобна урбана оаза, која се протега на 120 метри квадратни. Клиентот сакал да ја задржи рустикалната атмосфера, но со дополнителна светлина и прочистеност. Тимот архитекти ги срушиле преградните ѕидови и така добиле на простор, а проблемот на дополнителен проток на светлина го решиле со четири големи кровни прозорци, кои обезбедуваат доволно количество на природна светлина.
Дневната соба, кујна и трпезарија сочинуваат еден простор, одвоен од влезната зона со столбови. Наизменичниот ритам на пиластри и отвори е придружен со подно осветлување. Просторот во поткровјето некогаш имал сосема поинаква структура – секако приспособен на потребите на времето од почетокот на минатиот век. Со реставрација е креирана сценографија за интересни предмети, кои го персонализирале амбиентот и кои зборуваат за еден фин сензибилитет на инвеститорот.
Спалниот блок се состои од две соби, гостинско-работна и спална со свои бањи. Главната спална соба е удобна и пријатна и од неа се преминува во сосема различен простор – главна бања лоцирана во самата купола на зградата.
Автентичната купола е обложена со дрво и е целосно реставрирана со вкопана, централна када за хидромасажа.