Бирото Michael Green Architecture (MGA) од Ванкувер ги објави плановите за својот проект во Милвоки, САД, кој вклучува изградба на облакодер од масивно дрво, кој, доколку биде завршен, би требало да стане највисоката зграда од ваков вид во светот.
Предвиден за изградба во срцето на најголемиот град на американската сојузна држава Висконсин, планираниот комплекс со повеќе кули би вклучувал канцелариски, малопродажни, хотелски и станбен простори, како и јавни плоштади.
Потфатот, предводен од инвеститорот Neutral, моментално е во процес на добивање дозвола од градот, а самиот комплекс ќе биде лоциран на постојниот паркинг на Marcus Center, бруталистичка зграда од средината на минатиот век, проектирана од американскиот архитект Harry Weese (1915–1998).
За 30 ката повисока од актуелниот рекордер
На рендерите на канадското биро може да се види кула од 55 ката, чија точна висина сè уште не е одредена, а која би била изградена главно со елементи од масивно дрво.
Ова ќе го собори актуелниот рекорд за висина на структури примарно направени од овој тип на материјал, кој го држи 86,6 метри високата Ascent Tower, 25-катница која исто така се наоѓа во Милвоки и дело на локалната фирма Korb Architects.
Основачот на MGA, архитектот Мајкл Грин, изјави за Dezeen дека проектот ќе користи „што е можно повеќе дрво“, но дека за деталите за употребата на бетон и челик сè уште не е одлучено.
Планот за развој вклучува и неколку други објекти со средна висина со слична материјализација и форма. Рендерите покажуваат згради со заоблени рабови и малопродажни простори долж улицата, кои се распоредени под подиумот на зградите покриени со висечка вегетација.
Меѓутоа, Грин додаде дека дизајнот „значително ќе се менува и ќе се развива“ во фази кога неговото биро ќе соработува со инвеститорите и градот, за да се постигне проект кој најдобро функционира.
„Секундарните“ градови го предводат патот во иновациите
Според неговите зборови, инвеститорите и градските власти покажуваат спремност за т.н секундарни градови во Соединетите Држави да го поставуваат стандардот во одржливиот развој.
Грин објасни дека помалите градови може да имаат единствени можности за спроведување на одржлив развој, создавајќи модели за поголеми урбани центри, истакнувајќи дека поголемите градови како Чикаго се помалку подготвени да експериментираат со материјали.
„Амбициозните проекти, како овој, покажуваат како помалите градови сега се подготвени да ги надминат некогашните доминантни престолнини кои ги обликуваа нашите хоризонти во изминатиот век. Прогресивните лидери на Милвоки прифаќаат визија насочена кон иднината, охрабрувајќи го развојот и иновациите. Секундарните градови низ Америка докажуваат што се е можно“, вели архитектот.
Овој проект доаѓа во време кога градоначалникот на Милвоки има за цел да го зголеми бројот на жители во градот.
„Како градоначалник не се двоумев да ја изразам мојата цел за зголемување на бројот на жители на нашиот град на еден милион. За да го постигнеме ова, мора да бидеме агресивни и да се стремиме кон нови височини. Овој проект ќе ни помогне да го постигнеме тоа, буквално со цел да поставиме локални и глобални рекорди, но исто така и да придонесеме за густина на населеност и активности на недоволно искористената парцела на Marcus Center “, вели градоначалникот.
Градот, исто така, склучи договор со инвеститорите за едногодишни ексклузивни права за обезбедување финансии и одобренија за овој проект. Според Грин, проектот ќе се реализира во фази, со цел темелно да се работи на големата густина на населеност што ќе ја „донесе“ новиот комплекс во оваа област, во која доминираат ниски згради.