Бернар Арно, еден од тројцата најбогати луѓе на светот, коосновач, сопственик и извршен директор на LVMH, најголемата светска компанија за луксузна стока, во декември 2022 година ја купи Casa degli Atellani, две споени вили од 15 век со лозје на Леонардо да Винчи во позадина.
Девет месеци по купувањето, оваа омилена туристичка атракција е затворена за јавноста, без потврда дека повторно ќе биде достапна.
Повеќе од 500 години беше врска со една од најпознатите и најгрнијални личности на сите времиња. Неколку винови лози во задната градина на ренесансната вила, спроти црквата Санта Марија деле Грацие, каде што е Леонардовата прочуена фреска Тајната вечера и привлекува реки туристи од целиот свет – се верува дека се дел од лозјето кое Да Винчи некогаш го поседувал.
Лозјето беше отворено за јавноста благодарение на фондацијата „Порталупи“ и поранешните сопственици на куќата..
Место за кое Леонардо се борел до смртта
Историјата на лозјето и Casa degli Atellani ја раскажуваат приказната за градот Милано. Вилата од 1490 година, која всушност се состои од две куќи, и ја подарил на локално семејство Лудовико „Ил Моро“ Сфорца, тогашниот владетел на Милано, како благодарност за нивната лојалност.
Сфорца задоволен од работата на Леонардо на Тајната вечера, што самиот ја нарачал, му го подарлил земјиштето зад куќите на славниот уметник. Се зборува дека Леонардо се повлекувал во своето лозје за да се опушти по напорната работа во црквата.
Меѓутоа, Да Винчи не можел долго да ужива во своето лозје. Една година откако лозјето му било подарено, Милано бил освоен од Французите, кои брзо ја конфискувале земјата – вклучувајќи го и лозјето.
Но, Леонардо не го заборавил своето лозје. Пишувал за него белешки во неговиот Codex Atlanticus и успешно се залагал да му се врати. Кога умрел – во Франција, 1519 година – во тестаментот навел дека лозјето треба да го поделат двајца негови слуги. Двата дела од лозјето биле пренесувани од генерација на генерација, делумно ги обработувале локалните монаси, додека на крајот не е изгубено.
Лозјето потоа повторно е откриено во 1920 година, кога архитектот Лука Белтрами ги прочешлал историските документи за прецизно да ја одреди локацијата на имотот на уметникот. Но, набргу потоа, бомбардирањето во Втората светска војна го уништило и она малку што останало од земјата.
Дури во 2007 година, експертски истражувачки тим се вратил на локацијата идентификувана од Белтрами, ги ископал древните корени на винова лоза и генетски ги тестирал, за на крајот да открие дека Да Винчи веројатно засадил Malvasia di Candia Аromatica во своето лозје.
Лозјето – сега многу помало – брзо е повторно засадено, а во 2018 година го даде својот прв род. Неколку шишиња вино произведени секоја година се продаваат на аукција за локална детска добротворна организација.
Досега, посетителите можеа да талкаат низ куќата – која е реновирана во 1920-тите, а потоа повторно по Втората светска војна ја реновирал Пјеро Порталупи, можеби најголемиот милански архитект во тоа време. Семејството на Порталупи било сопственик на зградата.
Во повеќечасовната обиколка на имотот со аудио водич, посетителите можеа да уживаат во ренесансните фрески, прекрасно резбарени дрвени украси на ѕидовите, и чистиот, модерен стил на Портолупи, пред да ја посетат градината и самото лозје.
Меѓутоа, сето тоа сега е доведено во прашање, заклучно со последните влезници кои важеа до 30 септември.
За Франческа Грињафини, која организира тури низ културно-историските места во Милано, ова е крај на една ера.
„За мене тоа е двоен удар – Casa degli Ateliani беше дел од маршрутата и беше еден од најбараните за туристите. Но, дури и како жител на Милано, одземено ми е место, кое не само што е уникатно по тоа што е единственото лозје на планетата што ја произведува истата малвазија како Леонардо, туку и место кое беше составен дел од културниот живот на градот“.