Студиото IWI од Еквадор проектирало микро куќа направена од дрво и платно. Овој станбен модул може да се прошири по потреба за да се прилагоди на индивидуалниот животен стил на секој корисник, но и да се врати во првобитната состојба кога гостите ќе заминат.
Објектот е конструиран од два модула од светло дрво, поврзани со склопива структура слична на хармоника, која е обвиткана со текстил.
Проектот на куќата го потпишуваат архитектите Juan Ruiz и Amelia Tapia од Еквадор. Нивната примарна идеја била да создадат модул кој ќе функционира како вградено парче мебел или полица кога е склопено..
Кога се проширува, овој модул се претвора во простор за живеење со сите потребни елементи за удобен престој, пишува Designboom.
Едноставна монтажа и демонтажа
Користењето на просторот може да биде разновидно, од канцеларија, преку студио за јога до гостинска соба.
Архитектите го проектирале објектот користејќи компјутерски нумерички контролирана технологија за да овозможат универзално и масовно производство, како и едноставна монтажа и демонтажа.
Внатрешноста на објектот се карактеризира со минималистички дизајн и простор дизајниран во милиметар со цел да се обезбеди функционално и удобно опкружување.
Модулот во задниот дел носи полици и чајна кујна, но и сите потребни дополнителни елементи како осветлување, електрични приклучоци и прекинувачи.
Од друга страна, предниот модул, кој е подвижен благодарение на тркалата, носи голем застаклен влез во објектот.
Променлива микро куќа
Објектот може целосно да се прошири за да функционира како удобен простор за четири лица, а може и делумно да се прошири за да остави дел од терасата слободен за активности на отворено.
Важно е да се каже дека овој објект е променлив и не го нарушува опкружувањето и не бара никакви трајни интервенции.
На терасата, каде што архитектите го претставиле, може да се види дека надворешниот простор не се губи, туку само привремено се трансформира во внатрешен простор.