Насловна / Вести / Microsoft и Apple своите нови згради ги градат од дрво (ВИДЕО)

Microsoft и Apple своите нови згради ги градат од дрво (ВИДЕО)

Технолошките гиганти Microsoft и Apple донесоа одлука да користат дрво како примарен градежен материјал во нивните најнови градежни проекти. Оваа промена не само што ги одразува нивните стратегии за одржливост, туку поставува и нов стандард во индустријата.

Microsoft гради центри за податоци со вкрстено ламинирано дрво (CLT), додека Apple ја отвори својата прва продавница направена од масивно дрво. Овие иновации означуваат поместување кон намалување на јаглеродниот отпечаток на големите комерцијални објекти.

Microsoft: Дрвото во дигиталната инфраструктура

Центрите за податоци традиционално се градат од бетон и челик, но Microsoft сега истражува алтернатива што ги намалува емисиите на јаглерод диоксид. Нивните нови објекти во Северна Вирџинија,проектиран од глобалната архитектонска фирма Gensler и инженерите од Thornton Tomasetti, комбинираат челична конструкција со CLT таван. Овој хибриден пристап го намалува јаглеродниот отпечаток за 35% во споредба со челичните конструкции и дури 65% во споредба со традиционалните монтажни бетонски објекти.

Покрај тоа што овозможува полесна и поеколошка градба, CLTпружа и подобра енергетска ефикасност, што е од клучно значење за објекти како центри за податоци кои бараат огромни количини на енергија за ладење и одржување на серверските системи.

Според Microsoft, целта на компанијата е до 2050 година да го отстрани од атмосферата еквивалент на сите емисии на јаглерод диоксид од нејзиното основање во 1975 година. Поради ширењето на мрежата на нејзините центри за податоци, забележан е раст на индиректните емисии за 30,9%, па како клучна иницијатива се наметнува декарбонизацијата на објектите.

„Работата со партнери, влади и заедници е клучна за справување со климатските промени. Со тестирање на материјали како CLT во нашите центри за податоци, сакаме да поттикнеме иновации и да ја инспирираме пошироката индустрија“, велат од компанијата.

Apple: Продавница од масивно дрво

Додека Microsoft користи CLT за инфраструктурни објекти, Apple се одлучи за масивно дрво за своите малопродажни простори. Новата продавница на Apple во Мајами, лоцирана во павилјонот Apple Miami Worldcenter, е првиот објект на брендот со претежно дрвена конструкција.

Инспириран од локалната арт-деко архитектура, објектот проектиран да комбинира дрвена структура со заоблен покрив и стаклени влезови. Apple, во соработка со добавувачите, избра FSC сертификувано дрво за да обезбеди одговорно снабдување со материјали и значително да го намали вградениот јаглерод диоксид во објектот.

„Сакавме ефикасно стручно решение кое би можело да се набави локално и да помогне во намалувањето на вкупниот јаглероден отпечаток на проектот“, посочува BJ Siegel, лидер на тимот за дизајн на малопродажба на Apple.

Во продавницата доминираат природни материјали, а посебен акцент е ставен на светлосните ефекти и акустичната удобност. Конструкцијата од масивно дрво формира централен простор до кој се пристапува преку стаклени влезови на двата краја на зградата, додека внатрешните елементи се изработени од даб.

Ако се прашувате кој го проектирал овој објект, очигледно не е Норман Фостер, бидејќи не е споменат во најавата, туку само накратко е објаснето дека проектот го изработил „ in-house тимот на Apple“.

Што значи преминот на технолошките гиганти на дрво?

Одлуката на компаниите како Microsoft и Apple да се префрлат на дрво во нивните објекти покажува дека одржливата градба станува императив, дури и во технолошкиот сектор. Употребата на CLT и масивно дрво не само што ги намалува емисиите на јаглерод, туку и ја отвора вратата за понатамошно истражување на еколошки материјали во комерцијалната и инфраструктурната изградба.

Овие проекти го поставуваат прашањето – дали дрвото ќе стане стандард во другите сектори на високоградбата? Доколку гигантите како Microsoft и Apple инвестираат во оваа технологија, можно е и други големи компании да го следат примерот, што значително би го променило начинот на кој ја градиме иднината.

Испрати коментар

Scroll To Top