По 65 години населбата Мичурин во општина Аеродром за прв пат ќе добие молитвен храм наменет за христијанските верници.
Осветувањето и поставувањето на камен-темелникот на новиот храм „Св. Јован Златоуст, Св. Василиј Велики и Св. Григориј Богослов“ беше извршено денеска на празникот Воведение на Пресвета Богородица.
Чинот на осветување го изврши архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, а присуствуваа и градоначлниците на Град Скопје Коце Трајановски и општина Аеродром Ивица Коневски.
Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан истакна дека општина Аеродром е населба со најмногу цркви и дека очекува и другите општини да го следат истиот пример.
Идејата за изградба на овој свет храм дошла од здружената прослава на жителите од Мичурин на Василица. Тие здружено го прославувале овој празник, но немале свој храм.
Градежните активности ќе ги изведува фирмата „Жикол“.