Насловна / Вести / „Мета“ го укинува програмот за проверка на факти

„Мета“ го укинува програмот за проверка на факти

Доаѓањето на Доналд Трамп на власт влијаеше и на политиката на „Мета“, компанијата која стои зад социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук. Отсега овие платформи повеќе нема да имаат алгоритми за проверка на информациите, туку тоа ќе им биде доверено на самите корисници.

Досега корпорацијата „Мета“ максимално се трудеше информациите кои се пласираат на нејзините платформи Инстаграм и Фејсбук да бидат проверени и во тоа и помагаа екстерни компании кои ги проверуваа информациите. Некои објави се ознозначуваа како невистинити, се со цел да се заштитат корисниците од опасни дезинформации. Сепак, тоа нема да биде случај во иднина.

„Мета“: „Имавме добри намери, се отиде предалеку“

Извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, најави значителни промени во однос на модерирањето објави на платформите Инстаграм и Фејсбук. Новината носи целосно укинување на алгоритмот задолжен за проверка на вистинитоста на објавените информации (fact-checker) и негова замена со различен модел.

„’Мета’ повеќе нема да има програм за проверка на факти од страна на трети лица, туку моделот ќе биде сличен на оној на платформата Икс, каде што корисниците самостојно пријавуваат невистини и дезинформации“, наведе Џоел Каплан, новоименуваниот шеф за глобални работи во „Мета“. „Имавме добри намери, но имаше премногу пристрасност“.

Промена на администрација и нови, „полабави“ правила

Одлуката на „Мета“ да укине проверување на информациите е предизвикана од промената на администрацијата во Соединетите Американски Држави, односно доаѓањето на власт на Доналд Трамп. „Неоспорно е дека дојде до голема промена во однос на изминатите четири години. Бевме сведоци на многу притисоци, социјални и политички“, рече Каплан.

„Сега доаѓа нова администрација и нов претседател, кои се големи поборници за слободата на изразување, а големи противници на секаков вид цензура и модерирање на содржините на социјалните мрежи“, додаде тој. Корисниците ќе бидат охрабрени да го заземат својот став, што остава доволно простор за повеќе различни мислења, пренесува порталот TeкКранч.

Новите правила носат и нови ризици, предупредуваат експертите

Ваквата драстична промена на политиката на „Мета“ предизвика низа реакции на социјалните мрежи, и додека едни се радуваат на веста, други стравуваат дека последиците би можеле да бидат драматични, па дури и несогледливи. Најмногу поради тоа што одлуката е донесена за да се задоволи новата администрација, а не да се подобри корисничкото искуство.

Сепак, критичарите сметаат дека таквата одлука ќе ја чини „Мета“ скапо, бидејќи невистините и токсичните содржини сега ќе се шират со брзина на светлината на платформите што ги поседува, како што се Инстаграм и Фејсбук. Закерберг, од друга страна, е оптимист: „Мислам дека тоа ќе ни помогне да изградиме доверба“, рече тој.

Гигантот на социјалните мрежи обезбеди повеќе од 100 милиони долари за надворешни организации сертифицирани од Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN) да вршат проверки на фактите на нејзините социјални мрежи од 2016 . Големите медиуми како USA Today и Reuters соработуваа со компанијата „Мета“ за овие проверки на факти, како и одредени сајтови за проверка на факти како FactCheck.org.

Испрати коментар

Scroll To Top