Насловна / Архитектура / Местото каде реките Ока и Волга ги подаваат рацете

Местото каде реките Ока и Волга ги подаваат рацете

Стадионот „Нижњи Новгород“ во истоимениот град во Русија е изграден на една од најживописните локации, Стрелкa, токму на устието на реките Волга и Ока, а во непосредна близина на црквата Александар Невски изградена во 1880 година. Областа нуди волшебен поглед на Нижњиновгородскиот  кремљ, кој се наоѓа на спротивниот брег на Ока. Или, како што вели популарната песна „Стрелкa“ што се смета за неофицијална химна на Нижњи Новгород: „Каде Ока и Волга ги подаваат рацете една кон друга, пространството  е неограничено и може да го допрете небото“. Кога е денот јасен, а небото  бистро, може да се види дека водата на двете реки е во различна боја, Волга е потемна и поширока.

8_resize

Локацијата на која е сместен стадионот е трансформирана во рекреативна зона со парк и насипи за граѓаните, Стрелкa сега е отворена и е ново место за семејна рекреација.

Непосредната близината на стадионот до историските објекти наметнала одредени барања за архитектонското обликување на новата арена. „Нижњи Новгород“ е инспириран од аспекти на природата во регионот на Волга – вода и ветер. Во исто време, со оглед на близината на најстариот историски град, објектот треба да има силуета што е воздржана, но и маркантна. Во визијата на архитектите, стадионот почитува, но има и препознатлив изглед. Неговата уникатност произлегува од неговите асоцијации со Волга, локалната природа и сцени што претставуваат вода и ветер. Лесната основна конструкција на модерниот колосеум е составена од фини триаголни столбови поставени во основа на круг. Тие носат полутранспарентна фасада која ја крие „чинијата“ на стадионот. Арената е опкружена со пешачка патека поврзана со скали поставени на тангентите, истакнувајќи го протокот на стадионот, правците на движење, влезовите и излезите. Навечер, предната фасада од колонада на столбови и повлечената „чинија“ на стадионот се осветлени, истакнувајќи ја нивната пластичност и транспарентност. Се преплетуваат сенки од колонадата и создаваат игра на полно и празно.

7_resize

На крајот на 2014 година Министерството за спорт на Руската Федерација потпиша договор со АД „Стројтрансгас“ (СТГ) за изградба на стадионот која отпочна во 2015 година. Работите се завршени во декември 2017 година. Во јули 2017 година отпочнато е посејување на тревата. Избрани се неколку видови трева „Риграс“ кои се успешно тестирани во Шкотска. Два месеца подоцна, кога се оформил кореновиот систем на тревникот, бил порамнет со ленти од полимери. Стадионот официјално е отворен на 15 април 2018 година со натпреварот помеѓу клубовите од домашното првенство „Олимпијец“ и „Зенит“.

6_resize

При изградбата на стадионот користени се  најнови технологии и материјали, иновативни решенија за да се обезбеди достапност на сите групи на посетители и безбедност на спортистите и навивачите. Архитектонскиот концепт е врамен во единствен колорит на сина и бела боја и е испреплетен со пејзажот на природата на Волга. Стадионот е сертифициран според еколошкиот стандард BREEAM. Во текот на работата, СТГ изведе 12.000 м³ челични конструкции, а обемот на бетонските работи изнесува 183.000 м³. На стадионот се инсталирани 25 инженерски системи. Во изминатите периоди речиси 3.000 работници и инженери беа вклучени во изградбата на објектот.

4_resize

Стадионот „Нижњи Новгород“ е изграден не само како фудбалска, туку и како мултифункционална арена со простори за атлетски тренинзи, фитнес-центри, комерцијални области и ќе се користи 365 дена во годината. Стадионот има капацитет од 45.000 гледачи, вклучувајќи и 902 места за лица со инвалидитет. Неговата цена е нешто повеќе од 280 милиони долари. Изграден е на локација со површина од 21,6 хектари, а вкупната површина  на објектот е 127.500 м². За време на Светското првенство во фудбал се одиграа четири натпревари во групната фаза и едно осмина финале. Борбата за превласт во светскиот фудбал се вжештува. Вечерва на стадионот „Нижњи Новгород“ ќе се одигра и четврт финалето помеѓу репрезентациите на Уругвај и Франција, а стадионот повторно ќе биде извор на многу тага или солзи радосници кои ги носи најважната споредна работа на светот.

По завршетокот на Мундијалот 2018 стадионот ќе го користи локалниот фудбалски клуб „Олимпиец“.

3_resize

„НИЖЊИ НОВГОРОД“ ПРЕКУ БРОЈКИ

– капацитет 45.000 гледачи

– цена нешто повеќе од 280 милиони долари

– локација со површина од 21.6 хектари

–  вкупна површина  на објектот 127.500 м²

 

2_resize

5_resize

1_resize

Испрати коментар

Scroll To Top