Во просториите на НУ Завод и Музеј – Битола, градоначалникот на општина Битола Владимир Талески, израелскиот амбасадор Дан Ориан и претседателот на Здружението за одржлив урбан развој, архитектура и амбиент „АРХАМ “ Марјана Стефановска, потпишаа Меморандум за реконструкција, заштита и конзервација на Еврејските гробишта во Битола.
„Со потишувањето на меморандумот, Еврејските гробишта во Битола ќе бидат оттргнати од процесот на т.н. ерозија на времето, ќе се конзервираат и ќе се преземат мерки и активности за подигнување на свеста за значењето на овој објект споменик со голема културно историска вредност. На Еврејските гробишта ќе биде обезбедена дополнителна грижа и заштита на просторот, ќе биде изградена посебна алеа и ќе бидат засадени дрва, исто толку колку што некогаш во Битола имало еврејски семејства“, истакна градоначалникот Талески.
Општина Битола во соработка со израелската амбасада во изминатиот период организираа повеќе заеднички настани, а истите ќе продолжат и во иднина што се докажува со потпишувањето на Меморандумот.
„Меморандумот или декларацијата е многу важна бидејќи таа мотивира да работиме заеднички, институционално здружени за да не забораваме на минатото во Битола. Нашиот единствен пат и планови се врзани со иднината, со желба во Битола да донесеме многу туристи за да погледнат и да прочитаат за сведоштвата од минатото. Со овој документ ја испланиравме нашата идна соработка незборавајќи го минатото, ќе ги придвижуваме нештата бидејќи даваме нов импулс на нашата соработка“, посочи амбасадорот Ориан.
Исто така, после потпишувањето на Меморандумот, беше отворена изложбата „Еве сум “ – Израелските предели во илустрациите на детските книги од 1948 до 2014, од илустраторот Лиора Гросман.