Насловна / Архитектура / Меѓународна научна конференција „Проект Скопје“ во 2023 година по повод 60 години од земјотресот во Скопје

Меѓународна научна конференција „Проект Скопје“ во 2023 година по повод 60 години од земјотресот во Скопје

По повод 60 години од Скопскиот земјотрес и 110 години од раѓањето на јапонскиот архитект Кензо Танге, Архитектонски факултет, УКИМ во Скопје следната, 2023 година ќе организира меѓународна научна конференција насловена „Проект Скопје“. Светските архитекти и истражувачи од Јапонија, Холандија, Грција, Италија, Полска и САД, 60 години по земјотресот и планот на Кензо Танге за Скопје, повторно во Скопје ќе разговараат за моќта на солидарноста, светската соработката, архитектурата и изградбата на разурнатите градови и заедници.

По разорниот земјотрес во 1963 година, кој остави повеќе од 80% од зградите во урнатини, Обединетите Нации вложиле исклучителен напор за реконструкција на Скопје, поканувајќи во обновата да се вклучат голем број светски архитекти, меѓу кои Кензо Танге од Јапонија, Јап Бакема и Ван ден Брук од Холандија како и Константин Доксиадис од Грција. Нивните проекти биле потврда на идејата дека современите градови и општества можат да бидат проектирани и реконструирани преку идеи и концепти кои се својствени на архитектурата и урбанизмот, а при тоа се и длабоко хуманистички.

„Во 1963 година проектот за постземјотресната реконструкција и изградбата на Скопје беше одлична можност за светските архитекти  од тоа време, на покана на ОН, да создадат навистина светски проект кој ќе ги промовира универзалните хуманистички вредности создадени низ архитектурата. Овој процес беше реализиран низ блиска соработка на врвните архитекти од целиот свет за создавање на светската визија за Скопје“ – вели проф. Д-р Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет.

01-01_resize

Точно шеесет години после катастрофалниот земјотрес во 1963 година и педест и седум години по изработката и усвојувањето на планот за реконструкција на градот, во Скопје ќе гостуваат со свои предавања светски познати архитекти научници и истражувачи од врвни светски универзитети, историчари на архитектурата, градежници и инженери кои ќе разговараат за поуките од минатото, но пред се, за важноста на идеите за солидарност, меѓународна помош и реконструкција и изградба на разурнатите градови во светот.

„Во јуни, 2023 година, после шеесет години, светските архитекти и градители, повторно ќе размислуваат и дискутираат за Скопје, но сега не само како за град кој треба да се обнови, туку како парадигма и модел за соработка во создавањето на праведно општество и одржливи градови, нешто што се покажува како особено важно и во актуелната состојба во светот“. – вели организаторот на настанот, деканот на Архитектонскиот факултет, Огнен Марина.

Архитектонски факултет при УКИМ во Скопје ја промовираше иницијативата за организација на настанот во соработка со сите релевантни институции и организации во државата и веќе се остварени и првичните контакти и притоа е изразена огромна заинтересираност и поддршка за организација на настанот.

arhitektonski fakultet_resize

Испрати коментар

Scroll To Top