Решавање на проблемите предизвикани од климатските промени и размена на најдобрите практики меѓу претставници на граѓански организации и општини од Југоисточна Европа. Тоа е целта на втората меѓународна конференција за климатски промени што од денеска до 10 јуни се одржува во Охрид во организација на здружението за одржлив развој Милиеуконтакт Македонија, преку проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени.
Конференцијата, според ресорниот министер Нурхан Изаири, се организира во вистинско време, во услови кога сè уште се справуваме со еколошките, социјалните и економските последици предизвикани од неодамнешните временски непогоди кои ги зафатија Македонија и регионот.
– Размената на искуства и знаења со меѓународни активисти, експерти и практичари од областа на адаптација и митигацијата кон климатските промени, со експерти за одржлив развој и со граѓански организации од државата и од регионот, кои работат на полето на животната средина и одржлив развој е од особено значење за унапредување на активностите во оваа област, – истакна Изаири.
Министерството за животна средина и просторно планирање, посочи, во функција на национален координатор за климатски промени дејствува во повеќе правци.
– Во соработка со програмата за развој на ОН веќе 15 години работиме на изработка на неопходни стратешки документи за климатски промени, кои ни овозможуваат успешно реализирање активности што произлегуваат од обврските од членството на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени и Протоколот од Кјото, – рече Изаири.
Предизвикот со климатските промени, како што нагласи американскиот амбасадор во Република Македонија Џес Бејли, е глобален, но чекорите што ги преземаме нè прават дел од решенијата.
– Низ целиот свет, САД гради отпорност против климатските промени и го ублажува нивното влијание. Во Македонија се занимаваме со тоа преку повеќе проекти. Сакаме да биде полесно да се вложува во обновлива енергија, да им помагаме на фирмите подобро да раководат со потрошувачката на енергија и да ја намалат емисијата на јаглеродни гасови. Им помагаме на фармерите и земјоделските здруженија подобро да ги разберат влијанијата на климатските промени и како да ги штитат своите инвестиции, – истакна Бејли во обраќање на отворањето на конференцијата.
Според него, САД преземале историски чекори да ги намалат емисиите на штетни гасови.
– Во март најавивме намалување на емисиите од 26 до 28 отсто, до ниво пред 2005 година. Имаме тројно повеќе струја од ветер и над 20 пати повеќе соларна енергија. Имаме сериозни стандарди за економичност и за 20 години ќе се удвои економичноста на автомобилите. Имаме строги стандарди за штедење енергија кај апаратите во домаќинството, – рече Бејли.
Директорот на Милиеуконтакт Игор Славкоски смета дека ефективна акција за намалување на овој глобален проблем претставува и преземањето индивидуална одговорност и делувањето локално. Преку проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени, тој информира дека се вклучени 10 општини во Македонија.
– Во четири општини, Теарце, Богданци, Пехчево и Кривогаштани развиена е консензуална стратегија и акциски план за справување со климатските промени и ублажување на ефектите предизвикани од нив. Во тек е процесот на изработка на стратегии на уште четири општини, Боговиње, Маврово – Ростуша, Виница и Студеничани, а денеска на проектот ќе се приклучат и оптшините Прилеп и Делчево, информира Спавкоски. Имплементацијата на проектот, појасни тој, овозможува зголемување на општинските капацитети за приспособување кон климатските промени.
Пехчево, според градоначалникот Игор Поповски, е првата општина во Македонија која подготвила и веќе спроведува стратегија за климатски промени.
– Имаме план и водич како да се справиме со дадените климатски промени во нашата општина. Некои активности ги завршивме, некои се уште ги реализираме, а други допрва ќе треба да ги реализираме. Конкретно, ставивме термофасади на неколку институции, сменивме термостатски вентили во институции, во Домот на културата поставивме парно греење, ги сменивме сите улични светилки со штедливи. Предвидуваме и други активности како регулирање на речните корита. Во селата имаме доста проблеми со поплавите кои ги регулираме еден по еден, – изјави Поповски.
САД преку проектот на УСАИД за подготовка на општински стратегии за справување со климатскит епромени, ќе инвестира 3.080.000 долари за различни активности во избраните општини.