Утре во Археолошкиот музеј на Македонија (петок, 12 ч.) ќе се одржи меѓународната археолошка конференција „One Step Beyond: А Multidisciplinary Approach in Archaeology”. На конференцијата ќе учествуваат повеќе истакнати истражувачи од Карловиот универзитет, Универзитетот на Јужна Бохемија, Универзитетот во Хајделберг, Природно-математичкиот факултет од Скопје, Археолошкиот музеј на Македонија, Градскиот музеј – Скопје и Универзитетот „Евро Балкан”.
Учесниците на конференцијата ќе ги презентираат најновите сознанија поврзани со научните пристапи кои се користат во археологијата и кои излегуваат надвор од елементарните археолошки методи. Преку нивните реферати ќе биде образложена примената на геофизичките, хемиските, палеоботаничките, археометриските, математичките и археолошките методи со помош на кои се прави многу потемелна и доследна реконструкција на околината и животот на луѓето во предисторијата.
Притоа, ќе бидат претставени разни истражувања вршени на повеќе локалитети во Чешка, Србија, Турција и Македонија, од каде се добиени сосем нови податоци за формите на растенија и храна, видовите животни, природната околина, мерните единици и хемиските својства на керамичките предмети.
Оваа конференција е резултат од научната соработка меѓу македонските и чешките археолози чија цел е да ги проучуваат геолошките процеси и формите на вегетација и храна присутни на неолитските локалитети во Пелагонија. Предвидено е резултатите од истражувањата и конференцијата да бидат публикувани во неколку меѓународни научни списанија. На тој начин ќе се презентираат придобивките на новите археолошки методи и меѓународните соработки, а воедно ќе се истакнат и специфичните обележја на предисториското културно наследство од Македонија.