Денес (4 август) во 20 часот, во НУ Музеј Куманово, ќе биде отворена групната изложба „Нашата Фукушима“ на која со свои дела учествуваат стотина уметници од 21 држава.
Изложбата е дел од меѓународниот проект „Gogyoshi Art“ и на средината на септември ќе биде пренесена во Скопје на две локации, Галеријата „KO-РА“ во Домот на култура „Кочо Рацин“ и галеријата „Флукс“.
На изложбата учествуваат 86 уметници и 36 ученици. Учениците ги менторираат професорите Валентина Јовановска, Кармен Хемелс и Сесил Диеркс од кумановската гимназија „Гоце Делчев“ и „Het Kwadrant Weert” oд Холандија.
Сите учесници беа поканети да создадат свои дела инспирирани од „гоњоши“ песнитe на јапонски поет Taro Aizu. „Гоњоши“ е името што тој го даде за овој посебен вид поезија напишана во пет линии, ослободена од правила за број на слогови, должина на линија и ритам што го употребува во своите песни.
Проектот „Gogyoshi Art“ беше инициран од страна на Ed Hanssen и Fred van Welie, уметници од Холандија, инспириран од „гоњоши“ песните на Taro Aizu од Фукушима, во кои се зборува за своите соседи, за нивната љубов кон својот град и нуклеарната катастрофа во март 2011 година, што ги принуди да го напуштат градот.
Првата изложба беше одржана во ноември 2012 година во Холандија, на која учествуваа 36 уметници. Набргу потоа, проектот привлече меѓународно внимание и две групи: PAS од Португалија и „ArtNations” од Германија се приклучија на проектот и бројот на учесниците постојано растеше. Од првите 32 уметници, учесници на првата изложба, денес бројот достигна на повеќе од 430 уметници од целиот свет.
Според концептот на иницијаторите, Ед Хансен и Фред ван Вели, организирањето на проектот се одвива преку Фејсбук групите креирани за таа цел – GAPi, PAS и Artnationс. Уметниците заинтересирани за учество потребно е да се зачленат во GAPi, ФБ групата од каде ги добиваат сите информации за наредните изданија на проектот.
Целта на овој проект е да се подигне свеста за проблемите кои се уште постојат во Фукушима, иако во Европа и другите делови на светот, несреќата била наскоро заборавена и целта на проектот е, преку делата на уметниците, да ги потсети луѓето на ситуацијата во земјата која е далеку од тука, Јапонија. Со организирање на изложби во различни земји, овој проект има за цел да го привлече вниманието на светските лидери на опасностите и несреќите кои можат да бидат предизвикани од неконтролираната потреба на нуклеарната енергија, со акцент на човечки трагедии како резултат на последиците.