Од 5-ти до 8-ми ноември оваа година во престижниот амбиент на изложбениот простор Carrousel du Louvre, кој е составен дел од познатиот музеј Лувр ќе се одржи Меѓународниот саем за културно наследство.
Овој саем со традиција повеќе од дваесет години во Париз е настан кој ги обединува професионалците од областа на заштитата на материјалното и нематеријалното културно наследство од цел свет.
Република Македонија за прв пат ќе учествува на овој голем меѓународен саем, а ќе биде претставувана од Управата за заштита на културното наследство. На штандот посветен на нашата земја ќе биде презентирано богатото културно наследство преку публикации, видеа и други видови промотивни материјали. Во фокус ќе бидат најпознатите археолошки наоѓалишта, како Скупи, Стоби, Хераклеја, Цареви Кули, Стибера, Старо Бонче, Тетовско Кале, Скопско Кале и други, а свој дел ќе имаат и најзначајните средновековни цркви, манастири, џамии и други сакарлали објекти. Некои градови и природни богатства на Македонија, исто така, ќе бидат дел од презентациите. Во рамки на презентацијата на македонското културно наследство ќе има и дегустација на домашни вина.
Меѓународниот саем за културно наследство во Париз се одржува во организација на Ateliers d’Art de France, познато здружение на француски занаетчии, кое е формирано уште од 1868 година.
Саемот секоја година привлекува голем број посетители од сферата на заштитата на културното наследство, архитекти, историчари на уметност, занаетчии и археолози. На минатогодишното издание биле присутни над 24 илијади посетители од цел свет и 325 изложувачи: реставратори на уметнички дела, институции од областа на културното наследство, менаџери, локалните институции, здруженија , училишта и друго. Учесници на саемот се земјите од цел свет, меѓу кои: Кина, Јапонија, Германија, Русија, Италија, Шпанија, Белгија и други., но и ICOMOS и UNESKO.