Данска го гради најдолгиот подводен тунел во светот, кој под Балтичкото Море ќе ја поврзе со Германија. За неколку години, тунелот Фемарнбелт ќе го скрати 45-минутното патување со траект на само седум минути со воз.
Цената на проектот е околу осум милијарди долари, а покрај железничкото поврзување, тунелот ќе има и автопат со четири ленти. Не само што ќе биде најдолгиот подводен тунел, туку и најдолгиот железничко – автомобилски тунел во светот.
Кралот Фредерик Десетти го посети градилиштето по повод поставувањето на првиот бетонски сегмент долг 217 метри, а до крајот на проектот ќе ги има вкупно 79.
Вкупната должина на тунелот ќе биде 18 километри, а се работи за таканаречен „потопен“ тип на тунел. Ќе биде поставен на дното на Балтичкото Море во ров широк 40 до 50 метри и длабок од 12 до 15 метри.
Тунелот е клучна компонента на Скандинавско-медитеранскиот коридор, транспортна мрежа која се протега на речиси 5.000 километри од Средоземното Море до Финска. Коридорот го преминува океанот и минува низ Алпите, но кога ќе стигне до Скандинавија, мореузот Фемарн ги принудува патниците да заобиколат 450 километри.
Планираната железничко – автомобилска врска ќе го скрати патувањето од Хамбург до Копенхаген од пет на помалку од три часа, а она за што на траектот му се потребни 45 минути, со автомобил ќе се минува за десет, а со воз за седум минути.
Сообраќајот во подводниот тунел ќе се одвива низ одвоении тунелски цевки, по една за секој правец. Ќе има и лента за итни случаи, а тунелот постојано ќе го надгледуваат камери од контролен центар во Копенхаген.