Сместена на стрмен, карпест рид покриен со медитеранска вегетација, на шпанскиот остров Мајорка, проектирана е куќа наречена „Can Caniis“, потпишана од архитектонското студио „Architectures Caballero Colon“. Оваа вила се простира на површина од 240 квадратни метри и е проектирана како четири скулптурални кутии наредени под агол, една над друга како тетрис. Она што ја прави оваа куќа уште попосебна се прозорците низ целата ширина на овие „кутии“ кои го истакнуваат погледот кон заливот Каниамел, правејќи ја архитектурата на вилата и нејзиниот пејзаж испреплетени како неразделна целина.
Биоклиматски паметна, вилата се состои од полуподземен дел кој помага во одржување на пониска, внатрешна температура. Дополнително, позиционирањето на „кутиите“, прозорците и фасадните материјали, заедно со мала внатрешна тераса, овозможува создавање на разлика во притисокот за да се создаде лесно ветре од свеж воздух низ целата куќа.
До вилата на ридот се пристапува на два начина: со кривулести скали или со користење на лифт во подножјето кој води директно до главниот влез.
Веднаш штом ќе се премине влезниот праг на оваа куќа, станарите ги дочекува првиот поглед на прекрасниот залив, кој е врамен, како слика, со прозорците на трпезаријата и дневната соба. Овие прекрасни погледи се константа што ја карактеризира секоја просторија од куќата.
Сите прозорци во овој дел од куќата се подвижни, трансформирајќи ја дневната соба и трпезаријата во надворешен простор, од каде што може да се пристапи до прекрасниот infinity базен.
Трпезаријата ја красат маса од дрво јасен и плетени столови кои се само едно парче мебел со чисти и едноставни линии, од кои многу по мерка ги дизајнирале архитектите.
Материјалите на ѕидовите во ентериерот се движат од бел варов малтер до локален блед песочник познат како mares – модерна интерпретација на традиционалните шпански бетонски плочки. На првото ниво на куќата, веднаш до трпезаријата и дневната соба, е и кујната, оставата, и спалната соба со сопствено купатило.
Украсена со цементни подни плочки кои ги отсликуваат нијансите на пејзажот, кујната добива бои карактеристични за архитектонската традиција на островот. Кујнските елементи се во бело, како и кујнскиот остров, кој може да се трансформира во бар-маса.
За шармот на оваа просторија придонесува и дрвото кое било таму пред изградбата на вилата, а е зачувано и врамено со стаклен ѕид и се протега низ целата висина на куќата.
Посебната карактеристика на спалните соби се состои од сопствена туш кабина, оградена со стаклени sидови, како и минимални елементи мебел кои слободно се дистрибуирани во просторот и овозможуваат уживање во пејзажот од која било точка на собата. Белите завеси се поставувени околу туш кабината за да се постигне потребната интимност.
До второто ниво на куќата се пристапува по скалите до влезната врата, каде има уште две спални соби со сопствено купатило. Во ходникот на второто ниво, подовите се дрвени, додека за спалните соби архитектите избрале микроцементен под.
Главната спална соба на второто ниво има волшебен поглед на заливот преку прозорец со ширина на целата просторија, додека од страната има помали прозорци кои овозможуваат свеж воздух и ветре за време на спиењето.
Во согласност со дизајнот на ентериерот, од другата страна на спалната соба, креирана е бања од отворен тип, која обезбедува доволна слобода, но и неопходна интимност на туширање под отворено небо.
Caballero Colon Architects за оваа куќа освоиле прва награда на Global Future Design Awards, Architecture MasterPrize и S.Arch Awards 2020 во категоријата резиденцијална архитектура.