Најмалку 85 донатори на сперма во Холандија зачнале 25 или повеќе деца, а новооткриените практики во клиниките за плодност покажале бројни прекршувања на правилата кои експертите ги нарекуваат „медицинска катастрофа“.
Националната организација за гинекологија и акушерство објави дека многу клиники намерно користеле сперма од исти донатори повеќе од 25 пати, дури и менувале примероци и им дозволувале на истите мажи да донираат сперма на повеќе клиники.
„Бројот на таканаречените масовни донатори треба да биде нула. Тие воопшто не треба да постојат. Во име на целата наша професија сакаме да се извиниме. Не работевме како што требаше“, изјави гинекологот Мариеке Шуненберг.
Законот наменет да го намали ризикот од инцест за кој не може да се знае и роднинското размножување, забранува донаторите да зачнуваат повеќе од 25 деца уште од 1992 година, но неговата имплементација се покажа како проблематична поради строгите закони за приватност.
Ограничувањето е намалена од 25 на 12 деца во 2018 година, но националниот регистар на донатори и мајки со коден систем кој гарантира дека спермата од исти донатори не може да се користи при повеќекратно зачнување започна со работа дури сега во април.
„Резултатот е дека сега, за прв пат, имаме точен број на деца по донатор“, вели Шуненберг.
Од 2004 година, кога правото на донаторот на анонимност е укинато, податоците покажуваат дека имало најмалку 85 „масовни“ донатори, односно оние кои имале најмалку 25 зачнувањеа со нивната сперма.
Повеќето од нив станале биолошки татковци на 26 до 40 деца, но има и неколку кои станале татковци на 50 до 75 деца. Меѓу нив има и лекари за плодност, меѓу кои и Јан Карбат, кој незаконски користел сопствена сперма и зачнал најмалку 81 дете во неговата клиника.
„Најплоден“ донатор е Јонатан Јакоб Мејер, за кого е снимен документарен филм на Нетфликс. Наречен „Човек со 1.000 деца“, Мејер има најмалку 550 деца ширум светот, а повеќе од стотина во холандските клиники.