Во организација на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ – Скопје и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, во периодот од 30 јуни до 7 јули се реализираше шесттата по ред Меѓународна летна школа за архитектура во Охрид.
Праксата на учество на докажани гости, тутори од странство ја поддржа овогодинешниот професор гостин, раководител на школата, Митеш Диксит, професор по архитектура на Syracuse University, New York и основач на архитектонското студио DOMAIN OFFICE од New York.
Митеш Диксит го основал архитектонското студио DOMAIN OFFICE во 2012 година. По завршувањето нa основни и дипломски студии на политичи науки и филозофија, Диксит завршува мастер студии во областа на архитектурата при Washington University во St. Louis. Својата кариера ја започнува во Сан Франциско во архитектонското биро SOM (Skidmore, Owings & Мerril). Пред основањето на DOMAIN OFFICE, Диксит соработува со Рем Колхас во OMA (Оffice for Metropolitan Architecture) како проект-лидер на многу меѓународни проекти меѓу кои се вбројуваат MahaNaKhon Tower во Банкок, Commonwealth Institute во Лондон, Kuala Lumpur Financial District во Малезија.
Во 2011 година се приклучува на Техничкиот универзитет во Делфт (TU Delft) во Холандија, како гостин професор на „Kатедрата за архитектура, урбанизам и критичка теорија“, а од 2013 до 2016 година станува и уредник на „Катедрата за комплексни проекти“ (Chair for Complex Projects) при TU Delft. Од 2017 година е професор по архитектура на Syracuse University, New York каде во својата работа со студенти се посветува на истражување и развивање на нови методи на архитектонската илустрација при процесот на мапирање и територијално документирање. Дел од неговите педагошки истражувања со фокус на методите кои последно ги разработува беа дел настанот „Материјални контури / изложба на територијални истражувања“ (http://marh.mk/materijalni-konturi-2/) кој се одржа во киното на железничка зграда во Скопје, минатиот месец.
,,Материјални контури“ продолжува да опстојува и како официјален наслов на Летната школа во Охрид, бидејќи оваа година таа не претставува автономен настан, туку има за цел да се надоврзе на едногодишниот процес на соработка инициран од заедничкиот интерес за територијалниот размер изразен во работата на професор Диксит и кабинетот за Урбан дизајн на Факултет за архитектура и дизајн при Универзитет Американ Колеџ – Скопје.
Темата која ја разработуваше зависноста помеѓу територијалните истражувања и архитектурата беше разгледувана врз територијата на градот Охрид на оската/аксијалата од село Косел и неговото опкружување па сè до точката на пенетрација на оваа оска во езерото преку главното градско пристаниште. Оваа линија е поставена како стартна позиција за создавање на понатамошни стратегии на развој на регионот, во кои од неа ќе произлезат идните методи на продуктивност, генеративност и структурален раст на контекстот. Со помош на аналогна картографија, анализа и физичка документација се проучуваше територијалната комплексност, преку сепарација и испитување на слоевите/процесите, нивните составни елементи и како тие можат да информираат за тоа што следува (генерални гестови или индивидуални обиди).
Работата на студентите беше структурирана во две работни групи кои истовремено ги истражуваа контекстуалните слоеви на: типологија, мобилност и транспорт, услови на крајбрежјето, топографија и пејзаж, морфологија и компаративен размер. Индивидуалните документациски истражувања резултираа со еден синтезен цртеж/приказ на целината во форма на нов стратешки план за град Охрид и пет поединечни слики од слоевите кои се истражувани заедно со сите негови елементи, поставени во релација со останатите сегменти на оската. Освен својот фокус на работа, индивидуалецот истовремено беше поставен во комплетна релација со својата група, но и со сродниот соработник од соседната група со кого го документираа истиот процес. Вака поставениот структурален микс на индивидуи резултираше со интензивна соработка и непредвидливи насоки во текот на процесот, а самото тоа го донесе финалниот резултат до крајно позитивни екстреми.
Специјален гостин и предавач на школата беше Џејмс Весткот (James Westcott), писател и уредник од Велика Британија, за архитектонскиот свет попознат како соработник на Рем Колхас (Rem Koolhas) и автор на биографијата на Марина Абрамович „When Marina Abramovic dies“, а негови дела за уметност, архитектура и култура се објавени во Guardian, the New York Times и Aeon помеѓу останатите. За времетраењето на школата Весткот го одржа неговото предавање на тема „Anthropocene and Domus“ во кое се осврна на концепциите на пејзажот, фокусирајќи се на два историски пресврти. Прво, неодамнешното тврдење дека живееме во нова епоха, антропоцен, при што влијанието на човековата активност на планетата е толку големо што ќе остави географски траен белег. Потоа, потпирајќи се на неговата соработка со Кевин Меклеод (Kevin McLeod), Весткот се враќа во времето на неолитот, како појдовна точка на припитомување на човечкиот род – практика на живеење во повеќе или помалку постојани живеалишта – и како тоа предизвика нови практики кои почнаа да го редефинираат „пејзажот“ во „земја“ која е во нечија сопственост и се експлоатира.
Во текот на неделата беа одржани и три затворени предавања за студентите од професор Диксит (The birth of suspicion, Freedom и Critical cartography) во чиј склоп се задаваа и материјали за читање и дискусија.
Процесот на работа беше заокружен со јавно организирана изложба во галерија Робевци, која беше отворена со предавањето „On Process“ во кое професор Диксит преку анализа на два проекта од различна архитектонска типологија, контекст и локација ја илустрира тенденцијата и копнежот на архитектонското студио DOMAIN OFFICE во потрага по „нова“ дефиниција во праксата. На изложбата беа презентирани сите развојни фази на истражувањето спроведено на територија на Охрид, на што следуваше и јавна презентација на која студентите ги образложија своите предлози.
Декан: проф. Мишко Ралев
Продекан: проф. Викторија Еремеева
Управител на Летната школа: проф. Митеш Диксит
Директор на Летната школа: Максим Наумовски
Гостин предавач: Џејмс Весткот
Тутори: Љупчо Јованов, Ана Велинова, Нина Карангелевска-Тодоровска, Павел Вељаноски
Студенти: Александар Блажевски, Мартела Златку, Срна Давитковска, Кире Ташев, Мирослав Пејовски, Валбона Седалиу, Светлана Данилова, Денис Изаири, Едона Османи, Емилија Стојаноска, Мартина Пенева, Катерина Колчаковска, Михаела Китановска.