Реномираниот дизајнер, Марсел Вандерс, ја претстави својата прва колекција за FENDI Casa. Познатите дизајнерски детали што можат да бидат видени во модните архиви на брендот се суптилно и внимателно трансформирани во плафонска, подна или столна расвета. Инспириран од италијанското наследство, уметност, култура и занаетчиство, Вандерс користел локално набавено Мурано стакло.
Колекцијата светла создадена за FENDI Casa, го комбинира наследството на италијанските мајстори со современиот дизајн и традиционалните техники дување стакло Мурано. Рачно изрезбаните линии се создадени со користење на класичната техника филигран, како референца за иконичниот pequin дезен по кој е позната куќата на модата, Fendi.
Покрај тоа, заоблените делови на секое парче расвета се почит на седиштето на FENDI лоцирано на плоштадот Palazzo della Civilta. Класично италијанска и безвременски модерна, оваа колекција на расвета ќе го најде своето место во секој дел од домот – без разлика дали тоа е декадентна дневна соба, сензуална спална соба или работна соба каде што може да се опушти и да ужива во пријатното осветлување.