Овој објект опкружен со шума е длабоко вкоренет во мароканската архитектура, но со печатот на прославеното биро Populous.
Стадионот наречен Grand Stade Hassan II, кој ќе се гради недалеку од Казабланка, проектиран е со цел да стане најголемиот фудбалски стадион во светот, со планиран капацитет од 115.000 седишта.
Проектот започнува точно на време за да биде завршен до 2030 година, кога Мароко треба да биде еден од домаќините на 24. ФИФА Светско првенство.
Инспирирана од традиционалниот марокански тип на собирање познат како „moussem“, каде што групи Мароканци се собираат заради културна размена, структурата на кровот е проектирана да личи на голем шатор, поставен во шумовитата околина на Казабланка.
Опкружен со шума, проѕирниот кров на стадионот ќе биде направен од алуминиумска решетка, подигната на рабовите за да се создаде серија монументални влезови.
Подготовките на оваа локација од 100 хектари започнаа во октомври 2023 година, а стадионот го проектирале архитектите од париското биро Oualalou + Choi и глобалниот лидер во проектирање спортски објекти, Populous.
Вкоренет во мароканската архитектура
„Grand Stade Hassan II е длабоко вкоренет во мароканската архитектура, заедно со нејзините традиции и современи изрази. Тој е вкоренет во антички и исконски фигури: moussem, шатор и градина, како и во топографијата и пејзажите на Мароко“, изјави за Euronews Tarik Oualalou, главен проектант и основач на Oualalou + Choi.
„Тоа е великодушен простор, отворен за светот, кој носи почит кон природата што ја штити. Grand Stade Hassan II во Казабланка е олицетворение на големата традиција на мароканското гостопримство“, додаде Oualalou, кој е и главен архитект на овој проект.
Интеракција помеѓу стадионот и природата
Околу главната зграда на стадионот Hassan II сместени се групи градини каде има помали спортски терени и комплекси.
Оваа „зелена оаза“ вклучува ботанички градини за да додаде ново ниво на интеракција помеѓу стадионот и околната природа на неговата локација, 38 километри северно од Казабланка.
Веќе предвиден за одржување на финалето
Африканската држава Мароко ќе биде домаќин на турнирот заедно со Португалија и Шпанија, а стадионот во Казабланка веќе е предвиден за одржување на финалето и по изградбата би требало да го надмине актуелниот рекордер, Стадионот 1. Мај во Пјонгјанг, Северна Кореја, кој може да прими 114.000 гледачи.